|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (19) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (19) СЛЕДЕН ОД МАКЕДОНСКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ На почетокот на распадот на СФР Југоаславија, кога воениот конфликт од поранешните југословенски држави се закануваше да ја зафати Република Македонија, во 1992 година во јавноста се појави аферата „Сина птица“. За самата афера се поврзани низа контраверзни настани, меѓу кои дека Службата за државна безбедност се обидела да формира паравоена формација во рамките на ВМРО ДПМНЕ само за да ја дискредитира како демократска политичка партија. Аферата го добива името според хотелот „Сина птица“ во Кочани каде е одржан таен состанок меѓу преставници на ВМРО ДПМНЕ и преставници на безбедносните служби на земјата. Во книгата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски“, авторот Киро Кипровски го обработува овој сегмент од животот на Мане Јаковкевски кој бил следен од Службата заради тоа што бил безбедносно интересен. Со оглед дека оваа афера можеби никогаш нема да биде целосно расфетлена, авторот ги пренесува видувањата на Јаковлевски за кои ќе напише: „Годините на распадот на Југославија, беа судбоносни за Македонија. Вистинските патриоти, со право, беа загрижени за нејзината иднина. Тогаш се случија многу контроверзни настани, кои до ден денес не се расветлени и кој знае дали за нив, вистината некогаш ќе се дознае. Секако, од тој период, познат е тајниот состанок во Кочани, во мотелот „Сина птица“, кога патриоти, членови на ВМРО-ДПМНЕ, воделе разговор и со претставници на Службата за државна безбедности на македонската армија, за фомирање на така наречена Македонска национална гарда, која би се борела ако евентуално дојде до војна во Македонија. Документите, што можат да се најдат за овие настани, не даваат целосен одговор, за тоа што се случувало. Во тајното досие „Сина птица“, што го водела Службата за безбедност има разни лажни изјави на нејзини доушници, кои за да и се додворат, конструирале свои сценарија. Со „Сина птица“, тесно е поврзана и посетата на Софија, на делегација на претставници на Македонците од дијаспората и на раководството на ВМРО–ДПМНЕ. Еве, што може да се дознае за овие настани од досието „Сина птица“ и од документите, што ги поседува Манојил Мане Јаковлески од тоа време. Во досието „Сина птица“ на МВР на Република Македонија-Служба за државна безбедност- II Управа, со евид. Број 106 од 02.12.1991 година, се наоѓа предлог за примена на мерката „ТАЈНА КОНТРОЛА НА МЕЃУНАРОДНИОТ ТЕЛЕФОНСКИ СООБРАЌАЈ СПРЕМА МАНОЈИЛ ЈАКОВЛЕСКИ - МАНЕ, од татко Делче, роден на 01.02.1951 год. во село Зубовце, СО Гостивар, Македонец, државјанин на СФРЈ, приватен угостител, постојано настанат во село Зубовце, времено настанат во Берлин - СР Германија. Мерката ќе се применува на претплатничкиот број 9949/30/8838541 и на телефакс бр. 9949/30/8815849, на работното место ресторан „Ново Скопје“ во 1 Берлин 15 Курфурстендам 38, а ќе се води под псевдонимот „АДУТ“. Лицето е безбедносно интересен по основна оперативната акција „М-91“. Во образложението стои: „Службата за државна безбедност на Република Македонија, располага со потврдени сознанија дека Манојил Јаковлески, освен со парична помош, со која редовно ги помага активностите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, во последно време презема активности, спротивни на политичката платформа и статутарните одредби на партијата. Од добиените сознанија се поврзал со екстремното и милитантното крило на партијата, кое заговара насилно и вооружено загрозување на поредокот на Република Македонија, загарантирано со Уставот. За таа цел, веќе презема активности за испитување на можноста за нелегално купување на оружје во странство и за негово нелегално внесување во Републикава. Овие активности ги врши организирано, во договор со лица од Македонија и од странство, и по нивни насоки. За резултатите од примената на мерката, да се подготвуваат информации во форма на прераскажувања, а за оние од посебен интерес во форма на репродукции. Во случај кога е потребно итно преземање на оперативни мерки и активности, телефонски или на друг начин, веднаш да се информира оперативниот работник, кој ја предлага мерката или неговиот непосреден старешина“, стои во образложението на Службата за државна безбедност на Македонија. Со предлогот се согласил Добри Величковски, а го одобрил Слободан Богоески, тогаш потсекретар на СДБ. И двајцата го потпишале, а не го потпишал Јордан Мијалков, тогашен министер на МВР. Мерката за тајна контрола на меѓународниот телефонски сообраќај кон Манојил Мане Јаковлески, Службата за државна безбедност започнува да ја спроведува неколку месеци пред да го формира досието „Сина птица“. Повод, Службата за државна безбедност, да ги прислушкува телефонските разговори на Јаковлески, бил непосредниот заклучок што бил усвоен на дводневното советување на секциите на ВМРО-ДПМНЕ, одржан во Берлин, на 30 септември и 1 октомври 1991 година, зашто биле информирани од нивни кодоши. На состанокот било договорено, веднаш да се воспостават контакти со државите, кои директно влијаеле врз политиката на Балканот, пред се со соседите: Албанија, Грција, Бугарија и Србија, со што би и се помогнало на Македонија во решавање на сложената положба.“ Првата политичка посета на претставници од Задграничниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ, била во Софија, Република Бугарија, од 2 до 5 октомври 1991 година. Мисијата ја сочинувале: Драган Богдановски, почесен претседател и идеолог на ВМРО-ДПМНЕ; Манојил Јаковлески, координатор на сите европски секции на ВМРО-ДПМНЕ; Стојче Наумов, уредник на Гласот на ВМРО во Канада и Зорче Гечовска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Делегацијата беше сместена во куќата на Пепи Паскалев, внук на Манојил од прва братучетка, тогаш ја извршуваше функцијата заменик министер за индустрија во владата на Р. Бугарија. За посетата на Софија и резултатите од разговорите во следното продолжение. Текст и фотографии: Киро Кипроски (продолжува) |