|
|
ЈОВАН КОКАЛОВСКИ - ПОЕТ, НОВИНАР И ОПШТЕСТВЕНИК ВО СИДНЕЈ |
ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА Уште на почетокот треба да се истакне дека не е лесно и едноставно да се пишува за луѓе кои инспирираат, кои задолжуваат и кои заветуваат, за луѓе кои оставаат неизбришливи траги кај современиците и кај поколенијата на македонските иселеници кои што доаѓаат. Таков беше Јован Кокаловски чие име и дело е особено познато, признато и тесно поврзано со вистината за македонскиот народ и Македонија. Тој како македонски емигрант во Австралија беше еден од најзаслужните за формирањето и иднината на голем број македонски друштва, македонски православни црковни општи и други асоцијации формирани на петтиот континет Јован Кокаловски беше е еден од ветераните за движењето за ослободување и обединување на Македонија и беше поборник за напредокот и иднината на Македонија како самостојна, суверена и независна држава Биографската лична карта на Јован Кокаловски почнува во убавото село Брусник кое се наоѓа недалеку од Битола, во кое се родени и други видни личности, меѓу кои, Тале Огненовскаи, кларинетист, композитор, партизан и учесник во НОБ: Бошко Станковски, македонски политичар, претседател на Собранието на СРМ: Васко Карангелевски - партизан и учесник во НОБ, од 1941 година, народен херој на Југославија, носител на Партизанска споменица 1941, генерал на ЈНА: Васил, Петре и Ангел Вељанов Ивановски, борци за црковна независност и локални раководители на комитeот на ВМРО. Јован Кокаловски е роден во селото Брусник на 6.11.1921 година, а починал на 30 мај 1990 година, во Сиднеј Австралија. Неговата културна дејност започнала во далечната 1947 година кога бил вработен како артист во Народниот театар во Битола. Од 1953 до 1958 година работел во Охридскиот народен театар, во кој повеќе години работел како директор . Јован Кокаловски станува и дописник на весникот „Нова Македонија“, членува во Друштвото на млади поети од Охрид и работел како секретар на Црвениот крст во Охрид. Тој беше еден од истакнатите Македонци во Австралија кој беше австралиски општествен деец со македонско потекло. Тој беше еден од значајните лидери на македонската заедница во Австралија, кој повеќе години работел активно на основањето на културно-националниот живот на Македонците од сите делови на Македонија, кои членуваа во црковни и други граѓански организации. Истовремено Кокаловски имаше придонес во борбата за слободна, независна и суверена Република Македонија, Родното место, Брусник на Јован Кокаловски се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општината Битола и припаѓајќи на групата под пелистерски села на планината Баба. Брусник се наоѓа западно од градот Битола, на оддалеченост од околу четири километри, со што припаѓа на неговата рурална зона. Селото е сместено од десната страна на реката Драгор. Тоа е во ридскиот предел, сместено на надморска височина од околу 900 метри. До селото води асфалтен пат, кој поминува низ битолската Брусничка Населба. Помеѓу селото и населбата во изминативе години се подигнати голем број викендички, а за жал селото се испустило, во него се гледаат многу разрушени куќи и бројни други објекти кои се оставени на иселеничкото невреме на Битолскиот крај, и покрај тоа што е едно од најблиските села и е предградие на Битола. Ова живописно село се наоѓа помеѓу падините на планината Баба на југ и пониското земјиште во Пелагонија на север. Поволни стопански одлики на повисокото земјиште е што на падините има шуми и пасишта, додека во низината се нивите. Селото изобилува со бунари, извори и чешми. Во него има шест цркви, затоа многумина го нарекуваат и „Битолска Света Гора“. Во 1970 година Јован Кокаловски со фамилијата се доселува во Сиднеј каде до својата смрт активно членувал во повеќе македонски организации. Така, тој неколку години работел како новинар на државната радио станица 2АЕ, а во Просветниот училиштен одбор за Нов Јужев Велс имал значајна улога за напредокот на учењето на македонскиот јазик во Австралија. Посебно место Јован Кокаловски имаше во Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, во кое од самиот почеток тој активно беше Исто така, Јован Кокаловски беше член на Драмска и Шаховска асоцијација за млади, потоа беше активен во Комитет за човекови права и Македонскиот театар во Сиднеј. Во тоа време и Друштвото беше активно вклучено во организирање собири и протести и издавање повелби и резолуции за заживување на македонскиот идентитет и нација и во борбата против шовинистичките држави кои го негираат постоењето на Македонците кои живеат во поробените делови на Македонија, како и до македонските влади кои од независноста на Република Македонија многу малку придонесуваат за обединетоста на Македонците и зачувување на македонскиот идентитет кај иселениците. Јован Кокаловски беше прогласен за почесен член, во МПЦО „Св. Петка“ од Рогдаел, каде беше и прогласен за почесен претседател. Исто така, подолго време членувал во КУД „Илинден“ од Рогдаел. Кокаловски беше еден од градителите на МПЦ „Св Петка“ и Културниот центар „Илинден“ во Рогдаел и еден од главните организатор на културните активности во оваа општина. Од 1970 година започна да го издава весникот „Македонски збор“ и станува редовен дописник на весникот „Нова доба“ и списанијата „Повод“, „Македонија“ и во други гласила во Австралија и Македонија. Автор е на монографијата „Брусник“, на монографијата за КУД „Илинден“, на поемата „Илинденска приказна“ и на стихозбирката „Атомски протест“ (1987). Со негова поезија е застапен во зборниците и антологиите: „Видици“ (1984), „Поетски иселенички меридијани“ (1996), „Коти на копнеж и страст“ (2003), Macedonian Poetry in Australia (1996) и други. Исто така Јован Кокаловски е застапен во антологијата „Ѕуница“ која е отпечатена по повод 40-годишниот јубилеј, на Друштвото „Григор Прличев“ од Сиднеј, кое е формирано на 31 март 1978 година и е една од најзначајните и долговечни културни асоцијации на македонствувањето во светот. Тоа има за цел да ги зближи и соедини македонските доселеници во Австралија, кои потекнуваат од сите делови на Македонија и кои активно создаваат литературни творби Антологијата под наслов „Ѕуница“ (Виножито) содржи поетски дела на 25 македонски иселеници кои во слободното време се занимаваат со пишаниот збор, преку кој ја изразуваат силната љубов кон македонскиот јазик и кон својата дедовска земја – Македонија. Таа пред љубопитството на читателите донесува вистинско богатство од теми и мотиви, човечки и творечки идеи и естетски вредности. Иселеникот Јован Кокаловски остана незаборавен меѓу Македонците во Сиднеј и во цела Австралија, како и во Македонија. Затоа, често се споменува неговото име и дело, особено неговите поетски остварување кои оставија неизбришливи траги во животот и активностите на иселениците од сите делови на Македонија. Така, списанието „Повод“ често објавува негови творби, се’ со цел да не се заборави Јован Кокаловски, еден од главните членови во Македонската заедница во Сиднеј, Австралија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |