 Александар Стеванов
Во Крушевскиот манифест јасно и недвосмислено е потенцирано залагањето на македонските востаници за правилна војна за ослободување на Македонија и за ненапаѓање на османлиското цивилно население: „Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крвафпот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и даграбиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребе и по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чесни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите.“ За жал, ваквите високоцивилизациски и хумани вредности на македонските востаници не ги делела и османлиската власт. Па, така по крвавото задушување на Илинденското востание, османлиската војска масакрирала огромен број на невооружени македонски цивили и запалила повеќе македонски села. Ваквата тажна слика за случувањата по Илинденското востание е опишана во весникот „Colonist“ од 21. август 1903 година: „ Турските трупи, кои скоро го окупираа Крушево, го масакрираа целото христијанско население во градот, вклучително и вработените во тутунската компанија, која е под европска контрола. Оваа статија не претставува никаков исклучок. Статии со слична содржина за убиства на македонски невооружени цивили од страна на османлиската војска можат да се најдат во повеќе светски весници од тој период. Вофранцускиот весник „La Vie Populaire“о д 25. септември 1903 година, целата насловна страна е посветена на ваквите крвави настани.

Под илустрацијата стои текстот: „Прикази направени од еден од нашите дописници, од главните улици на несреќното место (Крушево), по убиствата и грабежите од страна на османлиските војници...“ По повод убиствата на недолжното македонско цивилно население, големиот македонски револуционер Даме Груев ќе испрати протестно писмо до Хилми Паша во кое директно ќе му порача да не убива недолжно цивилно население, туку да води правилна војна: „...Да се прекинат насилствата, грабежите и колежот на мирното немухамеданско население... Впрочем, вие сте должни да водите со нас правилна војна.“ За ова пишува и во престижниот американски весник „The New York Times“ (2. септември, 1903): „... Водачот на револуционерите, Даме Груев, со писмо побара од Хилми Паша да ги прекине варварските акти на османлиските војници и башибозукот ...“ Во истата статија се опишани и дел од варварските акти на османлиската војска и башибозукот врз недолжното македонско цивилно население: „...Турските војници во ноќта го масакрираа целото население од 180 мажи и 200 жени. Турците, исто така, го масакрираа населенитето на селото Велеси.“ |