|
||||
Атентатот во Марсеј |
Поминуваат 75 години од настанот што го потресе светот минатиот век на 9 октомври 1934 година во Марсеј. Во нашата историја овој настан беше скоро целосно минимизиран, па дури и ако не бил овој настан опеан во познатата народна песна, ние за него би знаеле толку колку што знаеме за Охридското и Тиквешкото востание, односно скоро воопшто. Ќе се потрудиме да појасниме малку повеќе за случувањата во Марсеј во тоа време и кој и како стоел зад организацијата и реализацијата на овој настан. Со поделбата на Македонија после Првата светска војна, вардарскиот дел на Македонија влегува во склоп на новоформираната држава - Кралство на СХС. Управувањето со новата држава во свои раце го преземаат големосрпските монархистички кругови под раководство на кралот Александар. Прогласувајќи ја за официјална доктрина теоријата за т.н. “Интегрална Југославија”, согласно која: Србите, Хрватите и Словенците се објавуваат за единствен троимен народ. Македонците ги нарекуваат “Прави Срби”, а за Црногорците воопшто и не станува збор. Правото на националната самобитност на овие народи им го одзема Белград. Со конституцијата од 1921 година се озаконува српската раководна улога на државата. Југославија се претвара во воено-полициска држава која има корумпирана администрација, полициско самоволие и беззаконие. Во ова држава се спроведува угнетувачка политика кон несрпските народи. Од денот кога Хрватите се согласуваат да ја сврзат судбината со Србите, поминуваат многу долг пат додека се обидат со сите мирни и демократски средства да направат соработка со Србите и додека од сето тоа се потроши и последната капка на нивно трпение. Така, во 1921 година Хрватските политички партии се обединуваат во еден блок кој што ќе биде предводен од лидерот на Хрватската селска партија, познатиот општествен работник и политичар Стјепан Радиќ. Тој активно се залагал за федеративен поредок во државата, разобличувајќи ја големосрпската антидемократска политика, предводејќи се со девизата “Бог и Хрватска”. Во 1922 година ,Стјепан Радиќ испраќа меморандум до Светската Конференција. Меморандумот е против српската тиранија, а за тоа србите нема никогаш да му простат. Затоа, на 20 јуни 1928 година Стјепан Радиќ е застрелан во Собранието од српскиот пратеник Пуниша Рачиќ. Ова страшно злодело ќе побуди голема возбуда кај народот. Ќе следат протестни денови со демонстрации во Хрватска. Борбата за слободна и независна Хрватска ја продолжува д-р Анте Павелиќ. Тој ќе формира Хрватска Револуционерна Организација “Усташи”. Македонија и Хрватска, преку своите национални револуционерни организации ќе се обединат и ќе застанат во ист фронт лице в лице со заедничкиот непријател - Србија. Како резултат на ова соработка следува настанот кој силно ќе го потресе светот. Ќе се потрудиме да дадеме поексплицитна слика за овој многу важен настан. 9 октомври 1934 година е датумот кога југословенскиот крал Александар пристига со бродот “Дубровник” во Марсеј на својата прва официјална посета на Франција. Целта е пред светот да се демонстрира цврстиот сојуз помеѓу двете држави. Ова е времето на оживеана дипломатска дејност меѓу европските држави и настани кои полека го трасираат патот кон Втората светска војна. Доаѓањето на кралот е проследено со големи свечености и помпезности. Ескортиран од миноносци на Француската средоземна ескадрила, бродот ја фрлил котвата на Белгискиот кеј.Од древното марсејско пристаниште одекнуваат артилериски плутони, на кој возвраќаат од бродот “Дубровник”. Француската делегацијата предводена од Министерот на морските сили Пиетри, го поздравува гостинот од името на францускиот претседател на палубата на бродот. Кралот слегува од бродот со адмиралска униформа и таму го пречекува францускиот министер за надворешни работи Луи Барту. Генералот Жорж читал поздравен говор. Генерал Жорж за време на Првата светска војна се борел рамо до рамо со српската војска на Солунскиот фронт. После говорот, кралот Александар влегува во автомобил кој го чекал и се упатува кон општината каде што го очекува официјален пречек. До него седел Барту, а на резервното седиште седел Генерал Жорж. Возачот на автомобилот свирел со цел граѓаните на Марсеј да го видат и да го поздрават гостинот. Во следниот автомобил бил југословенскиот министер за надворешни работи Богољуб Јефтиќ со францускиот министер Пиетри, потоа следеле луѓето од кралската свита и одборот за пречек. Поради проблем со морската болест, кралицата Марија патувала со воз. Нервозна атмосфера натежнувала над гостите и домаќините, на бледото лице на кралот се читал замор од патувањето по бурното море, како и внатрешна напнатост и страв од атентат. Барту се трудел да го потисне своето незадоволство и неспокојство зашто веќе неколку дена наназад во Париз се слушале разговори за можен атентат, а исто така се пишувало и по весниците “Парис миди” и “Пари Соир”. Особено силно е неспокојството помеѓу кралската свита. Шефот на кралскиот двор изненадено констатирал дека всушност мерките за заштитан на кралот се сосема недоволни. Од двете страни на патот по кој што поминувал кордонот биле поставени 1500 полицајци и агенти, но непосредната заштита на автомобилот е поверена на двајца коњанички офицери. Во последен момент, од непознати причини се менува решението за безбедност и кралскиот автомобил го следат одред од мотоциклисти. Кордонот се движел по средината на улицата ‘Ла Канебер” со брзина на пешак. Тротоарите биле исполнети со граѓани. Од некои места се слушале аплаузи, а од други пак исвиркувања. Кога колоната веќе навлегува на плоштадот, пред пазарот во 4.20 часот после пладне, од толпата народ помеѓу двајца полицајци скокнува убаво облечен маж со силна градба. Тој протрчува покрај коњот на полковникот Пиоле викајќи “Да живее кралот”, скокнува на прагот на кралскиот автомобил и со револвер неколку пати пука во кралот Александар, а потоа пука и во Барту. Прв кој пробал да го отргне бил генералот Жорж, но и тој бил застрелан со неколку куршуми. Возачот го запрел автомобилот. Во тоа време полковникот Пиоле со брзо движење успева да го успокои и да го заврти коњот и со сабјата му нанесува два удари на атентаторот кој што паѓа на улицата и продолжува да пука. Полицијата што го штитела кралот исто така отворила оган кон него. Настанат невиден хаос на преполните улици. Полицајците го фаќаат атентаторот и му ги врзуваат рацете. Го носат до најблиската полициска станица, каде што го подложуваат на тортура и сослушување. Ова сослушување траело до вечерта, а тој со последни сили ги молел да го остават него и да им помогнат на настраданите. Куршумите кои биле упатени за крало Александар се покажале смртосни и уште во автомобилот тој ја изгубил свеста. Брзо го пренесле во префектурата, но тој за неколку минути умира. Министерот за надворешни работи на Југославија Богољуб Јефтиќ, подоцна ќе разгласи дека божем во последните мигови од својот живот кралот Александар прошепотел: “Чувајте ми Југославију!”, а францускиот “Тан” ќе го доукраси кралскиот завет со:”Пазете ми ја Југославија и пријателството со Франција”. Така следбениците на Александар Караѓорѓевиќ ќе ја дополнат митологијата на големосрбизмот со уште една легенда. Во настанатата гужва, над Барту се укажува прва помош, но неговата состојба се влошува и заедно со паднатиот во бесвест атентатор, со санитетско возило се пренесени во најблиската болница. Таму му се прави успешна операција , но неговото срце не издржува и тој умира. Генералот Жорж после петмесечно лекување оздравува иако има тешко ранување. Покасно за настанот тој си споменува:”Со револверот атентаторот манипулираше со таква прецизност и молскавична брзина, што ми остана во сеќавање, наспроти тоа што моментот беше трагичен”. Без да дојде во сознание, атентаторот умира во осум часот истата вечер во болницата. Во неговата облека му откриваат чешкословачки пасош на име Петер Келемен, револвер “Маузер” и “Валтер” и бомба. Всушност, позади ова име се крие личноста на Владо Черноземски. На десната рака имал тетоважа со иницијалите на ВМРО: череп, вкрстени коски и девиза „слобода или смрт“. Погребан е на 12 октомври 1934 година на марсејските гробишта во присаство на двајца детективи и гробари. Местото на погребот не е означено. Жаклина Петровска {youtubejw}W7F-h_oLOfY{/youtubejw} |