|
||||
МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО ВО АВСТРАЛИЈА, КАНАДА И САД - ПРЕДИЗВИК ЗА ПОГЛАВАРОТ Г.Г. МИХАИЛ (4) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА ДУХОВНО ПОЛЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА Г.Г. МИХАИЛ Македонија е традиционално имигрантско подрачје од каде преселничките движења на македонскиот народ и одењето во прекуокеанските други земји,се јавуваат кон средината на XIX век. Таквите движења особено се изразени во втората половина на XIX век, кои се познати како печалбарски движења.Тие се со променлив обем и интензитет и траат сѐ до денес. Така,според некои податоци,првата група печалбари пристигнала на северно-американскиот континент во 1885 година, а во дваесеттите години од XX век и во Австралија.Меѓутоа,поединци, приклучени во печалбарските групи од соседните и други земји, заминале преку океанот и пред тоа. Бранот на иселување од Македонија, главно, од традиционално иселеничките краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Костурско, Воденско, Тетовско, Охридско, Солунско, Струшко, Прилепско и други делови на Македонија се засилил по Илинденското востание, во 1903 година. Меѓутоа, иселувањето на Македонците од својата земја било со засилен интензитет во периодот по поделбата на Македонија, во текот на балканските војни и Првата светска војна, што биле резултат,пред сѐ,на неподносливата политичко – економско, социјална и безбедносна состојба на македонското население. Така, во тој период, според некои податоци, од сите три дела на распарчена Македонија околу 60 отсто од сите иселеници Македонци биле од егејскиот,30 отсто од вардарскиот и 10 отсто од пиринскиот дел. Според специјалната комисија,пак,на Обединетите нации за Балканот, во Извештајот од 13 мај 1949 година,од Егејска Македонија се иселиле вкупно 232.000 Македонци, а на нивно место грчките власти доселиле и го колонизирале егејскиот дел на Македонија со бегалци (просвиги), претежно Турци со православна вера од Мала Азија. По Втората светска војна, особено по поразот на Демократската армија во Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учествуваше и македонското население од Егејска Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални социјални права, иселувањето во прекуокеанските земји осетно се засилило.Исто така,со либерализацијата на политиката за одење на работа во други земји од поранешна СФРЈ,дошло до иселување на голем број граѓани на тогашна Социјалистичка Република Македонија. Меѓутоа, големината, динамиката и карактерот на преселничките движења од почетокот па до денес,се различни и по форма и по содржина и соодветствуваат на фактите на општествено-економскиот и политичкиот развој на Македонија,како и на промените во миграциските политики на земјите на доселувањето. Поради миграциските движења и поради зголемувањето на наталитетот и други фактори,бројот на македонските иселеници расте од година во година.Не постојат целосни и попрецизни податоци за Македонците на Балканот и за македонските доселеници во прекуокеанските земји, Европската унија и во други земји.Официјалните статистички податоци,пак,за бројноста на македонските доселеници низ светот,се нереални од многу причини. Некои пореални проценки зборуваат дека од средината на 19 век до денес од сите делови на Македонија, во разни земји во светот се претпоставува дека се преселиле околу два милиони Македонци од сите делови на Македонија. Во отсуство на целосни статистички и други податоци, мошне тешко е реално да се утврди точниот број, меѓутоа, се проценува дека во САД, Канада и во Австралија живеат поцеќе од еден милион македонски доселеници, од кои околу 200.000 во САД, приближно 200.000 во Канада, и над 300.000 во Австралија и Нов Зеланд, од кои големиот број се од Република Македонија, од Егејска Македонија, и мал број од македонскиот дел во Бугарија и во Албанија. Исто така, се проценува дека во Европа и во други земји живеат околу 300.000 македонски иселеници. Постои одреден број доселеници од македонско потекло коишто живеат во Јужна Америка, Египет, Велика Британија, Јужна Африка и во источноевропските земји, како и во Турција, каде има голем број Македонци - муслимани и етнички Турци од Македонија Денес Македонците во новите средини во дијаспората со гордост ја истакнуваат својата припадност и бараат да станат државјани на Република Македонија Благодарение на улогата на македонските православни цркви, црковните и други асоцијации и позитивно-ориентираното македонско свештенство, со голем ентузијазам и полет ги одржуваат црковните и народните традиции и со гордост го истакнуваат богатиот фолклор, јазик, религија и традиции, афирмирајќи го македонското минато и сегашноста, а со тоа ја бранат и ја афирмираат Република Македонија. Продолжува
|