|
|
Паниката во СДСМ и ДУИ е доказ дека доаѓа нивниот крај! |
Мане Јаковлески Браќа и сестри, мои пријатели, комшии, граѓани на Македонија, дојде времето кога вистината не може повеќе да се крие. СДС и ДУИ се се’ понервозни од кога било до сега, затоа што знаат дека пред нив е најголемиот пораз во историјата на самостојна Македонија. Децении наназад тие ја користеа државата како приватна сопственост. Го распродадоа националното достоинство, го уништија образованието, го уништија земјоделието, го доведоа здравството до колапс, ја задолжија државата до гуша, голем дел од младите се иселија, а останатиот дел што остана во државава ги оставија во сиромаштија и без перспектива. Секој град е сведок на нивните неуспеси: Скопје, град кој некогаш беше гордост, за време на нивното владеење стана жртва на негрижа и корупција. Распаѓање на јавниот превоз, улици полни дупки, расфрлано ѓубре насекаде,... а тие со нивните темни наочари, глумеа и се преправаа дека проблеми не постојат. Битола, Прилеп, Штип, Куманово,Тетово, Гостивар и во сите други градови во државава, илјадници млади масовно заминуваа во странство. Секое семејство има по еден член кој ја напуштил државата поради нивната неспособност. Нивните ветени „реформи“ останаа само празни зборови. Наместо правда, добивме селективна правда. Наместо развој, добивме стагнација. Наместо Европа, младите заминаа во Европа, и на крај за време на нивното владеење ја добивме најкорумпираната власт во регионот. Затоа денес стравуваат! Затоа се понервозни од кога било! Знаат дека доаѓа сметката за нивните лаги и предавства. Но, ова нема да е само пораз на СДС и ДУИ. Ова ќе биде победа на народот! Победа на чесните луѓе над корумпираните. Победа на младите што сакаат да живеат дома, а не да заминуваат во туѓина. Победа на Македонија што сака да биде горда, а не потчинета и продадена. На овие избори народот ќе покаже дека е посилен од сите нивни лаги и манипулации. На овие избори народот ќе им порача јасно и гласно: Времето на криминал и неправда заврши. Пред нас е историски момент, да го казниме нивното долгогодишно владеење и да ја изградиме нашата заедничка Македонија, за народот, со народот и по мерка на народот! Браќа и сестри, мои пријатели, комшии, граѓани на Македонија, со години наназад се богатеа на наш грб. Тендери по мерка за своите фирми, провизии за секој договор, купување станови, коли и хациенди, додека народот броеше денови како да го помине месецот. На наредните локални избори ќе го слушнат одговорот од народот: ДОСТА НИ Е И ОД СДС И ОД ДУИ! |