|
||||
Лазар Соколов |
Лазар Соколов (18. III 1914 - 3. I 1984) е македонски национален деец, економист и университетски професор. Бил еден од водачите на македонското студентско движење, секретар на Културно-просветното друштво “Вардар“ во Загреб и активист на МАНАПО (1936 - 1938). Во времето на НОАВМ бил член на КПЈ (1941), на АНОК (од есента 1943), на Агитпроп при ГШ на НОВ и ПОМ (од април 1944) и член на Иницијативниот одбор за свикувањето на Првото заседание на АСНОМ. Бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и за член на АВНОЈ, а потоа и претседател на Привременото народно собрание на ДФЈ. Лазар Соколов е роден на 18 март 1914 година во Куманово. Завршил гимназија во Куманово и Скопје. Потоа образованието го продолжил во Загреб. Како студент на Економскиот факултет во Загреб бил еден од водачите на македонското студентско движење, секретар на Културно-просветното друштво „Вардар“ во Загреб и еден од основоположниците на МАНАПО (1936 - 1938), поради што бил уапсен и потоа суспендиран од работа. Се приклучил на Народноослободителното движење во 1941 година. Истата година станал член на КПЈ. По налог на Партијата, прифатил да биде помошник кмет на Куманово и бил редактор на единственото дотогаш револуционерно списание „Дедо Иван“. Од есента 1943 година бил член на Акциониот народен ослободителен комитет (АНОК), а од април 1944 година член на Агитпропот при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и бил член на Иницијативниот комитет на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, Тој активно учествувал во подготовките и работата на АСНОМ и бил еден од редакторите на историските асномски решенија, На Заседанието бил избран за прв Повереник за народно стопанство, а бил член и на Антифашистичкиот совет на Народното ослободување на Југославија, Потоа бил и претседател на Привременото народно собрание на Демократска Федеративна Југославија (ДФЈ). По Ослободувањето докторирал од областа на економските науки, бил помошник на министерот за трговија и снабдување во Владата на ДФЈ, в.д. директор на Институтот за меѓународна политика и стопанство и професор на Економскиот факултет во Белград. Соколов бил доследен на линијата која ја застапувал Методија Андонов - Ченто. Неговите критики на недемокрарските методи на Партијата, како и на идејата за создавање на независна Македонија, биле искористени тој да биде политички дисквалификуван како Информбировец, Тој бил исклучен од КПЈ во јуни 1949 година и наскоро потоа испратен во логорот на Голи Оток. Казната ја отслужил од 1950 до 1951 година. Подоцна, некое време бил директор на Економскиот институт во Скопјe. Автор е на поголем број научни трудови за стопанската историја на Македонија и промените во структурата на југословенското стопанство. Награден е за научниот труд †Резервите на работната сила на одделни подрачја на Македонија“ (Скопје, 1964). Лазар Соколов починал на 3 јануари 1984 година во Скопјe. Подготвил: Т.К. |