Среда, 17 Јуни 2020   
Исламизирањето на македонското христијанско население во Неготинска околија во 17 и првата половина на 18 век
 Malkovski Djordji 1Проф. д-р Ѓорѓи Малковски
 
Турското освојување не го урнало феудалниот поредок во балканските земји. Со силата на турското оружје, местото на феудалната класа го презеле лица од редовите на победниците. Само еден мал дел од балканските феудалци, особено поситните, се ставиле во служба на новиот суверен, султанот, но и тие, набргу по стабилизацијата на турската власт во новоосвоените подрачја, постепено преминувале во исламот и се стопувале со основната маса на турските феудалци. Од друга страна, огромното мнозинство од балканското селанство останало врзано за земјата  и за своите нови непосредни феудални господари, спахиите. Нему му се придружила и масата на колонизираното турско население од Мала Азија.
 
Доаѓањето и колонизирањето со турското јуручко население во дел од населените места на Неготинско, голем замав земало кон крајот на 17 век. Тоа со себе повлекувало и променети политички случувања и настани. Како најсилен сигнал за почеток на безвластието во Турција кон крајот на 17 век бил австрискиот воен поход од 1689 година. Во овие воени судири, Австријците и Унгарците продреле до границите на Тиквеш. Тогаш Турците биле протерани кон Руен и преку реката Црна. Главниот табор на турската војска бил сместен во Подлес, каде бил едниот паша, а вториот паша бил преку Црна, во с. Тремник.. Решавачката битка се одиграла околу с. Кепеш и во долинмата на Кепешка Река. По повлекувањето на Австријците од овие простори, настанале сосема нови политички случувања. Притоа, настрадале и опустеле повеќе населени места. Овие промени се случуваат со најстариот упад на Арнаутите (Албанците) од запад и повторното доселување на Јуруците од исток. Така, Јуруците се доселиле во близина на новоформираното с. Драдња, (кое било населено и од старите претходно избегани жители) и тука формирале нова населба која ја нарекле Хаџи-Демирли, која, подоцна, под влијание на Македонците христијани, била преименувана во Џидимирци.
 
Многу посурови биле зулумите на дебарскиот арнаутин Кара-паша. Тој, заедно со поголема група на Арнаути од Дебарскиот крај, кон крајот на 17 век, значи веднаш по заминувањето на Австријците од Македонија, преку Раец се спуштале кон Тиквешко и започнале со ограбување и палење на побогатите населби. Меѓу другите биле уништени населбите Дуќена, тиквешката населба Хоово (која била најстариот управен центар во областа), Роштане и други. Кара-паша се населил во Сопот и станал тиквешки ајан. Веднаш ги потурчил селаните од Сопот и започнал со почифличувањето.
 
Од зулумите на Кара-паша настрадал и Полошкиот манастир, кој, пред тоа, бил обновен од месното население. Притоа, манастирот бил ограбен, земјиштето му било одземено, а калуѓерите насила протерани. Паралелно настрадало и опустело и с. Полошко. На одземеното земјиште доведувал чифчии кои работеле напорна ангарија за негово лично богатење.
 
Процесот на насилно исламизирање на македонското население продолжил и во текот на целиот 17 и средината на 18 век. И овојпат потурчувањето ги зафатило само населбите во рамните котлини, поретко на рабовите кон планинските венци, додека ридските места останале негибнати и надвор од дофатот на овие етнички промени. Покрај Сопот, потурчен од Карадаш, тука спаѓаат и Долни Дисан (тогаш само Дисан), Криволак, Пештерница и други населени места. За потурчувањето во текот на 18 век имаме и некои поконкретни податоци, сочувани во записите на повеќе стари фамилии од Неготинско, кои грижливо ги проучил и ги објавил познатиот српски етнограф Воислав Радовановиќ во почетокот на 20 век. Во неговата книга "Тиквеш и Раец", тој наведува стари сочувани домашни записи на фамилијата Рибаровци од Долни Дисан. Според тие материјали, најстариот потомок од нивниот сој им бил некој Махмуд-ага. Тој, во ова македонско христијанско село, се доселил во 1684 година од Ич-Ил-Касабаси, од Коња-вилаетот во Мала Азија. Махмуд-ага веднаш по неговото доаѓање започнал поголем дел месното христијанско население да го учи исламот. Во меѓувреме започнал и со градба на џамија.
 
Исто како во Долни Дисан, Мамуд-ага кон крајот на 17 век се доселил и во Криволак во местото познато како"Џадето". За неговите заслуги во ширењето на исмалот, тогашните Турци муслимани му подигнале споменик, кој, подоцна, станал и свето место чуван од самите Турци. Потурчувањето на македонското христијанско население не можело целосно да се спроведе, бидејќи дел од Македонците одбивале да се потурчат. Но, сепак, под голем притисок, и тие Македонци подоцна биле потурчени и исламизирани, така што, до почетокот на 19 век, последните потурчени биле Чотревци, заедно со уште неколку други фамилии. Нив ги потурчил Кантур-бег од с. Пепелишта. Инаку, Кантур-бег бил потурченик од трето колено, а неговите претци, Македонци христијани, пред да го примеле исламот, живееле во с. Пештерница. Подоцна, тој бил именуван за тиквешки ајан со седиште во споменатото село. Како истакнат фанатик во ширењето на исламот, тој, заедно со неговиот син Мустај-бег, ја разурнале црквата во Пепелиште и на нејзино место ја изградиле една од најубавите џамии во Тиквешијата. Од натписите на џамијата и чешмата, можело да се прочита дека Сулејман бил син на Халил и бил черибашија, односно старешина, односно командант на тиквешките евлади фатихан (деца на освојувачот). Тоа било име за воените јуручки организации, кое тие го добиле со султански декрет. Користејќи ја ваквата положба, тој бил близок до султанот Селим ИИИ (1761 – 1807), поради што уживал големи права.
 
Потурчувањето во селата Бистренци и Дуброво кон крајот на 17 век, го спроведувал извесен Скендер-бег. Неговата новоизградена кула се наоѓала помеѓу овие две села, а од него истовремено биле изградени првите џамии и потурчени првите Македонци на овие две села. Истовремено, со потурчувањето на Бистренци и Криволак, засилено се исламизирале и жителите на селата Пепелиште и Пештерница. Населението на с. Пештерница, за да го одбегнат потурчувањето, организирано се обиделе да го напуштат селото кон Лакавица. Но, на патот, кај местото "Промет" ги пречекале дуњачките Јуруци, кои насила ги вратиле во селото и сите, под закана на смрт, ги потурчиле.
 
Инаку, упадите на арнаутските банди и ограбувањата врз македонските населени места, продолжиле и во текот на 18 век, само сега од арнаутите од северозапад, односно од Скопско. Тие, кон крајот на 18 век, од Скопско упаднале во Тиквешијата, а некои од бандите "низ џадето" минале низ Јуруклукот од другата срана на Вардар. Тогаш, заради Арнаутите е раселено староседелското село Вештине, близу Пепелиште, а неговите муслимански жители, потурчени во исто време со Пепелиште, пребегнале преку Вардар на другата страна на Неготинска околија, го зазеле земјиштето на старата месност Рекета и го основале новото село Вешје. Меѓутоа, некои од Вештине најпрво се засолниле во Пепелиште, па во етапи доаѓале во новото село, повикувани од нивните некогашни соселани. Во Вешје, уште од основањето, се доселиле Шоповци "од Штипско".  Заради создавањето на муслиманското Вешје и понатамошните зулуми, Рекета продолжува да се раселува, но, сепак, најголемиот број од фамилиите се доселиле во Вешје.
 
Покрај насилното исламизирање, пљачкање и уништување на цели села, Македонците христијани во текот на 18 век доста настрадале и од опасната болест чума. Турските воени походи на север во текот на 18 век и движењето на војската по главните тиквешко-раечки патишта, придонеле неколку пати во овој реон да се појави чумата (кугата). Во почетокот на 18 век (1709) година) со миграциите било зафатено и турското и македонското население поради чумата (кугата) и другите заразни болести од кои населението бегало во шумите, при што основало и привремени населби. Овие болести ги пренесувале турските војници кои, минувајќи низ Тиквеш, оделе во воени походи на север. Слични болести тие пренеле и во 1795 - 1796 година, кога населението од повеќе места на Тиквешијата ги напуштило своите живеалишта и се повлекло длабоко во ридско планинскиот дел на Областа. Сите походи на турската војска, независно еден од друг, предизвикувале миграции на населението, бидејќи во нејзините редови, освен Татари и Черкези, имало и Манафи, од кои бегало сé што е живо, и машко и женско, и Македонци и Турци, зашто тие, покрај војничката недисциплина, покажувале и други нагони и страсти. Значајни промени во однос на структурата на населението се забележувале и за време на Кримската војна (1853 - 1856) како и по Руско - турската војна (1876 -1878), а при крајот на 19 век започнале и првите печалбарски миграции од областа кон соседните држави, кои, покрај другото, имале и социјално-економски карактер.
 
Во с. Долни Дисан, кога чумата се појавила во 1794 година, селаните го напуштиле селото и заедно со добитокот се доселиле во Горни Дисан и тука формирале населба. Кога чумата стивнала (1796 година), турските и неколкуте македонски домаќинства повторно се вратиле на старото огниште, додека извесен дел од нив останале како постојани жители на Горни Дисан. Тогаш, турските доселеници завладеале со сиот имот со кој располагало македонското населние пред да го напушти Долни Дисан и станале најголеми богаташи во Тиквешко.Од нив произлегла прочуената фамилија Муратовци, подоцна наречена Рибаровци. Во реонот на Бошава, таа имала голем број на чифлици со над 30.000 овци и кози, а под ќезим го држела и Дојранското Езеро. Од таму со риба ја снабдувале целата Тиквешија и Јужна Македонија, по што го добиле и името Рибаровци. Од оваа фамилија произлегле неколку видни аги, бегови и оџи кои биле почитувани не само во Тиквешијата, туку и во целиот Солунски пашалук. Еден од нив бил и бегот Абдул Мурат, кој доста придонел во заштитата на христијанското население од честите зулуми на турската војска. Абдул-бег бил во сродство со фамилијата на Кантур-бег, една од најбогатите во Тиквешко. Од фамилијата Рибаровци произлегол и познатиот муслимански духовен поглавар Хаџи Јусуф, кој бил личен пријател на поглаварот на Високата порта во Цариград. Затоа, секоја година Хаџи Омер доаѓал во Долни Дисан на едномесечен одмор. Според родословното дрво, фамилијата Рибаровци имала над сто свои членови.
 
Многу слична била состојбата и со македонското население во с. Липа. Поради опустошувањето на Стара Липа, која арамиите во целост повеќе пати во 18 век ја напаѓалае и разорувале, а која и во Јуруклукот се додржала како"рајатска", подоцна, населението се спуштило низ Дубљанска Река и ја основал Нова Липа. За бидат посигурни, жителите ги повикале посилните Турци и доброволно им станале чифлигари, само за да се спасат од безвластијата и пљачкосувањата на големиот број банди.
 
Во текот на втората половина на 18 век настануваат одредени политичко-управни промени во Тиквешијата. Имено, по ајанот Кантур-бег, управата на Тиквеш, која се до подоцнежните реформи припаѓала во Битолскиот вилает, минала на сојот Синановци и од Пепелиште била преселена во Кавадарци. Тоа бил првиод повод во бегалската населба Кавадарци да продолжи да се развива градски живот, бидејќи во меѓувреме ова место започнале да го населуваат и други македонски фамилии од цела Македонија. Под негово влијание започнало да се развива и новото проширено населено место Неготино. Имено, тој засилено работел на формирањето на двете населени места Неготино и Кавадарци, а покрај саат кулата во Неготино, го изградил и Бизистенот, бидејќи Неготино во почетокот на 19 век станувал се поголем трговски центар во Тиквешијата. Токму и затоа Конакот на Синановци од Пепелиште бил преселен во Кавадарци, а синот на Хаџи Таир-ага, Хаџи Хусар-бег станал и местен ајан, кого, подоцна, го наследил неговиот внук Таип-бег. Набргу потоа, односно во 19 и почетокот на 20 век, настануваат крупни политички, економски и демографски промени кои оставиле забележително место на историската сцена во целиот Неготински крај.
 
 

На прво место

News image

ПРОТЕСТ, утре во 18 часот, од СЦ „Борис Трајковски“ со автомобили до Влада

Христијан Мицкоски: Протест сега, за да не биде предоцна!  

Историја

News image

Извештај за бомбашките напади на Солун во американскиот весник „The St. Louis Republic“ од 9 август 1903 година

„Сцена на улица во Солун веднаш по поставувањето динамит на Отоманската банка. Овој криминал, како п...

Иселеници

News image

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОГРАФИЈАТА „СЕМЕЈСТВОТО ВИДИНОВСКИ“ ОД ТОРОНТО

Во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Ско...

Култура и туризам

News image

ОД ИЗРАЗОТ МЕСИЈА – ПОМАЗАНИК – ДО ИЗРАЗОТ МУЗИКА (25)

Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе ги претставиме имињата, з...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (48)

„ЕВГЕНИКА“ ВО СПАРТА

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.