|
|
ЈУБИЛЕЈНА ПРОСЛАВА НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ВО СИДНЕЈ (4) |
Во петок, 12 април 2013 година, во Сиднеј на свечен начин се одбележа 35 годишницата од постоењето на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија. На свечаноста присуствуваа стотина членови како од Сиднеј така и од поближните градови кои имаа можност да се присетат за почетоците од формирањето и безбројните активности со кои Друштвото се постави на пиедестал како поборник за македонскиот јазик, литература и култура во Австралија. Друштвото од самиот почеток превзеде водечка улога во негување на македонскиот јазик преку издавање на списанието „Повод“, организирање на наградни конкурси за „Прличева награда“, издавање книги од самите членови и формирање на библиотеката „Григор Прличев“. Од самиот почеток Друштвото ја превзеде улогата на организирање Денови на македонската култура, филмски фестивали, изложби, семинари и конференции, поетски средби, театарски вечери, јавни протести, дебати и издавање писмени ноти во борбата за зачувување на македонскиот идентитет. Посебна нагласка се стави врз барањето човекови права за Македонците во поробениот дел на Македонија и апели за да се поддржи правото за самоопределување на Македонците во Австралија и да се запре дискриминаторската политика на Европската Заедница. За јубилејот пристигнаа повеќе честитки од членови, соработници, почесни членови, асоцијации од Австралија, Америка, Канада, Европа и Македонија, како и од Агенцијата за иселеништво од Македонија и Друштвото на писателите на Македонија. На своите најактивни членови, соработници и помагатели, Друштвото им додели благодарници за нивните напори во негување на македонскиот јазик. Исто така по изнесените претходни предлози на свечаноста се одлучи едни од најактивните членови да бидат прогласени за почесни-доживотни членови. Иван Трпоски беше прогласен за почесен член, а Душан Ристевски за почесен член-претседател. Исто така на средбата едногласно се одлучи на најиздаваниот поет и писател Иван Трпоски да му се додели посебна Прличева награда за книгата „Угреј сонце во мојот сон“ што оваа година се издаде како избор од неговата поезија по повод неговата 35 годишна публистичка дејност. Исто така им се додели посебна благодарница на Димче Џајкоски од Маседон Травел и на филантропистот Др. Васил Тулевски за нивното парично донирање кон издавањето на книги од Друштвото. Инаку, Во една од најбројно населените населби со Македонци во Рогдаел, Сиднеј, група ентузијасти предводени од полетниот доселеник Душан Ристески решиле да формираат Македонско литературно друштво во кое ќе ги искажуваат своите стремежи за ширење и негување на македонскиот литературен јазик на ова далечно светско поднебје. Тоа се случило на 31 март 1978 година. Така, нивните книги во картонски кутии секој вторник ги носеле во просторија која им била отстапена од Општинските власти за да ја користат заедно со други етнички заедници. Книгите сами меѓу себе си ги разменувале. Масовното приклучување на нови љубители на поетското и прозно писмо, на групата и наложило, најпрво да го крсти друштвото, а потоа и да го регистрира. Друштвото е крстено по името на познатиот Охридски ловороносец и поборник за македонскиот јазик, поетот Григор Прличев. А за натпревар и ривалство при пишувањето на идните поети и писатели друштвото ќе почне да го издава двомесечното списание „Повод“. Отворањето на Библиотеката го извршиле гостите од Македонија, потпретседателот на Матица на иселеници Димче Трајановски – Мире и секретарот Трајан Бавтироски, како и министерот за културни врски во заедницата Нил Морисон. На тој свечен настан кој се случил на 4.3.1989 година, покрај членовите на друштвото присуствувале и повеќе значајни личности од австралиската и македонска јавност. По благословот од гостите книжевниот фонд во Библиотеката ќе порасне на неколку илјади наслови. Продолжува
|