Среда, 05 Октомври 2011    PDF Печати Е-пошта
Собор на сите македонски светители

Заеднички празник на сите Македонски светители

makedonski-svetiteliМакедонската православна црква ја одредила првата недела од месецот октомври како заеднички празник на сите македонски светители. Иако тие си имаат и свои посебни празници, (по еден или повеќе), овој ден е одреден за заедничко сеќавање на сите македонски светители кои во изминатите два милениума на најразлични начини придонесле за афирмацијата на христијанството на овие простори, но и многу пошироко.

Македонските светители се подвизувале на ист начин како и другите од христијанскиот свет, македонските маченици страдале исто како и другите светители и на тој начин се доближувале до својот Спасител.  Затоа денес никој нема право на македонскиот народ да му го оспорува правото на своја афтокефална црква, во која на свој јазик ќе ги слави не само своите туку и сите други општохристијански светци. Зашто, како што рекол св. Кирил Филозоф во расправата со тријазичниците: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите?  А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите...”

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука” која што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „...стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Премини во Македонија и помогни ни!' По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ не повикал таму да го проповедаме Евангелието”. (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом.  „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!”. (Дела 16- 15) Потоа и повеќе други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа.

Оттука може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија  тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот.

Но, не било лесно да се победат и искоренат старите верувања и суеверија. Битката меѓу старите наследени традиции и сфаќања од една страна и   новите правила на живеење што ги пропишувало христијанството од друга страна, била долга и трае до денес, цели два милениума. Така и денес во македонските обичаи среќаваме повеќе слоеви на народната култура, а христијанството го има доминантното место. Денес со големи и масовни свечености се празнуваат големите Господови празници, потоа празниците на Божјата мајка Пресвета Богородица, македонскиот народ ги прифатил како свои и го празнува споменот на повеќе општохристијански светители (св. Георгиј, св. Димитриј, св. Петка, св. Никола, св. Архангел Михаил и многу други). Многу функции на старите словенски божества (на врховниот бог, на богот на водите, богот на стоката и тн.) се пренесени врз новите христијанските светители. Така, многу од нив станале покровители или заштитници на поедини семејства, но и на одделни занаети.

Но, во текот на многуте векови за христијанството страдале и повеќе личности од ова поднебје, па така денес македонскиот народ со посебна почит го празнува споменот на повеќе свои светители (светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски чудотворци, св. Прохор Пчињски, св. Гаврил Лесновски, св. Јоаким Осоговски, св. Ѓорѓи Кратовски, св. Злата Мегленска и многу други).

Кога станува збор за македонските светители истражувачите ги делат на неколку групи. Во првата група односно во групата светители - просветители спаѓаат светите браќа Кирил и Методиј како и светите охридски чудотворци Климент и Наум. Со својата црковна дејност како свештеници, потоа со својата просветителска дејност како учители, но и со својата книжевна дејност, тие се афирмираа многу пошироко од нашата средина и станаа познати на многу поширок простор.

Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј се родени во Солун во семејство на угледни и образовани родители. Завршиле високи школи и станале почитувани личности. Во три важни мисии ја проповедале христијанската вера: Арапската, Хазарската и Моравската. На говорот на солунскиот крај ги превеле најпотребните книги за богослужбите во црквата, на словенскиот свет му дале азбука и писменост со што се стекнале со бесмртност кај многу народи, поточно кај целиот словенски свет. Влегувајќи во жестока полемика со оние што тврделе дека Бог треба да се слави само на три јазика: еврејскиот, елинскиот и латинскиот, Кирил Филозоф во Венеција поставил прашања што и денес се многу актуелни: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите?  А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Бог го сметате толку бессилен што да не може да го даде тоа, или толку завидлив што да нејќе?”

Учениците на св. Кирил и Методиј и продолжувачи на нивното дело, светите охридски чудотворци Климент и Наум влегоа и во народните преданија и легенди и останаа во свеста на многу поколенија на македонскиот народ како извори на мудрост и енергија. Св. Климент остана во колективното паметење како заштитник на градот Охрид и на македонскиот народ воопшто. Секогаш кога над градот ќе се надвиснела опасност се јавувал духот на свети Климента и го спасувал од несреќата. Свети Наум пак останал запаметен како чудотворец со моќта да лекува болни (и тоа најразлични болести) и за време на животот и по смртта. Преданијата за Св. Наум раскажуваат дека тој им помагал на сите што со верба му се молеле за помош без разлика на вера и националност.

Светителите - пустиножители од североисточна Македонија Св. Прохор Пчињски, Св. Гаврил Лесновски и Св. Јоаким Осоговски, кон кои редовно се придодава и Св. Јован Рилски, во народното паметење останале како четворица браќа по вера или како четворица свети браќа. Житијата ги запаметиле како „чудни и вистински новопросветени отци наши и пустиножители, небесни луѓе и земни анѓели (...) чесна четворка, богоизбрано друштво, трудољубиви Христови работници, кои излегоа со ралото на верата да направат бразда и да посеат семе духовно и да го ожнеат достасаното класје, добродетелен плод на Христа да му принесат”. Житијата сведочат дека овие тројца македонски светци живееле и се подвизувале во повеќе места од североисточна Македонија кон крајот на X, XI и почетокот на XII век, дека и за време на животот и по смртта направиле многу чуда, пред се со лекување болни и со чување на манастирските имоти. Нивните манастири и денес го чуваат нивниот спомен и претставуваат светилишта за македонскиот народ од сите краишта на Македонија.

Светителите - маченици: Св. Ѓорѓи Кратовски, Св. Злата Мегленска и Св. Спасе Радовишки настрадаа во одбрана на христијанството и останаа како пример за саможртва во името на верата и човечкото достоинство. Тие ги одбија ласкавите награди, богатството и привилегиите што им се нудеа за да го примат исламот и му останаа верни на својот Бог - Исус Христос. На тој начин спечалија вечен живот и се населија во царството Божје. Свети Ѓорѓи Кратовски, одби да ја смени верата, да се ожени со ќерката на првиот и најбогат човек во градот, ги одби сите овоземни задоволства и му остана верен на својот Бог. Херојски ги поднесуваше мачењата и најпосле беше запален во Софија на 24/11 февруари 1515 година. Кога  се пресели во заедницата на светците имаше само 18 години.

И на Свети Спасе Радовишки, (познат и како Св. Анастасиј Струмички) му било понудено да го прими исламот за да ги избегне измачувањето и погубувањето. Муселимот, (повисок претставник на турската власт), му понудил и чифт пиштоли оковани во сребро, бархетна (сомотна) облека и место чехондар кај него. Но, како што раскажува неговото житие, момчето просветлено со благодатта Христова останало на својот поранешен став.  „Земната среќа, мислел тој, при измачувањето на совеста е лоша среќа, а уште пострашна ќе се покаже тука со нечистата совест”. Поради тоа бил жестоко тепан, заклучен во затворот, на рацете и нозете му биле ставени окови, на вратот вериги, а во нозете му биле набиени остри игли од трње. Воден кон периферијата на градот каде што требало да биде обесен, „в. Спасе се помолил на својот Бог и му ја предал својата света душа на 29 август 1794 година.

Света Злата Мегленска настрадала поради својата убавина. Еден Турчин -насилник ја грабнал и потоа барал таа да се потурчи. Злата пак, украсена не само со телесни туку и со исклучителни душевни особини, како што вели нејзиното житие „со тврда вера во Бога, со девственост и целомудрие” ги одбила сите понуди, а не се исплашила и од заканите. „Јас верувам и му се поклонувам само на Господа Исуса Христа; Он е единствениот мој младоженец, од кого јас никогаш нема да се одречам, што и да направите со мене, па макар и да ме исечете на делови”. Поради силната вера во Исуса Св. Злата Мегленска била тепана со стапови, од нејзината кожа ваделе ремења што и ги обесувале пред очите, потоа како што сведочи нејзиното житие „усвитиле еден железен стап и го провлекле од едниот крај на увото до другиот, така што низ носот и устата на маченицата излегуваше чад”. А кога и покрај сето тоа останала меѓу живите, мачителите уште повеќе ожесточени „ја обесиле на едно дрво и нејзиното девствено тело го исекле на парчиња”. Така во месец октомври 1795 година, Св. Злата Мегленска „ја предаде својата света душа во рацете на Својот бесмртен Младоженец и прими двоен венец - девство и мачеништво”.

Меѓу македонските светители-маченици спаѓа и свети Нектариј (со родено име Никола) Битолски. Потекнувал до Битола од набожни и праведни родители, а во детството кога на градот му се заканувала опасност од турските освојувања, мајка му работејќи на гумното задремала и сонила чуден сон. И се јавила Пресвета Богородица и и рекла да го земе мажот и децата и да бега на друго место. Така ја избегнале несреќата, а потоа  им благодареле на Бога и на Богородица за спасувањето. Поттикнат од овој настан подоцна Нектариј заминал во Света Гора Атонска каде што се подвизувал. Ги избегнувал искушенијата и конфликтите со оние во кои бил влезен ѓаволот. Со благодарност кон Бога ги трпел страдањата и се овенчал со уште поголеми венци од Бога и се преселил во вечното царство Христово на 5 декември 1500 година.

За време на владењето на Јулијан Отстапник, кога е извршен страшен прогон на христијаните од Никеја во Тивериопол (Струмица) пребегале епископите Теодор (учесник на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година) и Тимотеј и монасите Комасиј и Евсевиј.  Во Тивериопол ним им се придружиле месните свештеници Петар, Јован, Сергеј, Никифор и Теодор (втори) ѓаконите Василиј и Тома, монасите Еротеј, Харитон и Даниил како и еден мирјанин по име Сократ. Но управителот на солунската област ги фатил и ги погубил на 28 ноември 362 година. Добрите христијани ги погребале достоинствено, а Бог ги надарил со чудотворна моќ така што на нивните гробови многумина болни нашле оздравување.

Големиот борец против разните ереси во Македонија Св. Иларион Мегленски е роден во Цариград. Неговите родители биле од угледна фамилија но биле несреќни затоа што долго немале рожба. Поради тоа се молеле пред Бога, а мајка му верувала дека Пресвета Богородица ќе ја израдува. И навистина набргу добиле машко дете што го крстиле Иларион што значи радосен. Детето уште мало покажало чудни дарби. На три години ја запеало песната на ангелите: „Свет, свет, свет е Господ” и промрморило „Еден Бог” што предизвикало восхит кај сите. На 18 годишна возраст го започнал монашкиот живот и со христијанскиот начин на живеење бргу се стекнал со голем авторитет. Од Бога бил даруван со чудотворна сила, така што еднаш кога завладеала глад со молитви ги наполнил амбарите со жито од кое се прехраниле не само жителите на манастирот туку и околното население. Во 1134 година бил поставен за епископ Мегленски. Го учел народот во христовата вера и жестоко се борел против разните ереси кои во овој крај зеле широк замав.  Во неговото житие се раскажува дека со зборови ги победил ерменците, манихејците, а потоа и богомилите и дека многумина припадници на овие еретички движења придобил за вистинската Христова вера. Починал на 21 октомври 1164 година и бил погребан во манастирот на Светите апостоли што самиот го подигнал.  Над неговиот гроб се случувале чуда, а кога со посебна  царска и црковна одлука го отвориле виделе дека од очите како од два извора му течело миро од кое многу болни нашле исцелување.

Свети Јован Кукузел е голем византиски композитор од македонско потекло. Заедно со Св. Јован Дамаскин се најпознатите музички дејци во источната православна црква. Тој е познат црковен псалт, композитор, музички теоретичар и голем христијански богоугодник и испосник. Неговото дело оставило траги во  културите на повеќе балкански народи кои денес подеднакво го почитуваат и слават. Неговата нотација наречена Кукузелова, неовизантиска, доцновизантиска и сл. била во употреба од крајот на 15 до почетокот на 20 век. Му се припишува вокалниот стил во црковното пеење наречен „пападикиски” во кој внесувал и музички елементи од народниот, пред се, македонскиот мелос. Од истражувачите на музиката бил наречен ангелогласен, извор на музиката, учител над учителите, голем мајстор на уметноста и сл. Според преданието но и повеќе други показатели тој е роден во селото Џерменци или Џерманци во дебарскиот крај, во близината на манастирот „Свети Јован Бигорски”. Истражувачите на неговиот живот и дело имаат различни мислења за времето кога тој живеел но се согласуваат дека тоа било меѓу XI и XV век.

На наш терен, односно во Македонија се подвизувале и страдале и некои други светци кои што потекнуваат од други краишта како што се Св. Еразмо Охридски, Св. Јован Владимир (зетот на цар Самоил) и др. а овде се развил и култот и на некои други светители како што бил Св. Ахил Лариски чии мошти царот Самуил ги пренесол од Лариса на островот во Преспанското Езеро кој и името го добило по овој светец.

Значи не се без основа тврдењата дека Македонија е библиска земја дека на овој терен христијанството се ширело од неговата појава, дека на овој терен за Христа Бога страдале и многумина Македонци чиј спомен македонскиот народ достојно го почитува и слави.
(Подготви Марко Китевски)
 

На прво место

News image

Македонија е вечна, а власта не е!

Македонија е вечна, а власта не е! Народот ќе ви врати на следните претседателски избори

Историја

News image

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ И КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ НА БРОНЗЕНИ ШТИТОВИ ОД „СТАРО БОНЧЕ“, КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПС...

Култура и туризам

News image

ВРЕМЕ Е

Чедомир Б.Шопкиќ

Фељтон

News image

Александар Македонски (62)

ИЗГРАДБА НА БРОЈНИ ЗНАЧАЈНИ ХРАМОВИ ПОСВЕТЕНИ НА АНТИЧКОТО ВРЕМЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.