|
|
| УНГАРИЈА - ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (11) |
|
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Од железничката станица во Будимпешта, сите деца со камиони нè однесоа во една бања, каде што првин ни ги истрижија косите, бидејќи бевме полни со вошки, а потоа под тушевите со топла вода добро се измивме од нечистотијата насобрана на нас од долгото патување и спиењето, често под ведро небо по планините. Бањата беше една од многуте кои ги има во Будимпешта, и кои користат минерална топла вода од подземните извори. По туширањето, ни дадоа нова облека и нè однесоа в менза каде што вечеравме, а потоа нè распоредија по 20 до 30 деца во една соба со војнички кревети. Во ова прифатилиште останавме само неколку денови, а потоа нè преместија во една зграда на главната улица Улои, каде што нè сместија во еден трикатен објект, којшто и´ припаѓал на детската болница. Таму се сретнавме со група деца бегалци од селото Бесфина. Храната овде беше подобра и по подолгото гладување што нè следеше во текот на патувањето од родниот крај дотука, сега се почувствувавме сити и задоволни. Излегувањето од зградата каде што бевме сместени ни беше забрането, но јас и уште едно дете чиешто име не го помнам, сепак повторно решивме да се вратиме дома, во селото. Кога забележавме дека главната врата на детската болница е отворена, излеговме на улица и тргнавме на десната страна, не знаејќи каде одиме. Одејќи така низ улицата, по околу триста метри првпат во животот видовме трамвај, кој ни остави силен впечаток. Решивме да преминеме на другата страна од улицата каде што имаше една огромна зграда на пет ката, а во приземјето беа сместени многу дуќани. Ние застанавме пред еден во кој во витрината беа изложени бонбони и можевме само да ги гледаме, внимавајќи дали некој не следи или доаѓа кон нас. На крајот на улицата имаше голема раскрсница и не можевме да решиме во која насока да тргнеме, дали право, лево или десно. Тогаш му реков на мојот пријател дека веројатно селото е многу далеку оттука и со оглед на фактот што не знаеме каде е, сепак најдобро е да се вратиме назад. Така и сторивме, па никој не дозна за нашата прошетка. Во прифатилиштето на болницата останавме околу еден месец, а потоа нè преместија во една касарна, каде што останавме до почетокот на јули 1948 година. Групата од Загоричани беше составена од 17 деца на возраст од 12 до 15 години. Во групата беа Иљо Шабанов, Спиро Кала, Пандо Гоше, Кузо Которенчев и јас, кој бев помал од нив. Од девојките три-четири биле родени 1932–33 година, а меѓу нив беше Тана Сугарчева со своите помали браќа Мани и Димитар. Тана, како повозрасна, беше одбрана за одговорна на нашата група и наречена „мајка“ и во тоа својство еден ден нè извести дека поголемиот број од децата кои заминавме од Загоричани не се тука, со нас во Унгарија. Подоцна дознавме дека тие деца биле однесени во Романија. Тана ни кажа дека по заминувањето на првата група деца од Загоричани, грчката војска дошла во соседното село Куманичево, ги собрала децата и ги однела во Костур; затоа ние се исплашивме и по неколку дена и ние, како втора група, заминавме од Загоричани. Тана ни кажа дека децата биле пренесени од Љубојно во Битола според направениот распоред кога тие стигнале во Љубојно. Така, првата загоричанска група деца била пренесена во Битола и сместена во првите вагони на возот, додека ние бевме сместени во последните вагони.
Будимпешта Кога возот стигна во Будимпешта, нè раздвоиле и првите вагони отишле во Романија, а последните, со нашата помала група, за среќа, останавме во Унгарија. Велам за среќа, затоа што во тоа време Унгарците имале подобар стандард во однос на Романците, така што и ние децата подобро живеевме во однос на нашите браќа и роднини во Романија. На почетокот на јули 1948 година, нè пренесоа во селото Петфурдо, недалеку од големото езеро Балатон. Од Будимпешта до Петфурдо патувавме со воз само ние, нашата група од 17 деца од Загоричани. Во тоа големо село имаше огромна хемиска фабрика, а нас нè сместија во голема вила сопственост на газдата на фабриката, која му била национализирана. Нас нè сместија во две спални, едната за момчињата, а другата за девојчињата, и меѓу нив имаше бања и една голема соба каде што јадевме. Во селото имаше базен и таму одевме да пливаме, па јас брзо научив да пливам грбно. Жителите на селото Петфурдо беа многу љубезни со нас и многу нè сакаа. Во неделите, честопати бевме поканувани на ручек од фамилиите во селото. И јас еднаш бев поканет на ручек кај еден газда, кој сретсело имаше дуќан за бонбони. На ручекот не јадев многу затоа што се срамев, бидејќи не знаев како да се однесувам и како да го користам приборот за јадење и затоа повеќе ги гледав домаќините отколку што јадев. Тогаш не претпоставував дека по 60 години ќе напишам книга за културно однесување и како се јаде. По неколку недели, нè преселија и нè сместија во селското училиште. Таму сите бевме сместени во една сала, машките на едната страна, а девојчињата на другата страна на просторијата. На тоа место го поминавме целото лето на 1948 година. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |

























