|
||||
Единаесет припадници на АРМ добија медал за постигнување во СЕЕБРИГ |
![]() Единаесет припадници на АРМ кои биле на служба во Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ денеска добија „Медал за постигнување“. Медалите се доделуваат на лица кои успешно работат повеќе од една година како припадници на основниот штаб на СЕЕБРИГ, а ги врачи командантот на Бригадата на Југоисточна Европа, бригадниот генерал Зибер Душку. На свеченоста во Домот на Армијата на Република Македонија присуствуваа и министерот за одбрана Зоран Коњановски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Мирослав Стојановски. За министерот Коњановски доделување на медалите значи поттик за понатамошна соработка и успех за досега направеното во однос на регионалната соработка заедно со другите земји членки од регионот со кои АРМ учествува во процесот СЕДАМ. Началникот на ГШ на АРМ Стојановски истакна дека тоа не е признание само за индивидуалните достигнувања, туку е признание за сите припадници на армијата, додадвајќи дека бригадата ја исполни целта за мир и стабилност во регионот. ![]() - Научените лекции од учеството во активностите на бригадата, како и од мисиите, за нас се од огромно значење, а припадниците на АРМ кои успешно ги извршуваа задачите, на најдобар можен начин го дадоа својот придонес кон градењето на интероперативноста и имплементацијата на стандардите на НАТО, што е најголемата придобивка не само на АРМ туку и на останатите припадници на армиите кои се во составот на бригадата, рече Стојановски. За сериозноста со која АРМ му пријде на учеството во СЕЕБРИГ, како што посочи, говорат високите оценки од инспекцијата на обученоста на декларираните единици и на беспрекорното извршување на сите задачи и преземени обврски во рамки на иницијативата. ![]() Република Македонија како активна членка на регионалната иницијатива, во штабот на СЕЕБРИГ учествува со припадници на АРМ од формирањето на бригадата. Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ, е формирана во 1999 година, како резултат на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа, кој во 1998 година го потпишаа Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција. Во дванаесетгодишното постоење на СЕЕБРИГ изведени се повеќе вежби на кои покрај декларираните единици, учествувале над 100 припадници на АРМ. |