Историја

На 19 мај 1910 година роден е народниот херој Љупчо Арсов, со партизанско име Гоце (Делчев), потпретседател на првата Влада на Македонија

Љупчо Арсов - Народен херој и жртва на бугарските затвори

На 19 мај 1910 година во Штип е роден народниот херој Љупчо Арсов, кој како партизан во НОБ го носел псевдонимот Гоце, според македонскиот великан Гоце Делчев, како и повеќемина други борци против фашистичкиот окупатор кои за партизански имиња избирале личности од Илинденскиот период на Македонија.

Арсов на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ, а потоа станал и првиот потпретседател на Владата на Македонија. Во подоцнежниот социјалистички период бил министер за труд во сојузната влада на СФРЈ, претседател на Извршниот совет на Собранието на Македонија, а од 1979 до 1982 година претседател на Претседателството на СР Македонија.

Тој по завршувањето на основното образование во Штип, школувањето го продолжил во Загреб, каде во 1932 година ја завршил комерцијалната и економска школа. Потоа извесен период во Кралска Југославија бил на служба во Белград во Државната хипотекарна банка, подоцна и во Ваљево, каде ја вршел истата служба. Арсов станал член на Комунистичката партија во 1940 г.

По капитулацијата на Кралска Југославија, и фашистичката окупација во 1941 година, се вратил во Македонија. Најпрво работел во Штип, а подоцна добил задача да замине во Битола, каде работел на формирање на воен штаб, собирање борци и оружје за партизански одреди, за започнување оружена борба против окупаторот.

Летото во 1942 година бил уапсен од бугарската окупаторска власт и бил интерниран во Бугарија, каде во затвор останал до март 1943 година. По излегување од затвор продолжил со партиско – политичка работа. Во тој период во Македонија дошол партискиот инструктор на КПЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, а токму тогаш во Штип се случиле неколку провали, од кои најтешка била разбивањето на партизанскиот одред Гоце Делчев.

На предлог на Темпо, Арсов станал секретар на ОК на КПЈ за Македонија во Штип, а брзо потоа успеал да го консолидира разбиениот одред Гоце Делчев.

Во јули 1943 година, кога Окружниот комитет на партијата одржувал состанок во една куќа, окупациската полиција успеала да дознае за тајната и ја окупирала куќата. По битката со стотина полицајци, неколку членови на комитетот загинале, меѓу кои и народниот херој Славчо Стојменски.

Арсов успеал да се пробие низ полицискиот обрач, но веќе било невозможно да дејствува во Штип. Поради тоа добил задача да замине во Скопје, каде како член на Обласниот комитет на КПМ бил назначен за комесар на Првата оперативна зона. Арсов дејствувал на Скопска Црна Гора и на Козјак.

Подоцна од Скопска Црна Гора се префрлил во Врањскиот партизански одред, па со една чета од тој одред се вратил назад со цел да ја присоедини со кумановскиот одред.

Во декември 1943 година повторно дошол во Скопје, каде бил избран за член на ОК на КПМ и секретар на месниот комитет, а од август 1944 година станал член на ЦК КПМ.

По завршувањето на војната, се до неговата смрт на 18 ноември 1986 година во Скопје, извршувал повеќе функции во Македонија и во тогашна СФРЈ.

(Подготвил: Д. Г.)

Најново од: Историја

Полскиот лингвист Мјечислав Малецки уште во 1934 година пишува за посебноста на македонскиот јазик

Полскиот лингвист и славист Мјечислав Малецки (1903–1946) оставил значајно научно сведоштво за македонските говори и нивната јазична посебност. Во своето дело „Два македонски говора“, објавено во Краков во 1934 година, ги истражувал говорите на селата Сухо и Висока во Солунско, во егејскиот дел на Македонија. Проучувајќи го живиот говор на месното население, Малецки ги разгледувал […]

Славе Катин – Географски карактеристики на Балканот

Името „Балкан“ е од подоцнешен датум, по стариот италијански Бог на огнот Вулканус, првенствено Бог на вулканскиот оган, а подоцна и Бог на ковачката вештина. Ова име се однесува на планината Хем и на целиот полуостров. Погрешно е да се смета дека е од турско потекло. Науката за Балканот е балканологијата, која е основана во […]

Американското училиште во Битола (1865–1913) за народноста на Македонците

„Писмо на битолскиот областен инспектор од 1913 година во кое го информира надлежниот министер дека училиштето на американската мисија во Битола му испратило список на ученици кои по народност биле „Македонци“, нешто друго од народноста „Србин“.“ Ова американско училиште во Битола било отворено во 1865 или во 1873 година. На почетокот било наменето за девојчиња, […]

Солун 1912: грчкиот весник напишал — „Солун освоен со меч“

Една насловна страница од грчкиот весник „Πατρίς“, објавена на 27 октомври 1912 година, отвора непријатно прашање за современиот грчки историски наратив. На неа, со големи букви, пишува: „Η ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ ΚΑΤΕΚΤΗΘΗ ΧΘΕΣ ΔΙΑ ΤΟΥ ΞΙΦΟΥΣ“ Во превод: „Солун вчера беше освоен со меч.“ Ова не е македонска интерпретација, ниту современа пропаганда. Тоа се зборови отпечатени во […]

Доброволците од Гостиварско во Македонско-одринското доброволство 1912–1913

Архивските списоци откриваат имиња на луѓе од Гостивар и гостиварските села кои во годините на Балканските војни биле заведени како ополченци, односно доброволци. Балканските војни, 1912–1913 година, кај многу Македонци разбудиле надеж дека конечно доаѓа ослободување на Македонија од османлиската власт. Голем број обични луѓе, меѓу кои печалбари, занаетчии и работници, се приклучиле како доброволци, […]

Документи за присилните иселувања од Пиринска Македонија

Два извештаи од 1952 година ја бележат судбината на стотици семејства Два документа, како извештаи од архивите на бугарската Државна безбедност, содржат податоци за присилно иселување семејства од Пиринска Македонија. Во нив репресијата се оправдува со зајакнување на границата, а погодените луѓе се заведуваат како „предавници на татковината“ и „непријателски елементи“. Според пренесената содржина, извештаите […]

Македонија во 1919 година: надежта за автономија и очекувањата од Америка

„Лидерите на големите сили на Париската мировна конференција, 27 мај 1919 година, на која се разгледувало и македонското прашање.“ Извадок  на оперативниот дневник на Врховната команда на Кралството СХС зборува за обединета автономна Македонија со центар во Солун, петиции до Вилсон и надеж во американска помош. Дипломатските документи го потврдуваат постоењето иницијативи за автономија. По […]

МУТАЦИИ НА БУГАРСКИОТ СИНДРОМ

Кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Пропаѓаш. Токму тоа ѝ се случува на Бугарија, во безумностите против Македонија. Се залетаа и бараа да се согласиме дека нашите татковци и дедовци биле „Бугари“, што значи дека и ние сме тоа, и дека сите сме зборувале бугарски дијалект! Ем ние „Бугари“, ем јазикот нивен. Така […]

To top