|
||||
Димитри Јанков |
Димитри Јанков, (21. X 1919 – 12. I 2014) е македонски резбар, еден од најактивните резбари од постарата македонска генерација кој зад себе има оставено голем број на уметнички копаничарски дела. Со право може да се смета за претставник на македонската резбарска уметност, како дел од повеќевековната копаничарска традиција. Димитри Јанков, познат како Димче Јанко, е роден на 21 октомври 1919 година во Охрид, во големото семејство Јане и Луиза Стружанчеви. Димитри како најстар син му помагал во земјоделските работи на татка си. Во 1934 година го напуштил средното училиште и се запишал во вечерното резбарско училиште во Охрид. По неговото завршување се стекнал со звањето занаетчија. Димитри немал материјални можности да продолжи на академија, па во периодот по завршувањето со своите соученици, тој изработувал резбани предмети (кутиии др.), кои ги продавале на панаѓур во Пловдив, Бугарија. Во 1943 година тој работел во Промишљено училиште во Пловдив, каде сите резбари изработувале посебни предмети, а кои подоцна ги продавале. Во периодот од 1943 до 1947 година Димитри престојувал и работел кај братот кој бил машинист на брод во Варна, а во 1947 година работел во Македонскиот дом во Варна. Во 1947 година заедно со група ентузијасти од Охрид, го формирале бродарското друштво „Стрмец“, предвесник на едриличарството во Охрид, на чии темели е формирана Едриличарската федерација на Македонија – ЕФМ. По 1947 година, Димче Јанков работел во Студиото за уметничко резбарство „Андон Дуков“. По затворањето на студиото во 1962 година, Димче Јанков работел во Народниот музеј на градот Охрид, а подоцна во ликовното студио во Охрид на работничката организација „Бистра-продукт“. Во 1973 година заминал во пензија, но продолжил да изработува предмети по нарачка. За време на негов работен век тој обучил голем број на ученици. Димче Јанков учествувал на многу колективни изложби: во 1938 година во Белград, 1947 година во Варна, двапати во Холандија и редовно на годишните изложби на Здружението на резбари на Македонија. Неговото творештво вклучува резбани дела за државни или црковни институции - тавани, училници, розети, фризови, украси, столбови, владички тронови, постаменти, крстови и други. Неговите дела има во многу градови низ Република Македонија, потоа низ републиките на поранешна Југославија, како и во Европа, САД, Канада, Австралија и Русија. Димче Јанков починал на 12 јануари 2014 година во Охрид. Т.К |