|
|
| СУДБИНАТА НА НАЈМИЛИТЕ НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (9) |
|
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ Во април 1947 година, партизаните од Прекопана преку ноќ удрија на полицајците кои заедно со сите маџири беа сместени во црквата. Цела ноќ партизаните стрелаа одблизу кон црквата, но дебелите ѕидови не попуштија. Во гумното пред црквата партизаните пееја и играа македонски песни и ора. Таа ноќ некој тропна на вратата од нашата куќа, мајка ми отиде да отвори и кога го видела Стефо, мене ме затвори во соседната одаја за да не видам кој дошол кај нас. Тој каснал малку и си заминал кај Џидрови, а оттаму се приклучил кон другите партизани. Јас од гласот разбрав дека е Стефо, но не кажав никому. Партизаните во текот на ноќта собраа многу овци, кози и други животни, запалија неколку куќи на поистакнатите маџири од селото кои имаа направено зла. Потоа, партизаните пред зори се повлекоа кон планината Врбица и кон Прекопана. Таа ноќ во селото беше ранет познатиот македонски партизан и командант Пандо Вајнов, популарно наречен Вајната, роден во село Сребрено во 1924 год. Утредента видовме дека партизаните ги зедоа и овците на Џидрови. Маџирите утредента со помош на војската за одмазда почнаа да палат наши куќи кои им припаѓаа на партизани од нашето село. Куќата на Џидрови тогаш не изгоре, туку тоа се случи подоцна, во мај 1949 година. Утредента Нана ми рече: Лефтере, ела да одиме двајцата во Прекопана да ги бараме нашите овци. Во себе си реков: Зошто мене ме зема, кога дома има два сина, Димитар и Харила, постари од мене? Кога Нана со себе ме земаше мене, никогаш нејзината сестра Јана, мајка ми, не и´ велеше не. Тогаш не ја знаев причината за т оа, а ја дознав дури во Унгарија, во 1949 година. Отидовме во Прекопана пешки и кога стигнавме таму, забележав дека партизаните доаѓаа во селото. Подоцна разбрав дека се враќале од борбата на Невеска, кога ја запалиле црквата со полицајци внатре, а тие што останале живи ги однеле во Прекопана. Прекопанци велеа дека биле многу лоши – бурандарите – полицајците и ги тепале нив кога ќе сакале. Се сретнавме со Стефо, кој тогаш се врати од битката во Невеска и му кажавме зошто сме дојдени. Ни рече дека ќе разговара со Пандо Вајната и ќе ни каже што може да стори. Ние чекавме сред село, а пред еден дуќан имаше стража и внатре видовме неколку бурандари со врзани раце. Ни рекоа дека ќе им судат. По неколку часа, се слушнаа истрели и селаните ни рекоа дека партизаните кај еден трап ги убиле заробените бурандари. Стефо се врати и ни рече дека Пандо Вајната наредил неколку овци да си ги земеме и истиот ден се вративме дома, но селото беше слободно бидејќи бурандарите и сите маџири се иселија во Горници или во Костур. По неколку недели, една голема чета партизани дојде во селото и пред училиштето почнаа да пеат и да играат македонски песни и ора. Речиси сите младинци и деца се собравме таму, па и ние почнавме да играме оро заедно со нив. Стефо не беше меѓу нив, но братучед ми Харила беше многу радосен и со девојките и со партизаните до доцна вечерта играше оро. Се гледаше дека на Харила многу му се допаѓаше тоа што девојките од селото се натпреваруваа која со кој партизан ќе игра оро, иако партизаните играа оро со оружје на рамото. Во летото таа година грчката војска почна да стрела со топови кон селото, така што смртно беше погодена една моја млада братучетка, а друга – ранета. Неколку гранати ја погодија црквата. Јас тогаш одев накај селото и над мене летаа многу гранати. Беше ужасно и многупати денес си велам: „Ако беше така, а така беше, тогаш зошто се нарекуваме децабегалци? Кога пукаат кон тебе и те убиваат, тогаш си прогонет, зашто си го оставаш, засекогаш го напушташ родното место! Кога партизаните се повлекоа кон Прекопана, тогаш и Харила им се придружи без да бара совет од Нана и од братот Димитар. Тој тогаш немаше ниту 17 години. Во мај истата година братучедот Стефо беше телефонист на партизаните во соседното село Клисура. За еден ден дојде дома и тогаш ненадејно се појави Харила и рече дека учествувал во првата битка заедно со партизаните, но се исплашил и ги напуштил таму и дека повеќе не се враќа во Прекопана. Стефо му рече: – Сега е доцна, мора да се вратиш кај нив, зашто ако те фатат партизаните, ќе те стрелаат како дезертер…
Натпис над влезната врата на црквата Св.Богородица Сите што бевме таму бевме обземени со голема тага, а особено Нана. Стефо замина за Клисура, а Харила за Прекопана. Јас тогаш ги видов за последен пат заедно Стефо и Харила, кои ме сакаа како да сум нивни помал брат. По нивното заминување, Нана почна силно и долго да плаче. Во септември на Вичо се појави грчка регуларна војска Една сабота мојот прв братучед Харила Петличков и јас отидовме во соседното село Маврово да продаваме дрва на пазар. Штом ги продадовме дрвата, дојде војска и ни рече да одиме со војниците со нашите магариња. Меѓу селата Маврово и Горници војниците натоварија оружје на коли, на многу маски и магариња и тргнавме кон Стрилец, поминувајќи покрај нашата воденица. На Стрилец нè фати мрак; таму го растоварија оружјето и ни рекоа да чекаме до утре, кога ќе го продолжиме патот кон Вичо. Добро си спомнувам кога преку радиоврски војниците контактираа со Вичо, кажувајќи ја лозинката „Андромахи миа Андромахи миа“… По неколку часа, видовме со Харила дека и неговото и моето магаре исчезнале. Тоа им го кажавме на војниците и ни рекоа и ние да си одиме дома. За чудо, и двата самара стигнале дома. На крајот од септември, дојде абер дека Харила во една битка бил заробен од грчката војска кај Кожани. Нана ми рече да одиме во селото Чорилово, таму живее една тетка која исто така има син партизан кој лежи в затвор заедно со Харила. Село Чорилово е многу блиску до Горници, но немаше ниту аскер, ниту бурандари. На пат, од лозјата на братучедот собравме троа грозје за да и´ го дадеме на тета, да му го однесе во затворот на Харила. По неколку денови, многу бргу во селото стигна голема единица грчка војска и се смести на ридот, во дворот на црквата Св. Илија и веднаш почна да прави ровови за да се крие. Не знам која беше причината што партизаните ја нападнаа војската по два дни, кога тие имаа направено добри одбранбени окопи. По неколку часа борба, партизаните поради многу жртви се повлекоа. Војската не остана долго време во Св. Илија. Таа есен јас пасев овци на Стрилец и еднаш видов дека многу народ бега од селото по патот за Прекопана. Не знаев која е причината, но кога овците се приближија до мене, луѓето веднаш почнаа да се враќаат кон селото. Кога стигнав дома, селаните ми рекоа дека кога оддалеку ме виделе мене со стадото – помислиле дека сме чета бурандари на Пападопулос, кои тепаа многу народ по костурските села, и тоа било причината што почнале да бегаат од селото. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |


























