Македонски легенди

Стојан Христов

„Ние сме посвоени синови и ќерки на Америка и на другите држави во светот, но Македонија е родена наша мајка и ние не можеме да ја заборавиме“ – велеше Стојан Христов, македонскиот печалбар од Кономлади, Костурско Егејска Македонија кој стана американски писател, новинар и сенатор.

Стојан Христов (1898 – 1996) – македонскиот печалбар што стана американски писател, новинар и сенатор

Од Кономлади, Костурско, до Америка, Стојан Христов го понесе во себе македонското име, страдањето на печалбарите и љубовта кон родната земја. Неговото дело останува трајно сведоштво за судбината на Македонците во светот.

Стојан Христов е американски писател, публицист, новинар и сенатор од македонско потекло. Роден е во селото Кономлади, Костурско, во Егејска Македонија. Како дете ја почувствувал тешката судбина на македонскиот народ во времиња на сиромаштија, притисоци и политички неизвесности, а таа судбина подоцна ќе стане една од главните теми во неговото книжевно и публицистичко творештво.

Во 1911 година, на само тринаесетгодишна возраст, заедно со група селани и спротивно на волјата на своите родители, заминал на печалба во Америка. Како и многу Македонци од тоа време, Христов го напуштил родниот крај поради неподносливата економска и политичка состојба во Македонија. Патот кон Америка за него не бил само географско патување, туку почеток на еден тежок животен подвиг, исполнет со глад, работа, осаменост, страдање, но и со силна волја за образование и духовно издигнување.

Во Америка најпрво работел како физички работник во ложарница во градот Сент Луис, а потоа и на изградба на железничката линија во снежните предели на сојузната држава Монтана. Токму таму се соочил со сурови услови во кои многу македонски печалбари ги оставиле своите коски. Подоцна, тие маки и страдања Христов ќе ги опише со потресна сила, споредувајќи ги со страдањата од „Пеколот“ на Данте Алигиери.

Своето искуство како македонски печалбар, како човек што ја напуштил родната земја, но никогаш не ја заборавил, Христов го преточил во своите автобиографско-мемоарски дела: „Ова е мојата татковина“ (1938), „Мојот американски аџилак“ (1947) и „Орелот и Штркот“ (1976). Во нив се препознава личната драма на авторот, но и колективната судбина на илјадници Македонци што во почетокот на XX век ја барале својата егзистенција далеку од родниот крај.

Со упорност, читање и изучување на англискиот јазик, Христов успеал да го продолжи своето образование. Се преселил во Чикаго, а потоа се запишал на универзитетот „Валпараизо“ во Индијана. Но, поради недостиг на средства, повторно морал да се врати на тешката физичка работа, заминувајќи со група од дванаесетмина Македонци на железничките линии во Монтана.

По завршувањето на студиите, Стојан Христов се вработил како новинар во познати американски весници, меѓу кои „Њујорк тајмс“ и „Чикаго дејли њус“. Бил воен кореспондент од Балканот во периодот од 1927 до 1929 година, а потоа живеел и работел како слободен писател во Њујорк, од 1929 до 1941 година.

Во 1937 година се оженил со Маргарет Вутерс. Заедно живееле во Филаделфија, Калифорнија и Вашингтон, пред да се преселат во Вермонт, каде што Христов подоцна ќе биде избран и за сенатор.

Во годините 1943 и 1944, за време на Втората светска војна, Христов работел во Пентагон, во оддел задолжен за известување и анализа на балканското и партизанското движење. Од таа позиција тој значајно придонел за ширење на вистината за историската самобитност на македонскиот народ, за неговите поробувања, поделби и антифашистичка борба, како и за создавањето на Македонската Република во рамките на југословенската федерација.

Како сенатор, Стојан Христов сам ги пишувал своите говори и се залагал против каква било дискриминација што би можела да биде озаконета во Уставот на Вермонт. Неговата јавна дејност била обележана со достоинство, принципиелност и почит кон човековите права.

Од 1925 до 1974 година Христов напишал и објавил повеќе од стотина литературни раскази, публицистички трудови и текстови посветени на културата, традицијата и судбината на балканските народи. Меѓу неговите познати дела се: „Херои и убијци“ (1935), „Мара“ (1937), „Ова е мојата татковина“ (1938), „Лавот од Јанина“ (1941), „Мојот американски аџилак“ (1947) и „Орелот и Штркот“ (1976).

Во 1953 година, на покана на Лазар Колишевски, Стојан Христов со својата сопруга Маргарет ја посетил Македонија, како гостин на Матицата на иселениците на Република Македонија и на Друштвото на писателите на Македонија. Таа посета ја оценил како еден од највозбудливите моменти во својот живот.

Друг голем миг во неговиот живот било сознанието дека неговата автобиографска книга „Ова е мојата татковина“ била најдена на канцелариската маса во Белата куќа на американскиот претседател Франклин Делано Рузвелт веднаш по неговата смрт. Тој податок дополнително го потврдил значењето на Христов во американската јавност.

При својата втора посета на Македонија, во 1985 година, Стојан Христов бил прогласен за почесен доктор по филологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Една година подоцна била основана Фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“, а Христов бил примен и за член на Македонската академија на науките и уметностите и за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

Посебно место во проучувањето на неговиот живот и дело има професорката д-р Даница Цветановска, која докторирала на темата „Стојан Христов – живот и дело“ и објавила книга со ист наслов. Во фелтонот „Нераскажана приказна за Стојан Христов“, објавен во „Нова Македонија“, д-р Цветановска ги пренесува сведоштвата на Маргарет Христова за последните денови од животот на нејзиниот сопруг, за неговата оставнина, како и за писмата што ги добивал и испраќал до многу познати личности во Америка и светот.

За неговата смрт, Маргарет Христова сведочела:

„Стојан почина на 24 јануари 1996 година. Тој смртта ја дочека дома со зборовите ‘мајко, мајко’ на македонски јазик. Кога Стојан го погребувавме, и времето плачеше по него. Силната снежна виулица беше придружник на скромниот погреб на великанот Стојан Христов.“

Градот Довер му се оддолжил на Стојан Христов со поставување спомен-плоча пред градското собрание. По неговата смрт, македонската јавност загуби голем човек, писател, публицист и новинар, чие дело има непроценлива вредност за историјата и културата на македонскиот народ.

Во писмото што тогашниот претседател Бранко Црвенковски го испратил до вдовицата Маргарет Христова, меѓу другото било истакнато дека големото дело на Стојан Христов треба да го заземе заслуженото место во македонската ризница на духовни вредности.

По повод доделувањето на титулата „почесен доктор“ на Стојан Христов, академик Гане Тодоровски во својата воведна реч истакнал дека Македонците треба да се гордеат со писатели како Христов – творци што припаѓаат и на Македонија и на светот. Тој го поставил Христов во редот на големите личности кои со своето дело ги надминале тесните граници и станале дел од поширокото културно наследство.

Стојан Христов, пак, во една пригода пред македонските новинари рекол:

„Ние сме посвоени синови и ќерки на Америка и на другите држави во светот, но Македонија е родена наша мајка и ние не можеме да ја заборавиме.“

Таа реченица можеби најдобро ја открива неговата животна вистина. Христов бил американски писател, новинар и сенатор, но во својата душа останал Македонец – син на Кономлади, син на Македонија и сведок на македонската печалбарска голгота.

Во негова чест, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија ја востанови наградата „Стојан Христов“, која секоја година се доделува за најдобра поетска книга од автор иселеник, во рамките на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“ во Струга.

Меѓу добитниците на оваа награда беше и авторот на овој текст, кој во 2013 година ја доби за стихозбирката „Угрејсонце во мојот сон“. Наградата му ја врачи претставничката на Агенцијата за иселеништво, г-ѓа Лилјана Мицковска.

Стојан Христов останува една од најсветлите личности во македонската иселеничка историја. Неговиот животен пат – од сиромашно македонско дете од Кономлади до признат американски писател, новинар и сенатор – е приказна за страдање, истрајност, достоинство и љубов кон Македонија.

Неговото дело е мост меѓу Македонија и Америка, меѓу печалбарската болка и книжевната вистина, меѓу личната судбина и колективната меморија на македонскиот народ.

Извор: Јунски број 77 во 2026 г. на списанието „Повод“, издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј.

Најново од: Македонски легенди

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Најнови вести

To top