|
|
| ШТО ЗАПИША ЛЕФТЕР МАНЧЕ ЗА СЕЛОТО ЗАГОРИЧАНИ И ЗА НЕГОВАТА ФАМИЛИЈА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА? (3) |
|
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Во овој дел од монографијата д-р Лефтер Манче напиша дека тој е Македонец по род и народност, кого судбината го претвори во светски патник да го бара своето спасение, како десетици илјади други мои сонародници. Д-р Лефтер Манче е основач на „Здружението на Македонците од Загоричани” и спонзор на Загоричанската вечера која секоја година, под негово покровителство, ја организира ова здружение. Тој е голем донатор и хуманист кој ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите делови на Македонија. Со одлука на Четвртото генерално собрание одржано на 10 и 11 август 1996 година, Светскиот македонски конгрес, како неформален Светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, му го додели највисокото светско семакедонско признание на доктор Лефер Манче за живот и дело, почесната титула „Македонски сенатор”. Роден сум на 29 септември 1935 година во големото македонско село Загоричани, што се наоѓа на околу 15 километри воздушна линија североисточно од градот Костур, што по поделбата, оносно распокинувањето на етничко-географската целина на Македонија на четири дела запечатено со Букурешкиот договор од 1913 година, потпадна и беше окупирано и разурнато од Грција, во чии граници се наоѓа и денес. Селото е распослано амфитеатрално меѓу планината Врбица, Стрилец и ридот „Св. Илија“, со прекрасен поглед кон полето и костурската котлина. Загоричани е старо македонско село кое на крајот на XIX век имало над 3 300 жители, а сега има околу 350, но веќе петнаесетина години не работи основното училиште, бидејќи нема деца, зашто последниве години не е родено ниедно дете За да се согледа судбината на Загоричани и трагедијата на голем број семејства и тешкиот и макотрпен животен пат на загоричанските деца и жители, кои беа протерани од прадедовските и дедовските огништа, накратко ќе треба да се осврнеме на некои историски настани. Ова напатено македонско село, како и цела Македонија, всушност, е жртва на политиката на големите сили и уште повеќе на нивните фаворизирани балкански држави формирани во XIX век, токму со безрезервната помош на Англија, Франција, Русија и Германија. Во оваа пригода ќе издвоиме само неколку значајни историски податоци за селото, за да потврдиме дека тоа беше и остана столб на македонската борба за слобода. Така, на Илинден во 1875 година грчки андартски чети, составени од воени лица и платеници, ја заобиколиле црквата Св. Илија која се наоѓа на ридот покрај селото и од насобраниот народ на богослужбата, со помош на шпиони, киднапирале 26 млади мажи, еден свештеник и 4 моми и ги однеле на Вичо Планина, уценувајќи ги роднините да платат откуп. Селаните со големи маки и со заеми, успеале да соберат 2 000 златни турски лири и ги ослободиле своите блиски. Дека таа сума била енормно висока се гледа по тоа што за црквата Пресвета Богородица во с. Загоричани (една од најмонументалните цркви во Костурскиот крај), која била градена од цариградски архитекти и осветена во 1861 год., за изградбата биле потрошени 3 000 з На 20 август 1903 год. поради масовно учество на загоричанци во Илинденското востание, турскиот аскер го гранатирала, го запалила и го срамнила со земја селото, при што биле убиени голем број цивили.
Загоричани по нападите од грчките андарти Војводата Кузо Погончев и десетина други комити загоричанци ги дале латни турски лири. своите млади животи во текот на Илинденската епопеја. Според вероломните и подмолни планови на костурскиот митрополит Каравангелис, на 25 март 1905 година, ден на националниот празник на Грција, неколку андартски чети од околу 200 лица, предводени од окрвавениот убиец Георгиос Цонтос Вардас, составени од офицери, платеници и криминалци донесени дури од Крит, во пет часот наутро, го нападнале селото, палејќи ги куќите и убивајќи деца, жени, мажи, старци и сè што се движело. Во тој геноцид, познат како Андартски колеж во с. Загоричани, според официјалниот записник, што три дни по колежот го направиле австрискиот, италјанскиот и рускиот конзул дојдени од Битола, се убиени 62 лица – деца, жени, мажи и старци, дури и добиток, и се запалени и опљачкани многу куќи и плевни. Неофицијално биле убиени 89 лица, но некои од роднините на загинатите не можеле да ги чуваат до доаѓањето на конзулите и ги погребале своите блиски. Бројот на жртвите ќе бил многу поголем, ако една турска единица не интервенирала од едно соседно село. Овој трагичен настан е опеан во македонската народна песна „Народе македонски“. Тие 62 маченици, жртви на Андартскиот колеж, непосредно по масакрот биле погребани во три реда по 20 гробa, веднаш под северозападниот ѕид на гробиштата во Загоричани и обележани со христијански симболи. По воспоставувањето на грчката власт по Балканските војни и Првата светска војна, надгробните обележја се уништени, со цел да нема никаква трага дека таму почиваат жртвите на грчкиот Андартски колеж. А, иронијата да биде уште поголема, на тоа место е погребан маџирот Андреас Пападопулос, кому загоричанци во 1924 год. му дадоа гостопримство, а тој во текот на Втората светска војна 1940–1945 год. и во Граѓанската војна 1946–1949 год. се покажа како крвник кој го зави во црно Костурскиот крај. Во 1936 година од ХХ век, за време на диктатурата на Метаксас, којшто со закон го забрани говорот на мајчин јазик на Македонците, голем број загоричанци биле тепани, малтретирани и казнувани од грчките власти само затоа што го користеле мајчиниот македонски јазик. Во април 1945 година, единици на грчката и на британската армија (составена од Арапи и Индијци), го заобиколиле селото и уапсиле 72 мажи, од кои набргу поголемиот број биле осудени на доживотна робија (на 101 година затвор по турските обичаи), и однесени на камените и безводни острови Ѓура, Макронисос, „Ај Страти“ Гајдурониси и други на Егејско Море. Во Граѓанската војна во Грција од 1946 до 49 година загинале 39 млади партизани, а 18 девојки-свршеници на партизани, мајки и татковци биле грабнати, однесени в логор, а потоа ликвидирани на непозната локација, додека другото население на Загоричани било иселено и селото по трет пат изгорено за неполни 50 години. Во март 1948 година, во екот на Граѓанската војна, за да се спасат, над 100 деца биле принудени да го напуштат Загоричани и да побараат спасение во пределите на тогашните народни републики во Источна Европа. Потоа, на 3 мај истата година, жителите нa Загоричани биле присилно иселени, така што поголемиот број од нив засекогаш го напуштиле родното место За да се запознае читателот поцелосно со физиономијата на Загоричани, треба да се спомнат и некои знаменити личности што ги даде моето родно село, а имаат пошироко историско и општествено значење во македонската историја. Најмаркантна личност е Димитар Никола Благоев (1856–1924 год.), еден од првите социјалисти на Балканот. Благоев го започнал своето образование во Загоричани на мајчин јазик, а учител му бил Ѓорги Динката, познат просветител и родољуб. Како дете, Благоев заминал на печалба во Истанбул каде што го продолжил учењето кое го дооформил во Бугарија. Бидејќи бил силен ученик, гимназиското образование го стекнал во Одеса, а студиите ги завршил во Петроград во Русија. Таму, Димитар Благоев станал основоположник на првата социјалистичка организација во Русија во текот на 1883 година, кога почна да го издава и весникот „Работник“. Поради тие активности, царските руски власти го протерале Благоев од Русија. Враќајќи се дома, Благоев застанал во Софија, каде што подоцна ја формирал Бугарската социјалдемократската партија (подоцна трансформирана во Бугарска работничка партија – комунисти) и станал еден од нејзините раководители и член на бугарскиот Парламент. На прашањето што е по народност, во Народното собрание на Бугарија во 1917 година, Благоев одговорил: Јас не сум Бугарин, туку Македонски славјанин. Димитар Благоев умрел во Софија на 7.4.1924 година. По Втората светска војна, во знак на почит, Бугарија го смени името на македонскиот пирински град Горна Џумаја, прекрстувајќи го во Благоевград, како што се нарекува и денес. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |

























