|
|
Велат кој си игра со меч од него ќе погине |
Светот беше запрепастен и ужаснат од терористички напад во Барселона што се случи кон средината на месецот, а во кој смртно настрадаа над десет лица и околу стотина беа повредени. Од сите страни на светот, меѓу кои и од нашата земја, пристигнаа пораки на поддршка и солидарност, но и осуда на безумниот чин во кои настрадаа невини луѓе. По овој напад, терористички напади имаше и во други европски градови, што предизвикува жалење за жртвите, но и раѓа се поголема меѓуверска и меѓуетничка омраза. Меѓутоа никој не се запрашал што ги предизвикало и мотивирало тие луѓе да извршуваат вакви чинови во кои гинат невини деца, жени, старци и т.н. Воените интервенции на западот во деведесетите години на минатиот век во Југославија, потоа во Ирак, Авганистан, Либија и Сирија, како и потикнувањето на арапската пролет пред десетина години го отворија патот кон пеколот. Во некогаш мирните и релативно стабилни држави започнаа војни во кои загинаа стотици илјади невино население. Наместо мир и демократија, воените дејствија резултираа со продолжени конфликти и терористички активности. Во Ирак, Авганистан, Либија и Сирија и ден денес гинат голем број цивили во терористтички акции на разни спротивставени групи. Вообичаено тероризмот се дефинира како незаконско користење на сила и насилство од страна на поединци или групи, чии активности ги преминуваат националните граници, насочени против лица или објекти со цел да ги заплаши или да го принуди населениетo или било кој друг сегмент од општеството во остварување на одредени цели. Во денешно време, најголем број на меѓународни терористички организации се спонзорирани од една или повеќе држави. Тие добиваат финансиска помош, обука и заштита од една или повеќе влади. Ваквите групи кои беа финансирани од центрите на моќ, дел им останаа верни и дел се одметнаа, свртувајќи се против дотогашните сојузници. Окривувајќи го западот за жртвите во нивните земји, тие војната ја пренесоа во Европа. Велат кој си игра со меч од него ќе погине. За жал, не гинат вистинските виновници, туку обичниот народ. Во последно време, особено по поразите во Сирија, голем број радикализирани борци на Исламската држава (ИД), искористувајќи го бегалско-мигрантскиот бран се префрлија во Европа. Денес тие сеат страв и ја тестираат издржливоста на Европа. Честата фреквенцијата на овие напади само укажува дека тие можат да станат секојдневие. Повикот на лидерите на ИД нивните борци да планираат и делуваат насекаде, како и да се користат со средства кои тешко се откриваат ја отежнува работата на европските безбедносни служби. Оттука и нивната неефикасност во спречувањето на терористичките напади, при користење на превозни средства, мачети и т.н Во Европа речиси да нема недела дена во која припадниците на ИД да не извршиле некој терористички акт. Таквата состојба ги присили западните политичари да го променат мислењето за Сирија и нејзиниот претседател Башар ал Асад. Дури и САД ја менува политиката и престанува со поддршката на противниците на сирискиот претседател, иако официјално е против останувањето на власт на Асад. Вашингтон се двоуми, но согледувајќи дека џихадистите на ИСИС и Ал Каеда стануваат закана, ја менува политика. Новата политика на САД се повеќе се приближува на политиката на Москва која од самиот почеток го поддржува Асад. Многумина не го посакуваат приближувањето на Вашигтон и Москва. Меѓутоа доколку се случи, како што предупредуваат американските аналитичари, светот ќе се соочи со многу посуров, побрутален тероризам. Ова што денес се случува ќе биде само увертира на поголеми масакри на теренот на Европа. Поголем број борци на ИД потекнуваат од Балканот (Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија). Некои од нив кои ги преживееа оружените конфликти се вратија во своите домови. Но, тие денес се реална закана за целиот регион вклучувајќи ја и Македонија. Никој не може да каже кога тие радикализирани исламисти повторно ќе се активираат Македонија досега успешно се справуваше со заканите. Така на пример, во мај 2015 година, во акција на безбедносните сили беше спречена криминално – терористичката група во Куманово, која имала намера да изведе повеќе терористички активности на територијата на земјата. Меѓутоа, по политичките турболенции во земјата и зголемениот број на повратници од конфликтните зони, денес е потребна многу поголема будност на сите безбедносни структури. Едноставно ѓаволот ни ора, ни копа, само го тера светот во војна, луѓето меѓусебно да се уништуваат.
|