|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (16) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (16) Во книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“, авторот Киро Кипровски ни ги пренесува сеќавањата на Мане Јаковлевски за враќањето од печалба и повторното негово заминување во Западен Берлин откако беше постојано изложен на притисок на тогашните инспектори на УДБ-а. Истовремено, во овој дел ни пренесува како Мане Јаковлевски првпат слушнал за братот Љубе Бошковски, како станаа пријатели, за да во следното продолжение ни пренесе за Здружението и Едина кои го ослободија од затворот во Хаг и дистанцирањето од него по ослободувањето. Авторот Кипровски за овие настани ке пишува: „Со голема љубов и желба Манојил во 1982 година се врати во Зубовце, со што на печалбарскиот живот во Западен Берлин стави крај. Две години пред тоа го пресели семејството во родното село, со цел ќерките да се образуваат на мајчиниот македонски јазик во Зубовце и Гостивар. Сите беа среќнии радосни што се во саканото Зубовце, во Македонија. Манојил пред да се пресели во Гостивар купи куќа, врз која изврши реконструкција, приземјето го приспособи за угостителски објект. Беше радосен што угостителството го продолжува во родниот крај. Кога се прилагоди да работи според македонските закони, ресторанот „Солун“ беше посетуван од гостиварци, како и гости од соседните градови, Скопје, Битола, Охрид, Струга... Манојил внесе новини во угостителството, а во викенди празничните денови имаше жива музика со естрадни ѕвезди. Но, успехот што го остваруваше ресторанот „Солун“, кој речиси постојано беше полн со гости, и се бараше столче повеќе, на властите им пречеше и постојано врз персоналот и сопственикот вршеа притисок, неосновано му поднесуваа разновидни прекршочни пријави. Инспекторите на Управата за јавни приходи, беа постојани гости кои го снимаа прометот, бележејќи кој гостин колку потрошил, со што директно влијаеја врз нормалното работење. Исто така, врз Манојил притисок вршеа и инспектори на УДБ-а. Многупати во часовите по завршувањето на работното време, ресторанот беше затворен, а блиски пријатели на Манојил, заедно со него го продолжуваа разговорот и по работното време. Милиционерите доаѓаа со тропање на вратата. Манојил ќе им ја отвореше, а тие со повишен тон му велеа да гонапушти ресторанот. Манојил им објаснуваше дека ресторанот не работи, нема персонал, а со пријателите си разговара во негова куќа, тој е негов дом, нема музика и не го нарушува јавниот ред. Но, милиционерите му поднесуваа прекршочна пријава, а судијата секогаш му изрекуваше казна, игнорирајќи го аргументот дека не работи, дека во ресторанот кога била извршена контролата немало ниту гости, ниту персонал. Секојдневните притисоци го принудија да донесе одлука повторно да се врати на печалба. Со тешка мака ја донесе одлуката да го напушти родното место и семејството и повторно да го продолжи животот во јабана. Но, жената и двете ќерки ги остави да живеат во Зубовце, со неговите родители, Делче и Рафаелка. Почетокот на мај 1985 година му минаа во подготовки за повторно одење на печалба. Таков е животот, ми велеше Манојил: „Нов бунар копај, во стариот не плукај“. Не верував дека ова мене ќе ми се случи, своите да те избркаат од родната грутка земја. Тажно и жалосно. Со глава ѕид не се урива. Токму ова што му се случуваше во Гостивар, влијаеше врз Манојил уште повеќе во туѓина во македонските патриотски организации да биде по активен во рушењето на комунистичкиот режим во СФРЈ, во Македонија. Со сето срце се бореше за Македонија да се осамостои, да биде современа демократска, западно европска држава. Во мојот дневник сум забележал. Пролетно сончево утро, 11 мај 1985 година, група наши пријатели веќе беа дојдени да не испратат на долгиот пат за Западен Берлин. Во канцеларијата на директорот на Радио Гостивар, Гале Фидановски во 7,30 часот, како што бевме договорени пред еден ден, се наоѓаа: Борче Синадиновски, Нуфре Јовановски, Џевад Нурединовски, Илија Стојановски, Живко Касовски, Јаков Јаковлески и Мојсо Фидановски - Моле. Два часа разговаравме разменувавме мислења на сите им беше жал што Манојил го напушта родниот крај и пак оди на печалба. Но, многумина беа убедени, дека деновите на комунистичкиот режим му се избројани, а Манојил пак ќе се врати назад. Меѓутоа, сите се прашуваа зошто македонските власти ги прогнуваат македонските патриоти, се прашуваа која им е целта и што ќе постигнат со тоа? Времето за испраќање брзо ни мина. Се напивме кафе и ракија, се поздравивме со испраќалените, кои ни посакаа среќен пат. Состојбата на бројчаникот на автомобилот „голф“ беше застаната на 7.500 км. Временските услови за патување беа одлични, континуирано возевме, застанавме на едно место откако го минавме Белград, наточивме бензин, ручавме и продолживме. Само што беше паднат мракот пристигнавме во Љубљана, се сместивме во хотелот „Компас“, во центарот на градот, во близина на Министерството за внатрешни работи. Манојил ми предложи да го посетиме вајарот Саве Стефановски, негов врсник и другар од детството, со кого заедно учеле од прво до петто одделение во Зубовце, а од 6 до 8 во соседното село Врапчиште. Многу лесно ја пронајдовме куќата на Стефановски што се наоѓаше на периферијата на Љубљана. Местото беше прекрасно, дворот беше со парковско зеленило и со безброј разновидни цвеќиња. Саве Стефановски беше пријатно изненаден од ненајавената посета на неговиот сосед и школски другар, со кого се немаше видено повеќе години. Не покани да влеземе во куќата, во неговото ателје. На работната маса, во завршна фаза во гипс се наоѓаше габаритна фигура на лав. Ни се допадна, а Манојил праша за кого е наменета фигурата? Саве Стефановски ни рече дека е наменет за македонски угостител од тетовското село Челопек, кој има ресторан во малото туристичко место Бале, на Јадранското приморје. Планира да постави два лава, едниот на влезната порта во дворот, а другиот пред ресторанот. Тогаш Манојил, спонтано прокоментира: „ Вистински македонски патриот!“ Саве Стефановски не запозна дека завршил Академија за вајарство и работи како професор по ликовно образование и воспитување во средно училиште во Љубљана, а во слободното време се занимава со вајарство. Во изминатиот десетгодишен период има отворено над десетина самостојни изложби во Љубљана и во неколку градови во Словенија, го претставил своето творештво, а со свои уметнички дела учествувал и на уште толку колективни изложби. Притоа, ни даде каталози од изложбите на кои учествувал. Моментот го искористив да направам интервју, кое подоцна го објавив во весникот „Нова Македонија“. Неколкуте часови поминати со него, беа незаборавни и ни останаа во трајно сеќавање. Се вративме во хотелот, пред да не совладата сонот. Манојил кој знае по кој пат ми вели: „Тоа што неизмерно ја сакам Македонија, што сум македонски патриот на моите Македонци им смета и ме принудија пак да се вратам назад. Тешко ми е на душава, ќе издржам, но ќе го дочекам денот кога Македонија ќе биде суверена и демократска држава. Тогаш пак ќе се вратам и повеќе нема да одам на печалба, ќе бидам среќен во мојот роден крај заедно со семејството, со другарите и пријателите. За демократска Македонија, за која се бориме во дијаспората, ќе успееме со идејата комунистичкиот режим да се распадне“. По неколку години, Манојил лично се запозна со угостителот од Бале, по потекло од Челопек, кој ги нарачал двата лава кај неговиот школски другар Стефановски. Станува збор за Љубе Бошкоски. Со него го запознал големиот активист на ВМРО-ДПМНЕ од Словенија, Крсто Поп Стефанија. Тој му објаснил, дека Љубе е одличен угостител, дека има ресторан на брегот на Јадранското Море, но дека работи и како правник во Здравствениот дом во Ровињ. Поп Стефанија за Бошкоски говорел во суперлативи, дека е голем македонски патриот, мошне ангажирани до следен во исполнување на задачи, за доброто на Македонија. По формирањето на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа, во 1992 година, Манојил беше избран за претседател, а Љубе Бошкоски беше назначен за секретар и претставник за Хрватска и Италија од секцијата на ВМРО-ДПМНЕ за Хрватска. Јаковлески и Бошкоски долги години соработуваа, реализирајќи ја програмата на Партијата. Вмровската идеја ги зближи и станаа добри пријатели. (продолжува) |