Среда, 20 Февруари 2019    PDF Печати Е-пошта
МАНАСТИРОТ „СВ. МАЛА БОГОРОДИЦА“ ВО СЛИВНИЦА – ПРЕСПА (31)

X1

РЕСЕН – ЦЕНТАРОТ НА  ПРЕСПА

Борбата за национално ослободување од Отоманската Империја во овој крај организирано започнала многу одамна. Уште пред создавањето на Тајната македонска одринска револуционерна организација во 1893 година, Преспа била центар на многу настани од овој период. На 15 август 1894 година во куќата на Татарчеви во Ресен било одржано советување со кое непосредно раководеле Даме Груев и Пере Тошев. Тука биле донесени значајни одлуки за натамошниот развој на револуционерното движење во Македонија.

Ова прво советување на ТМОРО по своите историски одлуки се смета за „голема илинденска искра". Во текот на Илинденското востание на овој терен дејствувале 12 комитски чети со над 2.000 востаници. Најжестоки битки се воделе во реонот на Крушје, Лева Река, Болно, Евла, Златари, Кривени, Подмочани, Наколец, Љубојно и Герман. Затоа Преспа cnara bo редот на оние подрачја кои имаат најдолга и најбогата историја.

Духот на Илинден продолжи и во славната НОБ. За делото на Револуцијата своите животи ги дадоа 128 синови и ќерки на Преспа, меѓу кои и поетот револуционер, народниот херој Мите Богоевски. На 6 јули 1942 година во месноста Синедолско Кладенче, над селото Златари, е формиран првиот Преспанско-битолски партизански одред „Даме Груев", за потоа да се создадат нови и уште поголеми воени единици.

На 2 август 1943 година, во месноста Ломје, кај Отешево, во подножјето на планината Галичица, е одржано историското Преспанско советување на ЦК КПМ, на кое беа донесени судбоносни одлуки за разгорување на оруженото востание во Македонија против фашистичките окупатори.

X2   X3

Споменици на Јосиф Јосифовски-Свештарот и Мите Богоевски

Незаборавен е фактот дека првото слободно утро во Ресен и Преспа осамна на 5 ноември 1944 година, кога борците на Петтата и Седмата македонска народно-ослободителна ударна бригада победоносно влегоа во Ресен и го развеаја знамето на слободата. Co тоа се означи крајот на вековното ропство и почетокот на новиот слободен развој на Репуб-лика Македонија, а во тие рамки и на Ресен и Преспа во целина.

Во годините по Втората светска војна овој крај, од изразито заостанато аграрно подрачје, доживеа значајна преродба, израснувајќи во модерен индустриски, земјоделски и туристички центар, со современа и развиена прехранбена и текстилна индустрија.

Меѓутоа, миграционите движења во Македонија си го направија своето. Така, Преспа стана крај во кој почна рано да се оди на печалба. Во 19-от век и почетокот на 20-от век преспани како печалбари можеа да се најдат на работа во прекуокеанските земји Америка и Австралија, во Европа, како и во некои делови на Србија, Бугарија, Турција и други држави.

Општината Ресен има 44 населени места. Долна Преспа, пак, со помал дел од Преспанското Езеро и Малото Езеро, влегува во составот на Грција и Албанија. Оваа положба, всушност, резултира од поделбата на Македонија по Балканските војни и Првата светска војна.

Ресен се наоѓа на северниот дел од Преспанската котлина. Тој е овоштарски центар, познат по далеку прочуените преспански јаболка. Но, овој крај од Преспа е познат и како туристички регион со убави летувалишта крај Езерото, како што се Отешево, Царина, Стење, Којнско, Претор, Сливница, Крани, Долно Дупени и други. Над Ресен се вишнеат планините Пелистер и Галичица, кои имаат погодни терени за зимски спортови и летна рекреација, а освен тоа се богати и со дивеч.

X4

Јаболкобер во Ресен

На пазарот во Ресен, во саботите, можат да се купат многу производи од рачна изработка. Градот е особено познат по грнчарството, заради што долги години во него успешно работи керамичката колонија, на која секое лето престојуваат керамичари од разни држави и од Македонија.

Во него посебно внимание привлекува зградата на Музејот на Преспа, односно некогашниот беговски дворец (Сарајот), изграден уште за време на турското владеење. Зградата е интересна по тоа што е верна копија на зградата на Париската комуна, а била градена од мермер и делкан камен. Истиот бег наредил да се направи урбанистички план за Ресен, што се смета за прво урбанистичко решение на овој дел од Балканот.

Преспа често ја нарекуваат македонска „Калифорнија". Големата висорамнина е полна со плантажи од јаболка, особено од сортите делишес, јонатан, лепоцветка и редица други нови квалитетни сорти, кои во последнава година се извезуваат на светските пазари. Патот од Охрид води преку Преспа и минува низ самиот град. Во неговиот центар патникот секојдневно го пречекуваат продавачите на грнчарија, со минијатурни верни копии на големите производи кои се продаваат како туристички сувенири.

Преспанскиот регион е вистинска база, резерват на илјадници видови птици, риби, животни и голем број растенија. Богатата флора и фауна го прават уште попривлечен овој крај. Во Преспа живеат околу 380 видови птици, од кои дваесетина се вистинска реткост. Посебно во Мала и Долна Преспа се забележуваат многу пеликани, корморани, орли и јастреби. Статистичките податоци покажуваат дека само во 1969 година биле забележани 100 двојки пеликани, од вкупно 400 колку што живеат во Европа. Преспа е единственото место во светот каде што живеат толку многу пеликани на еден простор.

X5  X6

Во Преспанското Езеро живеат и специфични видови риби: јагули, крапови, скобусти, пастрмки, плашици, мрени и други. Во густите шуми околу езерото има елени и срни, мечки и волци, зајаци и лисици и други животни. Деновите си личат еден на друг: се менуваат неосетно, така што тешко можат да се разликуваат годишните времиња.

Единствен знак за распознавање е доаѓањето и заминувањето на птиците, како и промените на боите на почвата и цветовите и плодовите на овошките. Спектарот на бои е раскошен во секој временски период, што е резултат на мошне благата клима, со минимална влажност. Тишината на самотијата ја нарушува единствено летот на птиците околу трските и над езерата. Затоа со право се вели дека Преспа е „рај на Земјата".

Продолжува

Пишуваат: Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВКА-АНТИЌ и СЛАВЕ КАТИН

 

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.