|
|
Македонците ја измислиле првата подморница! |
Во нашата јавност е малку познато дека древните Македонци биле пионери во заштитеното подводно нуркање, т.е. тие биле првиот народ (за кој постојат записи) што направиле еден вид подморница. Првите обиди за заштитено подводно нуркање биле изведувани со помош на големо стаклено ѕвоно кое со помош на јажиња било спуштано на морското дно. Внатре во ѕвоното се наоѓал нуркачот, кој преку ѕидовите на ѕвоното уживал во глетката под водата. Во ѕвоното имало спроведено континуиран дотур на воздух. Секако дека на ваков начин не можеле да се постигнуваат големи длабочини, но во времето на древнината, тоа сепак се сметало како интересно откритие. Повеќе истражувачи на историјатот на заштитеното подводно нуркање ги спомнуваат Македонците како пионери на ваквото нуркање. Така, на пример, познатиот океанограф и стручњак за подводно нуркање д-р Стивен Вуд во својот труд “Важни настани во историјата на истражувањето на океаните” јасно пишува дека Македонците биле тие кои први почнале со заштитено подводно нуркање. Тој спомнува една индиска средновековна илустрација на која е прикажано подводното нуркање со помош на големо стаклено ѕвоно, што Индијците го наследиле од Македонците. Во врска со ова д-р Вуд пишува: “Еден од најраните извештаи за употреба на справа што му овозможувала на нуркачот да влезе под водата со извесен степен на заштита и снабденост со воздух кој влегувал во ѕвоното за нуркање е онаа што Колимфа ја употребил некаде околу 330 година пред Христа според претходното нуркање под вода на Александар Велики. Ова ѕвоно е насликано од еден индиски сликар на минијатура во 1575 година. Сведоштво за вакво ѕвоно се појавува и во 13 век во еден француски ракопис под наслов 'Вистинската историја за Александар'.” Некои недоволно информирани истражувачи сметаат дека заштитеното подводно нуркање од страна на Македонците претставува само обично романтично предание, создадено во Средниот век. Имено, се знае дека во периодот на Средниот век биле создадени повеќе преданија и легенди за Александар. Најверојатно дека овие преданија и легенди биле базирани врз содржината на постари записи или усмени преданија од древнината, кои со текот на времето, во Средниот век биле преправани и дополнувани со најразлични фантастични измислици поврзани со неговиот живот, а посебно со неговите патувања. Така, биле создадени романтични легенди и преданија со фантастични мотиви (средби на Александар со разни чудовишта, наоѓање на извор со животворна вода, патувања во непостоечки и чудни земји и сл.). Во тој контекст некои сметаат дека и заштитеното подводно нуркање што го практикувале Македонците било измислица на средновековните автори. Меѓутоа, ваквите тврдења аргументирано ги демантира научникот д-р Вуд, кој нуди и древни (а не само средновековни) сведоштва за заштитеното подводно нуркање од страна на Македонците. Имено, тој пишува дека уште Аристотел го спомнал ваквото нуркање. Во врска со сето ова, во продолжение на својот труд, д-р Вуд пишува: “Аристотел во своето дело 'Проблеранта' го опишува системот за подводно нуркање од неговото време, па вели: 'Тие измислија справа преку која нуркачите можеа да дишат. Тоа беше сад, што се спушташе долу и нормално дека не беше полн со вода, туку со воздух, со кој постојано беа снабдувани нурнатите луѓе”. (Dr Stephen Wood: Diving Bells "Important Events in Ocean Engineering History - Diving Bells" in Ocean Engineering, Department of Commerce National Oceanic and Atmospheric Administration Diving for Science and Technology Copyright 1999-2001, S. Wood). За Аристотел се знае дека бил роден во градот Стагира во Македонија и дека (барем по татко) се смета дека бил Македонец. Се знае и дека токму тој бил главниот учител на Александар Македонски. Оттаму, сведоштвото на Аристотел за заштитеното подводно нуркање (дадено во 4 век пред Христа) ги побива мислењата дека тоа било романтична измислица на средновековните автори. Дека Македонците биле пионери во заштитеното подводно нуркање денес е прифатено од речиси сите релевантни фактори во таа област и пошироко.Така, на пример, во современата позната општа комјутерска енциклопедија Енкарта (цит. дело, наслов: Diving, underwater) како официјален став е спомнат фактот дека токму Македонците биле првите пионери во светот во областа на заштитеното подводно нуркање. Во врска со ова овде читаме: “Подводното нуркање претставува влегување под вода и останување под нејзината површина поради работа или истражување. Нуркањето без механичка помош било практикувано уште во древнината поради собирање бисери и сунѓери. Различни начини за снабдување на нуркачот со воздух со цел да му се овозможи подолг престој под водата биле пробани уште во 4 век пред Христа. Се смета дека Александар Велики извршил подводно нуркање во машина која веројатно била примитивна форма на нуркачко ѕвоно, а Аристотел споменува техники кои му овозможувале на нуркачот да диши под водата”. Заштитеното подводно нуркање од страна на Македонците е илустрирано и на една илустрација од 15 век. Конкретно се работи за илустрација од француски ракопис објавен во Руен во 1445 година. Ракописот е познат под насловот “Стара француска проза - романсата за Александар”. Тој е илустриран со минијатура на која е претставен Александар Македонски како нурка под вода во стаклен сад, врзан со јажиња за брод во кој седат двајца. Интересно е тоа што на илустрацијата и Александар и неговите пријатели се облечени во тогашна француска облека. Впрочем, ваквата практика (ликови од постарата историја да се претставуваат во несоодветна облека, т.е. во облека од времето на настанокот на сликата) е добро позната во историјата на уметноста. Да заклучиме дека постојат цврсти докази дека Македонците биле тие кои останале забележани во историјата како пионери во заштитеното подводно нуркање и ова е прифатено како официјален став од соодветните авторитети во таа област. |