Среда, 04 Јануари 2012    PDF Печати Е-пошта
Без лицемерие

Киро умре, Тито е жив!

КОДОТ НА КИРО ВО БУТЕЛ !

todor_petrov_copy

 

 

 

Пишува: Тодор ПЕТРОВ

Кога би читале политичка историја на Македонија каква што комунистите ни кроеја во ЦК на СКМ со децении во согласност со српско-грчките интереси, ќе кажевме, можеби вистина било. Ама, ниту сме држава со ЦК на СКМ, ниту СКМ е партија на власт, ниту кога и да е ќе биде. Им помина векот. Киро повлече нога. Не е лошо за покојникот и лаф-два да има, ама се изнаслушавме и изнапрочитавме славопојки, да биле само СКМ, Црвенковски, Андов, Малески, Фрчковски на власт та други сведоци ни еден?! Од спој меѓу 1944 и 1991, до Гоце Делчев во минатиот век, Киро Глигоров до денес, до тестаментот на Киро за НАТО и ЕУ, ко на татко му да е па ја остава во наследство земјата некому. Де Киро сакал скромен погреб да не му дошле лицемерите во Бутел. Лигаво, не се гледа, а камо ли да се голта...


Патем, поводот... На 1 јануари 2012 година, почина Киро Глигоров, роден на 3 мај 1917, во историскиот Штип, поранешен Претседател на Република Македонија. Првиот мандат на 27 јануари 1991 година го доби во Собранието при повторено гласање со пазарење за Љубчо Георгиевски како “Потпретседател на претседателот“, а вториот мандат го доби на 19 ноември 1994 на фалсификуваните претседателски избори. Некои можеби не паметат, ама има и живи кои се сеќаваат. Шефот на изборниот штаб на Киро, Тито, влезе во прес-салата на Собранието и уште пред Државната изборна комисија да ги соопшти конечните изборни резултати рече “еве го Претседателот на Македонија“?! Според ДИК Киро доби 715.744, Љубиша 197.210 гласа. 130.810 гласачки ливчиња биле неважечки, ама за противкандидатот Љубиша Георгиевски, така кажа Тито и остана жив. И, Киро експресно стана претседател. Впрочем, никој од “независните“ новинари тогаш не праша ништо. Му веруваа на Тито? Или се плашеа од Киро? Ко брат на овој тазе погребаниот Ким Јонг Ил, им забранија да поставуваат прашања и “независните“ одмолчаа, а имаше многу што да се праша. А, кој смееше, пак, нешто да праша? Како влегоа, така и излегоа, Тито го спроведе до претседателскиот трон и Киро повторно остана Претседател. Функцијата Претседател ја извршуваше до 19 ноември 1999 година.

Која беше цената за Киро? На 150.000 Косовари полицијата им подели македонско државјанство на повторениот попис по куќи, после ги наполнија кутиите без проблем. Се’ поради коалцијата СДСМ-ПДП.

Во мандатот од 1994-1998, поради опозицискиот бојкот на ВМРО-ДПМНЕ и ДП на вторите парламентарни избори, поранешните комунисти владееја суверено, ептен демократски, без опозиција, со апсолутно дво-третинско мнозинство. Ги доизбраа сите судии кои од благодарност им ја легализираа криминалната трансформација, доиспокрадоа се’ од општествената “сечија и ничија“ сопственост, која до вчера како “авангарда на работничката класа“ ја штитеа од “групно-сопственичкото однесување“. Фрази, боли глава. Не, светот не се потресе поради власта без опозиција како полани, кога СДСМ и со мандати бегаше од Собранието, па Брисел го стави тоа како услов за препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ...

... Како и да е, за волја на вистината, поради историјата, точно е дека Киро беше Претседател, но поранешен, а не прв. Лесна му земја, сочуство до фамилијата. За покојникот, велат, се’ најдобро. Мртвите не зборуваат самите за себе оти повеќе ги нема, за нив секогаш зборуваат живите, не заради тие кои заминале, туку поради сопствените фрустрации и амбиции, или како сведоштво за минатото зад нас.

Погребот на Борис Трајковски не можеше да се реплицира. Не оти Трајковски беше подобар од Глигоров, ниту Глигоров е споредлив со Трајковски. Секој со своите вредности. За помладиов, Глигоров дури знаеше да каже “кога дојде Борис кај мене како кандидат за Претседател, му реков, Борисе, во кампањата кажи се’, ама не, оти Бугари сме!“ И Глигоров само еднаш во животот рекол “че е благонадежен“, ама тоа поради адвокатската кариера, разбирливо.

Заедничкото меѓу Киро и Борис, и двајцата беа жртви на атентати. На Киро на 3 октомври 1995 во 9 часот и 50 минути му извршија атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот "Бристол". Службено, се’ уште не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот, но целта беше да пројде промената на знамето и временото обраќање за името, оти ден по атентатот опозицијата требаше да организира најголем протест пред Собранието против ратификацијата на македонско-грчката Привремена согласност. Киро уште не се знаеше дали ќе преживее во Државна, ама Андов за “возот да не замине“ си ја изврши задачата, свика и одржа седница, ратификацијата помина, помина и промената на државното знаме. Физички Киро остана со трајни последици. Му загина шоферот и случаен пешак, подоцна под непознати околности се фрли под воз обезбедувањето, ја отепаа девојката во МВР која била дежурна во петтата управа на скалите во Козле, никој не праша од каде се најде фичото “случајно“ со полицајци што ја забави колоната пред претседателскиот мерцедес, прашање дали се водеше истрага кој го сервисирал мерцедесот со веројатност за вградување на сензор за активирање на експлозивот во амито, Господ знае каде заврши демолираното возило. Фрчковски сигурно не случајно, откако мистериозно исчезна, од самиот почеток погрешно ја наведе целата истрага, ги евидентираа сите хаварисани ами-8 низ градот, прекопаа тони и тони песок низ цело Скопје, едно време фатија хајка по русокоси, тие биле некоја врска со атентаторот, ги сардисаа жените по фризерај за фарбање коси.

На Борис Трајковски, пак, и тогаш беа СДСМ на власт, заедно со 9 членови на екипажот, му “падна“ авионот во близина на Мостар кај Столац, на 26 февруари 2004 во 08 часот и 1 минута, го убија, бидејќи не се согласуваше со владината територијална организација на локалната самоуправа. Борис го испратија на Бутел, остана коалицијата СДСМ-ДУИ! Со Борис во авионот не летнаа еден министер за економија и еден претседателски советник, кој знае зошто?! Кумановци велат “ја си ќуту“...

... Во СДСМ, правни наследници на Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) формирана 1918 во Белград, владее една чудна традиција, секогаш кога треба да ја спасат партијата, ја жртвуваат кралицата. 1995 година, да не ја изгубат власта, му се случи атентат на Глигоров, да го свртат вниманието на јавноста од предавството за знамето и името. Го сменија знамето и во правниот промет на Македонија го внесоа временото обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“. По атентатот, Киро остана до крај на вториот претседателски мандат. Нели, старо правило е, зад секое политичко убиство, нема правна разврска. Затоа што убиството е кроено во власта. Тоа му се случи на Глигоров. Настрана приказните дека кругови на српската или бугарската мафија го дигнале во воздух поради профитни интереси во Македонија и виа Македонија на Балканот. Настрана и настраноста на Фрчковски кој бркаше купишта песок, се ѕвереше во секое ами-8, ги сардиса русокосите кои масовно ги фарбаа косите, конспирацијата на бугарската мафија во една вила на Водно, и така натаму и така наваму. Ништо од тоа не било верно, за трагата која ја сотре. Да не зборуваше Фрчковски дека на Глигоров му нуделе пари за продажба на името, или обратно беше?...

...За волја на вистината, потсетија некои телеграми на сочуство и од власта и од опозицијата, па, да не заборавиме: Киро никогаш не беше, ниту ќе остане „прв“ Претседател на државата Македонија, затоа што Македонија не почна од 8 септември 1991, Македонија само ја возобнови својата државност од 2 август 1944. Дури и да бил записничар на АСНОМ, прв Претседател на државата Македонија засекогаш ќе биде Методија Андонов Ченто. Него комунистите го ликвидираа, тајфата на Бранко. Не се знае колку Киро помогнал Ченто жив да биде...

...На Тито веќе стигна, деновиве ќе му постават восочна фигура во Музејот на ВМРО и жртвите на комунизмот и на Киро. Како и Тито, Киро не беше претставник на капитализмот во времето на комунизмот, и тој беше дел од социјализмот. Цел живот во Белград, за во 1990 да ни се врати, место архиепископот покоен Михаил...

...И бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, почит кон функцијата што ја вршеше, да не претераме со славопојките, а она што не беше, да не кажеме како било...

...За време на распаѓањето на поранешна СФРЈ, со босанскиот претседател Алија Изетбеговиќ, Киро беше коавтор на платформата за асиметрична југословенска федерација. Додека Словенија и Хрватска прокламираа независност, Глигоров со Изетбеговиќ предлагаше спас на Југославија. И затоа го збунивме светот: сакаме самостојна држава или редуцирана федерација со Србија и други. Нема врска дека мотивите за вториот дел од референдумското прашање беа заради негов успех и прогласување на македонската независност. Вториот дел беше заради “можноста од договор за Југославија“ и верата на СДСМ дека со референдумот ќе се спречи прогласувањето на независноста во Собранието, во коешто немаа сила. Обидот на Владата на Кљусев да предложи Уставен закон за прогласување на независноста со потребните државно-правни акти, на затворена седница, откога ЈНА здивее во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, беше дочекан на нож од СДСМ со обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ предлага „еднострано отцепување“ од СФР Југославија. За да не пројде независноста во Собранието, предложија референдум, после три варијанти и пак го дезавуираа Уставот, не се повикаа на „правото на македонскиот народ на самоопределување до отцепување“, туку на одредбата за референдум како претходно изјаснување, Собранието да се информира за мислењето на народот, ама ако сака може и да не ги прифати неговите резултати. И добро што го прифатија амандманот на Тодор Петров зборот “суверени“ да се замени со зборот “суверените“, та од “со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија“ вториот дел после запирката стана “со право да стапи во сојуз на СУВЕРЕНИТЕ држави на Југославија“ со образложение, ако и една република не остане, ниту Македонија да не биде во редуцирана федерација.

По референдумот, откако Никола Кљусев му ја “подари“ реновираната со буџетски пари вила на МАНУ на Водно, Киро Глигоров и Стојан Андов ја турнаа Владата на Кљусев и го доведоа на власт Бранко Црвенковски. И затоа не е чудно што Бранко на Киро му даде книшка број еден и што му е благодарен до Бутел и после тоа. Го тргнаа Кљусев, за да се спаси од одговорност во Собранието југословенството на Денко Малески, кој како Министер за надворешни работи на Македонија, жалеше за Југославија и не криеше да каже дека се чувствува за Југословен, Македонија без Југославија не може. А Кљусев, го молеше од собраниската говорница на еден метар дистанца “Претседателе, нели не се договоривме да паѓа Влада, Претседателе, нели се договоривме Владата да не паѓа?“ Арно ама, Андов заврши задача, Киро мудро одмолча. Заборавивме дека од заедничкото присуство на осми март слава, утредента Митре Арсовски го пречекаа на врата со решение за разрешување од Началник на Генералштабот на АРМ? Е тој и таков беше Киро...

... Без образложение за мисијата поради која го именуваше, го смени Васил Тупурковски од Специјален пратеник на Претседателот на Републиката во Соединетите Американски Држави. Никому не даде отчет...

... Кога ЈНА се повлекуваше од Македонија, Глигоров беше против дислокацијата на регрутната документација од подрачните одделенија на Министерството за одбрана што ја изведоа Кљусев и Мијалков...

... Во време кога Македонија бараше независност, на 2 август 1992 Киро се сретна со премиерот на СР Југославија Милан Паниќ, српскиот печат се отепа од вести за согласноста на Глигоров за федерација со Србија и Црна Гора, Киро уста не отвори да демантира, додека не го повикавме во Собранието да поднесе информација за средбата и резултатите од неа...

... Заедно со Стојан Андов, на полноќ, го анулираа усвоениот амандман на Уставот, за Македонија “како матична држава на македонскиот народ“. Не остана доследен ниту на својот предлог за Македонија “како држава на македонскиот народ и држава на рамноправни граѓани“, што претходно Собранието го усвои пристапувајќи кон донесувањето нов Устав на земјата...

... Заедно со Стојан Андов без собраниска одлука, на 10 декември 1992 година декларираа промена на државното име во “Република Македонија (Скопје)“. Денко Малески ги чекаше во Лондон, ама Собранието не го прифати предлогот на Глигоров...

... Во 1992 година ги подели Македонците во светот формирајќи втор Светски Македонски Конгрес со Џон Битов од Канада како алиби за манипулација со емиграцијата заради промената на државното име и знаме. Ја изигра и Црквата, преку архиепископот Михаил, што ги подели Македонците на сите меридијани...

... Цели шест месеци по одлуката на Собранието во јули 1992 година не ја поднесе апликацијата на Македонија за прием во Обединетите Нации се’ до обелоденувањето на пресот на портпаролот на Генералниот секретар во јануари 1993 година дека Македонија се’ уште не поднела апликација за прием во оваа меѓународна организација. Дури од Давос во Швајцарија на 8 јануари 1993 година Киро објави дека Македонија повторно (?) поднела апликација за членство во Обединетите Нации...

... Спротивно на одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година, со Бранко Црвенковски ја внесе Македонија во Обединетите Нации под понижувачкото времено обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“...

... Со Стево Црвенковски ја прифати македонско-грчката Привремена согласност од 13 септември 1995 година со којашто се суспендира една третина од Уставот на државата Македонија. Цинизам е сега жалопојката на Бранко на комеморацијата на Киро, демек “го обвинувале Киро и СДСМ дека направиле предавство со приемот во ООН под времената референца и со потпишувањето на времената спогодба со Грција“, а “денес за најголем успех и победа се прогласувала токму одбраната на таа времена спогодба пред меѓународниот суд во Хаг, и дека за крајна цел на нашата меѓународна политика се поставувал приемот во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ токму под таа иста референца“. Судот во Хаг, за жал, препрочита, тоа што власта и трабантите на СДСМ цели 16 години не знаеја да го прочитат, дека Македонија во меѓународните организации може да аплицира за членство и да членува под државното име, како што и приемот во ООН е под државното име Македонија, со временото обраќање „пЈРМ“ за што согласност даде Бранко премиерот...

... Македонците ги прогласи за “Словени од зад Карпатите“ и се откажа од културното и историското наследство на античка Македонија, од Филип II Македонски и Александар III Македонски. Испрати писмо до членките на ЕУ во кое кажа “ние сме словени од шестиот век дојдени од зад Карпатите на овие простори, за да не не’ поистоветуваат со Срби и Бугари, се нарековме Македонци поради името Македонија на територијата што ја населивме. Ние не сакаме да ја присвојуваме историјата на античка Македонија и на Александар Велики. Александровата цивилизација не е наша.“ А главен гостин беше на промоцијата на книгата на Тупурковски за Александар Македонски во МНТ...

... Ја суспендира грижата на државата Македонија за положбата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји на Републиката и за иселениците од Македонија. Како што на протераните Македонци од западниот дел на Македонија им велеше „за еден бут нема да колам цел вол“...

... Ја прифати промена на државното знаме на Македонија...

... Од 1994 до 1998 година беше Претседател на државата без парламентарна опозиција, со партизирано судство...

... Направи груб атак врз уставниот поредок, во обид за суспензија на парламентарната демократија, осудувајќи го поразот на СДСМ како крај за демократијата во Македонија, барајќи од народот „да не го остава сам“...

... Беше и остана покритие на Бранко Црвенковски за криминалната приватизација на општествената сопственост со која се криминализира целото општество. Сопственичката на пирамидалната штедилница ТАТ во Битола Соња Николовска, на Киро му беше џокер... Ја заборавивме аферата со актерката во кабинетот? Човекот се подзанесе за Клинтон со Моника Левински...

... После се’, Киро Глигоров замина, но на нацијата и’ остана должен, јавно да се извини заради согласноста за прием на Македонија во Обединетите Нации под временото обраќање „поранешна Југословенска Република Македонија“ кое според него, требаше да остане само три месеци, а од 8 април 1993 година до денес станаа дури цели 19 години со правни последици по идентитетот на државата и нацијата, македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Од него ни остана Југославија и во Уставот на земјата. Ја внесовме Југославија во Уставот на Македонија за да може Киро да го кандидират за Претседател. Од него, Југославија во Уставот и “поранешна Југословенска“ во Обединетите Нации. Затоа на митинг во Штип викаше “Да живее Југославија!“ место Македонија!

... Рекол ќе биде тешко кога Грците ставија ембарго. Ами кога ние го испочитувавме ембаргото на Обединетите Нации према Србија заради НАТО-бомбардирањето, зошто не побаравме оштета? Не ни дадоа, оти знаеја дека оваа власт од прекршувањето на ембаргото, на црно, инкасира милиони, милиони кои завршија во џебот на финансовата олигархија, црвената буржоазија на СДСМ...

... И кога на еден 90-тиот роденден Киро тажно го прашал Бранко зошто толку го критикуваат, Бранко му рекол “Претседателе, ваша најголема грешка е што сте уште жив“. Која морбидност и некрофилија на комеморација...

... Коментарите на Андов и не заслужуваат внимание. Шекерот одамна му ја загорчи душата. Читајте му ги само колумните. После предлогот за референдум “Дали сте за ЕУ или Александар Македонски“ ќе сфатите колку му сечи умот. Тој и Киро ја спасиле Македонија... оф мори мајко, уште да се заедно...

И... таков беше Киро. Осветољубиво и злопамтило. Од Андов и Бранко, се разбира, се’ најдобро за Киро, па, заедно играа во исто оро. Според Бранко, вредностите за Киро ќе сме ги мереле откога го изгубивме. Малку патетично, ама, Бранко, колку луѓе изеде Вашата партија, со вредности, кои или се на улица или повеќе меѓу живите ги нема?... Читам една колумна: “Глигоров беше погребан без говори, без лицемерство... Знаел стариот мудрец дека со немањето говори некого ќе спаси од непотребно лицемерство, дека некому тоа ќе му олесни, а некого заслужено ќе натажи.“ Која глупост. А што беше говорот на Црвенковски на погребот на Трајковски, патриотизам? Кој здрав од гробот на Киро гради кариера, освен Бранко? Ама, Киро, демек, си избрал и гроб при живот, “одбил меѓу Борис Трајковски и Никола Кљусев, прифатил меѓу Димитар Влахов и Крсте Црвенковски од десно, дрво дистанца, па од лево Љупчо Арсов и Лазар Колишевски“. Тоа бил кодот на Киро во Бутел, ех Ероле, Ероле... рајо забегана... Kодот на Киро го прочитавме во живо, сега СДСМ нека го бара во Бутел...

 

На прво место

News image

Мицкоски: СДС се бори заедно со ДУИ да дојдат на власт и да продолжат со криминалот кој им го бранат нивни обвинители и

На денешниот настан во Штип на кој се одржа промоција на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМ...

Историја

News image

Самоиловата држава (976 - 1018) по карактер била словенска, односно македонска

Самоиловата држава (976 - 1018) по карактер била словенска односно македонска (бидејќи јадрото на др...

Иселеници

News image

ЈУБИЛЕЈНА ПРОСЛАВА НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ВО СИДНЕЈ (4)

Во петок, 12 април 2013 година, во Сиднеј на свечен начи...

Култура и туризам

News image

АРХИЕПИСКОПОТ МИХАИЛ – ЧЕТВРТИОТ ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА – ДЕЛ III (3)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА ДУХОВНО ПОЛЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА  Г.Г. МИХАИЛ

Фељтон

News image

ЃОРЃИ НАНО – ЕДЕН ОД ПРВИТЕ ДОСЕЛЕНИЦИ ВО АВСТРАЛИЈА

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.