|
|
| МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО ЗНАМЕ ПОД УДАР ОД ГРЧКИТЕ ШОВИНИСТИ |
|
Македонската заедница од Мелбурн традиционално повеќе години настапува на Мултикултурниот фестивал „Мумба“ во Мелбурн, (кој траеше од 6-9 март во организација на Градската општина Мелбурн) но оваа година на некој им пречеше македонското национално знаме (16 кратното сонце од Кутлеш) и на организаторите, Федерација на македонските КУД во државата Викторија (ФОМКУД) им се даде ултиматум, да се настапи со државното знаме на Република Македонија инаку настапот ќе се забрани, божем дека не се „задоволувале критериумите“ на Фестивалот „Мумба“. Македонските организации разочарани од дискриминаторската политика одлучија да не настапуваат на парадата на 9 март со изговор дека знамето од Кутлеш е македонско национално знаме кое ги обединува и претставува сите Македонци од сите делови на Македонија. Со тоа се прекина една традиција што траеше од 1960 година, а за тоа, организаторите на Фестивалот беа остро критикувани на социјалните мрежи, поготово што градоначалникот на Мелбурн Николас Рис е од грчко потекло и дека не смееше да му „потклекнува“ на притисоците на една заедница која е позната по своите шовинистички ставови кон Македонците. Инаку на парадата учествуваа 35 културни групи, значително помал број од минатите години. Во некои извори се наведува дека интересот за настап на овој Фестивал значително е опаднат и дека Фестивалот го губи своето поранешно значење. Иако повеќе младинци од КУД „Никола Карев“, „Јане Сандански“, „Гоце Делчев“, „Светлост“, „Тоше“, „Александар македонски“, „Илинден“ неколку месеци заедно го координираа нивниот настап со цел достојно да се престави македонскиот фолклор, песна и култура, крајно се разочараа од политизирањето на Фестивалот поради жалбата на „една заедница“ (грчката, н.з.) да се забрани употребата на знамето. Во Австралија, аловото знаме со 16-зрачното жолто сонце започна да се вее на многубројните протести уште во 80-тите години и со независноста на Република Македонија почна почесто да се вее во Македонија и истото постана државно знаме во 1992 година. Но по две години, поради притисоците на Грција, истото се измени но тоа остана непрекинато да се употребува во Дијаспората. Оваа одлука донесе растревоженост и омраза кон Владата на РМ која никогаш не се консултира со Дијаспората, и одлука донесена против вољата на Македонците. А Дијаспората е таа која постојано го брани македонскиот идентитет и често се соочува со вакви шовинистички испади. Престседателот на ФОМКУД, Георги Ламбески, изјави за државната телевизија АВС дека употребата на знамето нема политичка цел. „Ѕвездата од Кутлеш е знаме на народот и симбол на целиот регион Македонија“, нагласувајќи дека македонската заедница има прво да го избере симболот со кој ќе настапи“. Повеќе македонски организации испратија протесни писма до Градскиот совет на Мелбурн за ваквата дискриминаторска одлука, меѓу кои и Литературното друштво „Григор Прличев“, Советот на македонската заедница од НЈВ и Светскиот македонски конгрес-Австралија. Изјава на Светскиот македонски конгрес – Австралија: МАКЕДОНСКОТО 16-ЗРАЧНО СОНЦЕ Е ИЗРАЗ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО Светскиот македонски конгрес-Австралија (СМК-А) се спротистави на одлуката на градот мелбурн со која на македонската заедница ѝ се забранува да учествува на парадата на фестивалот „Мумба“ со знамето од Кутлеш. Знамето со 16-зрачното сонце е историски и културен симбол на македонците ширум светот и не претставува политичка партија, движење или влада. Тоа е дел од нашето културно наследство. Македонската заедница учествува на парадата „Мумба“ уште од 1960-тите години, гордо преставувајќи го својот културен идентитет. Ваквото ограничување отстапува од долгогодишната практика и отвора прашања за доследност и еднаков третман. „Мумба“ се претставува како прослава на мултикултурниот карактер на Мелбурн. Како јавна институција, градот има обврска да ги почитува принципите на еднаквост и недискриминација, вклучително и одредбите од Законот за еднакви можности на Викторија. СМК-А побара итно преиспитување на одлуката и ги повикува македонските организации да го изразат својот став. Македонската заедница со генерации придонесува во културниот и општествениот живот на Мелбурн, а почитувањето на тој придонес подразбира и почитување на нејзиното културно наследство. Еднаквиот мултикултурализам мора да важи за сите заедници. Душан Ристевски-Македон |

























