|
|
Национализам по запад во четири чина со резиме |
Тодор Петров Се’ додека постои нацијата ќе постои национализмот, оти тоа е основа на државноста... На Исток, во комунизмот, нацијата беше синоним за етнос, луѓе од ист род и пород. На Запад, во капитализмот, нацијата беше синоним за демос, како збир на граѓани независно од нивното етничко потекло... Се разбира, Македонија нема да биде прва во светот на капитализмот, во која по рецептот на Комунистичката интернационала ќе изумрат државата, народот, фамилијата, верата... Чин први Не е никаква тајна дека предлагач на шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа за државно знаме на државата Македонија беше независниот пратеник Тодор Петров. Тоа се премолчува. Зошто, знаат ќутолозите. Ретушираат, ама фактите не можат да ги демолираат. Предлабоки се трагите на вистината за Македонија. И тоа е тоа. Веднаш по донесувањето на Законот за државното знаме на Република Македонија во 1992 година, почнаа да не’ облетуваат странски мешетари, за промена на државното знаме. И нашите не заостануваа. Прв после донесувањето на Законот за државното знаме на Република Македонија кој ми пријде со предлог за смена на државното знаме, беше пратеникот Тито Петковски: „Тодоре, што мислиш да го трампаме државното знаме за државното име во односите со Грција?!“ Му возвратив „Тито, јас се изнамачив шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа да се изгласа за државно знаме на Македонија. Кој има сила, нека проба сега нека го смени!“ Иако го сменија, ама за него ништо не добија. Тоа се вели идиоти! Се сеќавам дојде една американска делегација, имаа одвоени состаноци со сите пратенички групи во првиот повеќепартиски состав на Собранието на Македонија. Ги разубедуваа за промена на државното знаме на Македонија. Имаа средба и со мене како предлагач на Законот за државното знаме на Македонија. Едниот од делегацијата ми рече: „Господине Петров, зошто сте ја одбрале токму таа апликација на сонце за државно знаме на Македонија? Во САД има толку многу агенции за дизајн, би можеле да Ви направат поубаво сонце за државно знаме на Македонија!“ Му одговорив: „Кога Вие би ми дозволиле ЈАС да нацртам државно знаме на Соединетите Американски Држави, тоа ќе биде најубавото државно знаме на светот!“ „Не, ние не бараме од Вас промена на државното знаме на Македонија“ - возвратија Американците. И заврши муабетот... Кога под притисок „нашите“ го сменија државното знаме на Македонија, западнава бирократија ни возврати: „Знамето си го сменивте самите Вие!“ Демократски, нели?! Притисоците се заборавија, заради плиткиот ум на многумина „наши политичари“... Чин втори ...Како независен пратеник, во далечната 1993 година, отпатував во Германија кај нашинци, Македонци. Бев гостин во ресторанот на нашинецов во градот Херксхајм. На едниот ѕид од салата каде што ручавме имаше нацртано, по целата површина на ѕидот, огромна карта на Македонија во етно-историските граници. Нашинецов беше домаќин на работен ручек на градските советници. Меѓу гостите бев и јас. Нашинецов се пофали дека на гости му е пратеник од Парламентот на неговата матична држава Македонија. На крајот од работниот ручек започнавме неврзан муабет, колку да се одбележи моето присуство. Еден од советниците ме запраша: „Господине Петров, Југославија повеќе не постои, Македонија е нова држава, зошто државноста ја врзувате за античката историја на Македонија? Доаѓале, проаѓале војски на тие простори, кој знае денес кој што е.“ Не чекав долго да одговорам: „Почитувани господа, НИЕ Македонците не тврдиме дека нашите корени се од семката на Александар Трети Македонски. Етнологијата денес не е чиста генетика, туку пред се култура. Се разбира со ДНК и тоа е мерливо, но за историјата на Македонија ние зборуваме, пред се, како за култура. Тоа што Грција денес преферира кон културата и историјата на Македонија, не значи дека ние и’ ги крадеме. Ако Грците се сметале за Македонци, а помоќни се од нас, зошто нивната држава не ја нарекле Македонија туку Елада?! За Македонија не спомнаа се’ до распаѓањето на Југославија? Патем, ние не зборуваме за чиста раса, како во ергели. Хитлер во Втората Светска Војна направи обид за создавање на чиста ариевска раса и видовме до кое дереџе ја доведе Германија. Точно е дека низ Балканот проаѓале и доаѓале војски. Јас не можам денес да тврдам баба ми со кого спиела, ама кога сме веќе до бабите, да прашам: кога руските казачоци влегоа во Германија во Втората Светска Војна, дали и една Германка остана несилувана? Тие Германки, што изродија: Германци или Руси?“ Еден од советниците веднаш ми возврати: „Вие нас не’ навредувате!“ Продолжив: „Значи, кога зборуваме за баба ми, нејзе можеле да и се редат белосветски војски од пред две илјади години, и поради тоа не може јас да бидам Македонец. Ама, кога зборуваме за тие што ги силувале Вашите баби од пред педесет години, тогаш Вие сте навредени?“ „Не сакавме да ја навредиме Вашата баба, ниту Вас“ - возврати соговорникот. „Истото и јас го мислам за Вашите баби и за Вас. Не ги навредив Вашите баби ниту Вас со тоа што ја спомнав Втората Светска Војна. Впрочем, за да се санкционира поделбата на Германија во Втората Светска Војна на Западна и Источна Германија, се создаде посебна етногенеза за западно-германци и источно-германци. Иако има и други приказни за источно-германците како потомци на Прусите, Прусите од Русите. Заради санкционирање на поделбата на Германија во Втората Светска Војна, западно-германците и источно-германците кодифицираа два различни литературни јазици, формираа западно-германски и источно-германски речник, кој до денес се употребува“ - го завршив муабетот. Разговорот не продолжи... Чин трети ...За време на блокадите на граничниот премин Блаце према Косово во војната август 2001 година кога насилно прогонетите Македонци од Тетовскиот кризен регион го блокираа граничниот премин Блаце, за да покажат пред светот дека не се загрозени Албанците туку Македонците, од Македонија известуваше и екипа на Си-Ен-Ен со дислоцирано студио во хотел „Александар Палас“. Ме повикаа во студиото за директно учество во програма, да ги образложам причините на блокадата. Пред снимањето ме пресретна еден Американец од студиото, ми вели: „Што сте Вие?“ Одговорив: „Македонец!“ Возврати: „Оу, националист?!“ Го запрашав веднаш и јас: „Вие сте Турчин?!“ Американецот ми одговори: „Не, Американец!“ Му реплицирав: „Оу, расист?!“ Разговорот заврши. Значи јас Македонец, националист, ама Американецот демократ. Чудна некоја логика за национализам... Чин четврти ...Ми доаѓа во канцеларијата на Светскиот Македонски Конгрес во центарот на Скопје, 2010 година, делегација на ОБСЕ. Да разговараат. Дипломатскиот претставник дојде со преведувач. Сакаа да муабетиме за државното име Македонија. Не дека не сум гостољубив, напротив и прељубезен во комуникацијата со сите, ама знам да го бранам сопственото достоинство. Го запрашав гостинот како се вика. Ми одговори: „Се викам Алфонсо.“ Намерно ја прашав преведувачката: „Како кажа, Алфред?“ Алфонсо веднаш ми возврати, најверојатно свати дека не сум го чул убаво неговото име, па продолжи: „Алфред е германско име, Алфонсо е шпанско име.“ Го навлеков во филм, па на англиски му реплицирав: „Вие Швеѓанец сте?“ Дипломатов одговара: „Не, јас сум Алфонсо, Шпанец од Шпанија.“ Пак не свати дека е во филмот, за да на крајот му одговорам: „Господине Алфонсо, Вашиот Ај-Ди (идентитет) е Алфонсо, Шпанец од Шпанија. Мојот Ај-Ди (идентитет) е Тодор, Македонец од Македонија. За што дојдовте да разговараме за промена на името на Шпанија или за промена на името на Македонија?“ Ја свати играта и разговорот продолжи во многу порелаксирана атмосфера, иако се посрамоти. Резиме Сакав да Ви кажам како јас во очите на тие што не набљудуваат сум по дефиниција националист, иако нацијата ТИЕ ја измислија. А, векови пред нив НИЕ имавме држава. Како држави да не постоеле пред француската буржоаска револуција, та од неа па наваму ги измисливме нациите. Германија е федерација, ама во сите федерални единици живеат Германци. Ним лесно им е да менаџираат држава и да ја обединуваат Западна со Источна Германија. За западните стандарди, патриот е синоним за лојалност на граѓанинот према нацијата како синоним за државата! Ама декларацијата Македонец за истите извори е националист, како синоним за шовинист. Значи, ЈАС Македонец, не може, не смеам да си ја сакам татковината, родината, не смеам да бидам патриот, оти тоа не ни следи. Мојата љубов за мојата татковина во очите на западната бирократија е шовинизам за осуда, ама они со својата љубов за татковината може да војуваат за сопствените „национални“ интереси на сите меридијани на земјината топка и на останатите да им инкасираат колатерална штета?! Почитувани, бидете патриоти и сакајте си ја татковината! Бранете ја и за неа борете се! Љубовта према татковината е света работа и уставна должност, израз на лојалноста према државноста! Независно од дволичноста на западните „демократии“ мислам бирократии. Тој што не ги сака своите во фамилијата не ги сака ни останатите. Тој што не ја сака својата заедница и држава, не ги сака ни останатите. Тој што е без вера, не може да биде верен ниту на фамилијата, ниту на заедницата, уште помалку на државата. Затоа, нека не Ве поколебат обвинувањата од оние кои убивајќи по светот Ве обвинуваат за љубовта кон својата фамилија, заедница, држава и татковина, а тоа го прават од „љубов“ према својата фамилија, заедница, држава и татковина... ...Нели, луѓето во светот се еднакви и рамноправни, а човековите права се универзални... |