Македонски легенди

Леонид Јанков – легендарниот бранител на Гевгелиско

Македонска Нација

Македонска Нација

Леонид Јанков (10 март 1878, село Мачуково, Гевгелиско – 2 септември 1905, Ѓуров Дол кај селото Ѓавато, Гевгелиско) бил македонски револуционер и еден од најхрабрите борци за македонското национално ослободување. Учествувал во многубројни борби против османлиската власт, а со својата пожртвуваност, физичка сила и стрелачка вештина станал легендарен заштитник на македонското население во Гевгелиско.

Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во селото Мачуково, денес во егејскиот дел на Македонија. оддалечено само четири километри од Гевгелија. Негови родители биле Трајко и Ката, кои се погрижиле нивниот син да се школува и да израсне во чесен и храбар човек.

Патот кон Организацијата

Уште како млад, Леонид непосредно ја почувствувал суровоста на османлиската власт. Под влијание на своите учители, кои ја ширеле идејата за ослободување, тој дошол до сознание дека македонскиот народ може да се избори за слобода само преку организирана борба.

Движејќи се со својот татко и помагајќи му во неговите обврски, Леонид рано се запознал со идеите и целите на Македонската револуционерна организација. Набргу се вклучил во нејзините редови и станал раководител на селскиот револуционерен комитет во Мачуково.

На почетокот на XX век бил и еден од падарите што го штителе македонското население и неговите имоти. Во селото силен столб на Организацијата бил Генчо Лазаров Ортаков, додека значаен дел од организациските задачи им бил доверен на Јанковци.

Тешката положба на македонскиот народ поттикнала голем број жители на Мачуково да им се приклучат на револуционерните чети на Сава Михајлов и Аргир Манасиев. Меѓу нив бил и Леонид Јанков.

Затворот не го поколебал

Од април 1900 година Христо Чернопеев дејствувал како самостоен војвода во Кукушко. Неговата чета создавала селски комитети и вршела воена обука на населението. Низ неа поминале повеќе идни истакнати револуционери, меѓу кои Михаил Герџиков, Сава Михајлов, Крсто Асенов, Александар и Петар Китанов, Мирче Икономов и Никола Дечев.

На 4 февруари 1901 година четата на Чернопеев била опколена во селото Бајалци од околу 500 османлиски војници. Во четиринаесетчасовната борба загинал и Мицо Делчев, братот на Гоце Делчев.

По битката, османлиската власт презела сурови репресивни мерки. По предавства и дојави биле затворени околу 2.000 луѓе, меѓу кои и Леонид Јанков. Затворениците биле изложени на тешки испрашувања, малтретирање и тепање, а 444 лица биле осудени на затворски казни од една до сто години.

Бидејќи истражните органи не успеале да докажат револуционерна активност кај голем дел од затворениците, тие биле ослободени по шест месеци. Меѓу ослободените бил и Леонид.

По излегувањето од затвор, Леонид бил постојано следен од османлиските власти. Откако дознал дека бил предаден, го ликвидирал шпионот Ристо Дојчинов и преминал во четата на војводата Аргир Манасиев.

Поради покажаната храброст, дисциплина и воена вештина бил поставен за десетар, а во 1902 година станал околиски војвода во Гевгелиско. Четата го заштитувала македонското население, се спротивставувала на грчката вооружена пропаганда, а подоцна дејствувала и против врховистичките обиди за преземање на револуционерното движење.

Леонид Јанков се издвојувал како исклучително снажен, присебен и вешт стрелец. Неговата одлучност и подготвеност да застане во одбрана на незаштитениот народ му донеле голем углед меѓу жителите на Гевгелиско.

За време на Илинденското востание во 1903 година Леонид учествувал во повеќе диверзантски акции против османлиската војска. По задушувањето на востанието и престанувањето на поголемите борбени дејства, во октомври 1903 година тој и четата на Аргир Манасиев се повлекле во Бугарија.

Но Леонид не можел долго да остане далеку од родниот крај и од започнатата борба. Во 1904 година, заедно со Томе Донев и Миле Таушанов, повторно се вратил во Гевгелиско. Особено активно дејствувале на подрачјето околу Богданци, обновувајќи ја револуционерната мрежа и штитејќи го населението.

Последната битка во Ѓуров Дол

Османлиската власт внимателно го следела движењето на Леонид. Откако било пресретнато и дешифрирано писмо испратено од градското раководство до него, османлиската војска го опколила просторот околу селото Ѓавато.

Леонид и неговите соборци биле засолнети меѓу густите капини во месноста Ѓуров Дол. На 2 септември 1905 година таму започнала жестока и нерамноправна битка.

Иако опколен од многубројна војска, Леонид не се предал. Благодарение на својата снаодливост, храброст и стрелачка вештина, успеал да нанесе тешки загуби на противникот. Кога му останале само два куршума, со претпоследниот го застрелал османлискиот јузбашија, а последниот го зачувал за себе, решен жив да не падне во непријателски раце.

Така, на само 27-годишна возраст, завршил животот на еден од најхрабрите македонски револуционери од Гевгелиско.

Народот го испратил својот јунак

Веста за смртта на Леонид Јанков силно одекнала во Гевгелија и во околните села. Тој ден биеле сите црковни камбани, а нивниот звук одекнувал низ целиот град.

На неговиот погреб се собрале повеќе од 3.000 луѓе од Гевгелија и околните населени места. Бил погребан во северниот дел од гробиштата во дворот на црквата „Свети Спас“.

Народот не го заборавил својот заштитник. За неговата храброст, итрина и пожртвуваност биле испеани повеќе народни песни, а најпозната меѓу нив е „Трба, трби, Гевгелија“.

Леонид Јанков останал запаметен како симбол на непокорот и како борец што ја ставил слободата на Македонија над сопствениот живот. Неговото име и денес живее во народната меморија и во песните што сведочат за една генерација Македонци која со пушка в рака се борела за слобода, правда и човечко достоинство.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top