|
||||
Тодор Арсов |
Тодор Арсов (12. IX 1919 - 21. V 1943) е македонски партизан, комунистички деец, организатор и борец на НОБ. Бил назначен за политички комесар на Штабот на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. Загинал во судир со бугарската војска и полиција како политички комесар на Вториот плачковички (штипски) НОПО „Гоце Делчев“. Тодор Арсов е роден на 12 септември 1919 година во Штип. Основно училиште завршил во родниот град, а гимназија во Врање и Заечар (1933/1934). Додека се школувал станал член на Литературната дружина „Јован Скерлиќ“ и станал член на СКОЈ. Своето образование го продолжил на Белградскиот универзитет. Како студент на Правниот факултет на Белградскиот универзитет, бил активен учесник во студентското движење. Во септември 1935 година станал член на КПЈ, при што истата година бил упасен и поминал три месеци под истрага во затворот Главњача. По излегувањето бил протеран во Штип, каде што станал член на Месниот комитет на КПЈ. Повторно бил уапсен во април 1937 година и по три месеци истрага во затворот во Велес и во Централниот затвор во Скопје, бил суден во Белград, а казната ја издржал во затворот Лепоглава. За време на Априлската војна во 1941 година бил на отслужување на воениот рок во авто-единица во Охрид, а по брзиот слом на кралската војска се вратил во Штип. Во јуни 1941 година станал член на обновениот Месен комитет на КПЈ. Во јуни 1941 година, дипломирал право на Софискиот универзитет. До средината на 1942 година, работел како адвокатски приправник во Окружниот суд во Скопје. Поради опасноста да биде провалена неговата партиска дејност, се засолнил во Ќустендил, а потоа на 20 април 1943 година се вратил во Штип. Тодор Арсов бил истакнат организатор на НОБ и бил назначен за политички комесар на Штабот на Четвртата оперативна зона на НОВ и ПОМ. На 21 мај 1943 година, Тодор Арсов загинал во судир со бугарската војска и полиција како политички комесар на Вториот плачковички (штипски) НОПО „Гоце Делчев“. Подготвил: Т.К. |