Среда, 17 Септември 2025    PDF Печати Е-пошта
Киро Кипроски, големиот новинар од малиот Гостивар

Kire copy

Киро Кипроски е еден навистина редок и голем новинар, можеби еден од најголемите мерено по опусот што го остави, по  57 години што ги делеше со оваа професија, по љубовта и посветеноста кон неа, по ангажираноста што ја покажуваше и одговорноста што ја носеше. Кипровски е еден од ретките што не пропушташе ден да не следи настан и да нема текст. Неговото име и неговиот ангажман покажуваат како од мало место како што е Гостивар може да израсне во голем новинар, плоден и препознатлив автор.

При една средба пред две години Киро Кипроски, мој колега од весникот  Нова Македонија,  ми соопшти дека сака да го одбележи својот личен јубилеј – 55 години новинарска дејност. Притоа изрази желба и ме покани да одржам беседа за неговиот влог во македонското новинарство. Поканата ми причини задоволство да го претставам како новинар и публицист, со благи карактеристики и за неговата професионална личност. Тој  даден збор и доброволен долг ги исполнив на негово и на мое задоволство.

          Денес кон него не чувствувам ниту долг ниту обврска туку колегијална, пријателска, искрена потреба да напишам нешто како последно простување со човекот, со новинарот кој  пишуваше многу, за кого новинарството беше и професија и љубов, енергија и страст, за човекот кој живееше бурно, што се одликуваше со немирен дух а замина речиси ненадејно и тивко. Секако и да повторам некои работи што беа кажани на таа свечена промоција во манастирот Свети Јован Бигорски.

Киро Кипро тоа го заслужува.

Правењето журналитички портрет на Кипроски  крие во себе поле од низа ризици да се промаши темата. Ќе прашате зошто? Затоа што Киро Кипроски во себе носи многу новинарски лица насликани со неверојатни природни бои што создаваат повеќе портрети. Колку истовремени толку и различни. Кипровски како радио новинар, Кипроски како известувач од дневни настани, Кипроски како врвен пишувач на репортажи, Кипровски како патеписец, како творец на портрети на други лица, Кипроски како новинарски патник – страдалник, Кипроски како пример за ентузијазам и посветеност на она што го избрал како професија. Конечно и портрет на Киро како друштвен човек, како посакуван колега за професионални разговори и како своевиден боем за кафански приватни  и пријатни седенки.

           Значи, не е лесно да се направи краток портрет на исклучителен новинар и публицист со богат новинарски опус, мајстор за речиси сите  новинарски жанрови, за човек кој објавил десетици илјади текстови  во пишани и електронски медиуми и кој објавил 12  монографии , специјални и специфични по содржина  и користење на изразни средства. Кога на ова би се додал и портретот на Киро како фоторепортер, тогаш ќе се види дека самиот Кипро заслужува колоритен портрет од голем формат насликан повеќедимензионално со боите на Бистра Планина комбинирани со боите на Радика и на целата нивна околина.

           Целиот професионален работен век Кипроски го минува како новинар – уредник на емисите на македонски јазик на Радио Гостивар, а од 1968 година е постојан соработник на првиот дневен весник во Македонија ,„Нова Македонија“ и на нејзините изданија: Журнал, Екран, Починка, Пулс, Скок, Вечер. Соработувал со Утрински весник, Народна просвета, Млад борец, Студенски збор, Радио Скопје, Телевизија Скопје, МТВ со новинските агенции ТАНЈУГ, МИА, МАКФАКС, дописник на Радио Дојче Веле и Радио Берлин на емисиите на македонски јазик и со многу други весници, списанија и ревии. При ова набројување, за мене, сепак центарот на неговата кариера го одбележува весникот Нова Македонија, како поранешната, така и сегашната.

          За десетина минути е многу тешко да се претстави новинарското и публицистичкото творештво на Кипроски, кој е редок новинар, речиси постојано е еден во пет: новинар, фото-репортер, тон снимател, видео- снимател и возач.  По многу нешта е уникатен и меѓу ретките новинарски пера, не само во Македонија, туку и пошироко, ги користи сите новинарски форми на изразување и обработува теми од сите области  - политика, економија, здравство, образование, наука, култура, историја, уметност, спорт, црна хроника, правосудство, патеписи и рецензии.

          Повеќето од текстовите ги создаваше на терен, затоа се „живи“, неповторливи, привлечни, читливи, некои и со силен патриотски набој.  Пораките од настаните посветени на одбележувања на значајни настани од историјата и културата, на личности, ги пренесува автентично од непресушниот извор на збиднувања низ вековите и сегашноста на западниот дел на Македонија.

Во овој контекст незаборавни се неговите текстови од општата историја,  на Македонија и македонскиот народ , за зачувување и развој на македонскиот национален идентитет, јазик и писмо. Во тој склоп се и бројните текстови за учеството на дијаспората, посебно на германската, во борбата за самостојна, суверена и духовно обединета Македонија. Киро е афирматор на македонските национални и црковни празници, на црковни општини, на политички движења и здруженија низ Европа јакнејки го македонскиот национален дух.

          Работејки во средина во која живеат повеќе националности и постојат повеќе вери Кипроски посебно внимание обрнуваше на меѓунационалните односи  залагајки се за рамноправност,  толерантност, меѓусебно разбирање. Има стотици наслови посветени на тие теми, разговори со Албанци, Македонци  со исламска вероисповед, Турци и други луѓе  кои  низ неговите текстови си ги кажувале своите маки или радости. Од  разговори со овчари до доктори на науки и академици.

Објавува истражувачки текстови за мијачките великани, за преродбенците Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Ѓурчин Кокале, Анатоли Зографски, Исаја Мажовски, за Сирма Војвода..., за копаничарите Петре Филипоски – Гарката, Макарие Негре Фрчкоски, за фреско-сликарот Дичо Зограф, за родокрајните писатели: Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Радован Павловски, Симон Дракул, Анте Поповски, Матеја Матевски, Саме Лимановски - Жерновски, Тодор Чаловски и други.

Не изостанале и легендите на македонската песна Александар Сариевски, Костадинка Палазова, Виолета Томовска, Симеон Гугуловски, Мирко Митрески. Тука се и за ликовните уметници од повеќе генерации, ќе го споменам вајарот, академик Томе Серафимовски , помладите Кочо Фидановски, Ацо Филиповски и за многу други личности кои оставиле траги не само во гостиварскиот крај, туку и низ цела Македонија и поранешна Југославија.

          Читајќи ги неговите текстови и неповторливо живописните репортажи, Кипроски  на свој мајсторски начин читателите на Нова Македонија ги запознаваше и им ги откриваше  природните  убавини на недопрената природа на Шар Планина, Кораб, Бистра, Стогово, Дешат, Добра Вода, Сува Гора. Пишуваше за пештерите, водопадите, реките и долините, за богатото културно историско наследство создавано со векови, за црквите и манастирите, за фолклорот, изворните песни , за традициите, обичаите. Ни го откри и ни го доближи древното македонско духовно светилиште, манастирот „Свети Јован Крстител“, познат меѓу народот како Бигорски манастир што пред пет години величествено го одбележа големиот јубилеј 1000 години од постоењето.

          Мошне  необичен, но податлив е фактот дека  во минатиот век во западниот дел на Македонија се одржуваа повеќе манифестации, некои згазснаа. Меѓутоа, текстовите на Кипроски им го продолжија животот, како што беа, а некои и денес ја негуваат традицијата: Атрактивната култоролошка и туристичка манифестација „Галичка свадба“, Бигорските научно- културни собири, Мавровскиот собир – Избор на Мавровска убавица, Горнорекански средби,  до Избираме највкусна долнореканска пита.

          Киро кипровски на Македонците им ја отркиваше Бистра Планина и скијачкиот центар Маврово. Слободно може да се рече дека без Кипро Маврово ќе ја немаше таа  афирмација.

          Тој е забележителен автор во фељтонистиката, има напишано десеттина фељтони, меѓу кои особено внимание предизвика   фељтонот од Света Гора, пишуван за време на неговиот десетдневен престој таму.  Преку него ја запозна македонската јавност со животот на 2000 монаси во 20 манастири, а посебно за манастирот Зограф каде го фотографира жезолот што му припаѓал на  Арсениј, последниот поглавар на Охридската архиепископија пред нејзиното укинување.

Има неколку успешни книги – монографии, при што посебно се заблежливи монографиите на браќата Јаковлевски – Гојко и Мане.

           Киро секогаш одговорно пристапувал при пишување и пренесување на текстовите. Бил професионално одговорен во трката со минутите, крајно исполнителен, ниту еднаш не му се случило да не ја исполни новинарската задача. Секогаш реагирал брзо, точно, објективно и фактите ги проверувал од повеќе извори, доследно го почитувал новинарското правило да се слушнат двете страни. Тоа било потврда дека пишувал и настојувал никого да не навреди, а на јавноста да и ја пренесе вистината, со професионален и објективен пристап, елементи кои му недостигаат на денешниот македонски журнализам.

          За плодната и квалитетна новинарска работа бил наградуван и пофалуван, од општествено-политички организации, граѓански здруженија, стопански организации, државни институции и од други. Во 1987 и 2001 година беше прогласен за дописник на годината на весникот „Нова Македонија“, неговото стожерно пристаниште.

          Што да се каже на крајот, кога може да се кажува и уште долго и широко. Кипро беше омилен меѓу колегите, секогаш кога беше во Редакцијата ширеше позитивна енергија, бодар дух и верба во професијата. Немаше човек со кого не се познаваше, со кого не контактираше, од обичниот работник во печатница, преку стенографки и дактилографки, преку главни уредници до директори. Секогаш љубезен, отворен, непосреден и говорлив, често со чашка вино, неговиот омилен пијалак. Без злоба, без задна намера, без оговарење, одлики на вистински новинар и човек. 

          Таков беше, таков си остана, таков ќе остане во сеќавањата на сите оние што го познаваа, што го читаа и слушаа.  

Тоа се моите бои за правење на портретот на Кипро, дописникот на Нова Македонија од Гостивар, од Гостивар ама познат на цела Македонија.

          За крај би сакал да споменал нешто приватно, лично.

Се сеќавам, како да беше вчера, а тоа се случи пред повеќе од половина век, во далечната 1972 година, кога се запознавме во култниот ресторан „Букет“ во Скопје, каде што денес се извишува зградата на поранешна Нова Македонија, а сега во неа се сместени неколку министерства и агенции. Со бардот на македонското новинарство, Атанас Стефанов, уредник во весникот, го пиевме утринското кафе, кога влезе Киро Кипроски, младо, цврсто, стројно момче, со црна брада и става на војвода. Млад бев и јас, тамам  го имав завршено приправничкиот стаж.  Почитуваниот уредник го покани да ни се придружи и ми го претстави дека е редовен дописник на нашиот весник од Гостивар. Дообјасни дека ја покрива гостиварска општина, а во негов дел и интерес се и  Маврово, Мијачијата, Лазарополе и Галичник, Горна и Долна Река, краишта тогаш за мене речиси непознати.  За мене, кој сум од Ресен, тоа беа места надалеку прочуени, а невидени. Уредникот дополнително искажа пофални зборови за неговата трудољубивост, исполнителност и способност, со предвидувања за блескава кариера.

          Така, ми го претстави  и не згреши. Се остварија неговите прогнози.

          Нашите колегијални и пријателски односи се од тогаш до денес, повеќе од педесет години.. Како уредник, главен и одговорен уредник  и како генерален директор на весникот „Нова Македонија“, во траење од речиси дваесет години често сум ја чувствувал потребата да му се јавам на Кипро и да му ја изразам својата одушевеност од она што сум го прочитал, од она што сум го сознал од неговите написи. И сум му се јавувал и сум му честитал многупати. Сега се јавувам за последен пат. Бог да го прости, лесна му земја  на Кирота Кипроски кој  бележито го изоде патот до вечниот дом.

pande-kolemisevski-2022 033 copy

Напишано од Панде Колемишевски, колега од весникот Нова Македонија

(Специјално за Македонска нација)

 

На прво место

News image

28 септември ќе биде осветена црквата „Свети рамноапостоли Константин и Елена“ во Скопје

Со Божја милост и промисла, по 13 години заврши изградбата на црквата „Свети рамноапостоли Констан...

Историја

News image

Најстарата средновековна македонска книжевна школа е Охридската Книжевна Школа формирана во 886

Најстарата средновековна македонска книжевна школа е Охридската Книжевна Школа формирана во 886 годи...

Иселеници

News image

НАГРАДИ НА ЛИТЕРАТУРНИ ПОЕТСКИ, ПРОЗНИ И ДЕТСКИ ТВОРБИ (3)

Еден од значајните датум за Друштвото е 12 април 2013 го...

Култура и туризам

News image

Македонски народни благослови

Аирлија. Аирлија пазар. Аерлија работа ( и – Ерлија работа) Аир и бериќет да имаш синко. Аирлија...

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.