|
|
| Зошто постоењето на Македонците од соседите се оспорува? |
|
Во 1913 година Македонија беше распарчена со Букурешкиот договор. Големите сили и соседните држави повлекоа линии на карта, без референдум, без прашање до Македонскиот народ. Но вистинската поделба не се случи само на територијата, таа се случи и во свеста. Во деловите што паднаа под различни држави започнаа координирани политики: забрана на јазикот, преименување на имиња, презимиња, топоними, затворање училишта, притисоци врз црквата, прогон на интелектуалци,... Во Егејскиот дел, по Граѓанската војна во Грција, илјадници Македонци беа протерани, а правото на враќање им беше условено со „грчка национална свест“. Во Пиринскиот дел, признавањето и непризнавањето на Македонците се менуваше според дневната политика на Софија. Во Вардарскиот дел, под српска власт, македонското име беше третирано како закана и затоа го нарекоа Вардарска бановина. Историјата на Македонија од тој момент престана да биде само прашање на минатото. Таа стана геополитички проект. Но зошто токму постоењето на Македонците се оспорува и денес, Зошто? Затоа што признавањето на посебен македонски народ ја урива логиката на територијалните претензии. Ако прифателе дека Македонците се посебен народ, тогаш приказната дека тие се „заблудени Бугари“, „јужни Срби“ или „Славофони Грци“ паѓа во вода. А со тоа паѓа и историското оправдување за асимилација. Ако се признае посебноста на македонскиот народ, тогаш паѓаат цели национални наративи изградени врз историски претензии. Ако се признае македонскиот јазик како самостоен и кодифициран јазик, тогаш се рушат децениски конструкции дека тој е „дијалект“ или „регионална варијанта“. Ако се прифати континуитетот на македонската национална свест низ 19 и 20 век, тогаш некои политички проекти остануваат без темел. Затоа негирањето не е случајно. Тоа е стратегија. Историјата, за жал, на Балканот често не е научна дисциплина, туку продолжение на дипломатијата со други средства. Наместо архивите да бидат место за истражување, тие стануваат арсенал за политички аргументи. Наместо историчарите да дебатираат, политичарите пресудуваат. Но идентитетот не се создава со договор, ниту се укинува со протокол. Тој се гради со јазикот што го зборуваат луѓето, со песните што ги пеат, со спомените што ги пренесуваат, со чувството на припадност што не може да се негира. Парадоксот е што колку повеќе се оспорува постоењето на Македонците, толку повеќе се потврдува неговата политичка тежина. Никој не вложува толку енергија во негирање на нешто што не постои. Прашањето, всушност, не е дали Македонците постојат, Тие постојат, како народ со свој јазик, култура и државност признаена од Обединетите нации. Македонското прашање денес не е прашање на романтичен национализам, туку на принцип: дали народот има право сам да се именува и да ја раскажува својата приказна? Ако одговорот е „да“, тогаш расправата за самото постоење треба одамна да биде затворена. Ако одговорот е „не“, тогаш проблемот не е во Македонија – туку во вредностите на Европа. Ако Европа навистина верува во принципите на кои се повикува, тогаш прашањето за тоа дали Македонците постојат не треба да биде тема на маса. Треба да биде затворено поглавје. Сè друго е политика и ништо повеќе. МН |













