Деновиве, во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј и Емари од Штип, а под покровителство на Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, излезе од печат брошурата под наслов „Античките Македонци не биле Грци“ од историчарот Александар Донски.
Оваа брошура претставува одговор на Писмото до претседателот на САД Барак Обама што во април 2009 година му го упатија извесен број прогрчки ориентирани учени од неколку држави во светот во кое тврдеа дека Македонија била „грчка“ и дека денешните жители на Република Македонија немаат право да се декларираат како Македонци.
Во својот Одговор Донски аргументирано и со помош на историски цитати, ги побива изнесените ставови во Писмото до Обама. Брошурата излезе од печат во две посебни изданија (на англиски и на македонски) и се очекува истата, со помош на македонската дијаспора, масовно да биде ширена среде политичари, медиуми, историски институции и поединци ширум светот, вклучувајќи ги и потписниците на Писмото до претседателот Обама. |