|
|
Грчки фалсификат во најпознатите светски преводи на библијата |
Во најпознатите преводи на библиската старозаветна Книга на пророкот Даниел, вештачки е уфрлен зборот „Грција“, иако според оригиналниот текст на старохебрејски требало да стои – Македонија!
Општо е прифатено верувањето дека дел од содржината на старозаветната Книга на пророкот Даниел, во која тој опишува еден свој сон, се однесува на освојувањето на Азија од страна на Александар Велики Македонски. Овде ќе укажеме на еден голем прогрчки библиски фалсификат на кој, за жал, потпаднаа многу преведувачи на Библијата, вклучително и некои македонски. Имено, во стихот (8,21) од Книгата на Даниел, спомнат е цар (крал), за кого библиските познавачи сметаат дека е Александар Велики Македонски. Во македонскиот превод на Библијата (достапен преку Интернет) овој цар е наречен како „царот на Грција“. Консултиравме и други преводи на Библијата и во најголем дел од нив, секаде го пишува истото (веројатно според домино логиката да се прави превод врз основа на некој веќе претходно направен превод, па ако таму пишува „Грција“, тоа се зема здраво за готово и по инерција се внесува во новиот превод). Така, на пример, од познатите преводи на Библијата на англиски терминот „Грција“ е спомнат во: преводот на Вебстер (1833 год.), во преводот на Дарби (1890 год.), во американската стандардна верзија на Библијата (1901 год.) и други. Во сите овие преводи на англиски се среќава терминот „Грција“ (Greece). Во познатиот превод на Библијата од страна на Англиканската црква познат како Библијата на кралот Џејмс (од 1611) овој термин е модифициран, па наместо „Greece“ пишува „Grecia“. Во преводот на Дуеј-Рејмс (1582 год.), пак, се чини е отидено најдалеку во прогрчкото детерминирање на овој стих, па терминот Грција е заменет со етнонимот „Грци“ (наместо „царот на Грција“, пишува „царот на Грците“ !?). Прогрчките детерминирања на овој стих од Книгата на пророкот Даниел се застапени и во преводите на други јазици (меѓу кои и македонски). Меѓутоа, уште кога го прочитавме ова, се посомневавме во автентичноста на употребата на термнот „Грција“ во сите овие преводи. Ова заради фактот што ваквата квалификација била дадена околу крајот на седми или почетокот на шести век пред Христа од страна на старозаветниот пророк Даниел, а во тоа време никаква „Грција“ не постоела ниту како држава ниту како некоја оформена целина (унитарна античка грчка држава никогаш не постоела во историјата, туку наместо тоа постоеле извесен број градови-држави кои најчесто биле непријателски расположени едни кон други). Ова значи дека пророкот Даниел (кој тогаш живеел во Вавилон) не можел да спомне ваков термин. Истражувајќи натаму, наидовме на текстот на Стариот завет напишан на оригиналниот палео-хебрејски јазик (исто така од седми и шести век пред Христа) со транскприпција на современиот хебрејски и со транскрипција на зборовите со латинични букви.Го најдовме стихот 8:21 и наидовме на едно големо изненадување. Имено, таму воопшто не пишува „царот на Грција“, туку (на хебрејски) „царот на Јаван“. Па, кој си дозволил името Јаван да го фалсификува и да го замени со „Грција“ и тоа пишувајќи за време кога ваква држава не постоела? Значи се работи за невиден и дрзок фалсификат и тоа направен во Библијата!!! Рековме дека ваквиот фалсификат веќе е нашироко распространет во огромен број преводи на Библијата, иако не во сите. Некои библиски преведувачи биле коректни, па во нивниот превод си стои „Јаван“ наместо вештачки уфрлениот и фалсификуван термин „Грција “. Така, на пример, во англискиот превод на Библијата направен од Роберт Јанг (објавен во 1862 година) сосема јасно пишува „кралот на Јаван“ (кing of Javan), а не „кралот на Грција“. Видовме дека и кај фалсификаторите се забележуваат разлики што значи дека и тие не се сигурни во фалсификатот што (намерно или не) го направиле. Така, на пример, некои „Јаван“ го превеле како „Грција“, некои како „Греција“, а трети дури го употребиле и етнонимот „Грци“ (!?). Но, што значи зборот Јаван? Зошто овој збор некој си дозволил да го поистовети со терминот Грција (Грци)? Дали е тоа можеби некое постаро име за териоторијата на денешна Грција? Веднаш ќе кажеме дека Јаван не е никакво географско име (на пример некое поранешно име за Грција и сл.), туку тоа претставува лично име! Конкретно тоа е име на еден од синовите на Јафет (кој бил син на Ное). Значи, Јаван бил внук, од син, на Ное. Ова е посочено во Книгата за Битието (10 поглавје), каде во врска со ова читаме: 1 Ова е родословието на Ноевите синови: Сим, Хам и Јафет, на кои им се родија синови после потопот. 2 Јафетови синови: Гомер, Магог, Мадај, Јаван, Тувал, Мосох и Тирас (...) 4 А Јаванови синови: Елисај, Тарсис, Китим и Доданим. 5 Од нив се раширија народите по островите; според своите земји - секој со сопствен јазик - според своите племиња и народи. Значи, според Стариот Завет, од внуците на Ное и од нивното потомство настанале разни народи, иако не е точно прецизирано од која личност кој народ настанал. Прогрчки настроените учени сметаат дека од Јаван настанале Грците, па затоа името Јаван во своите преводи го фалсификувале со терминот „Грција“. иако за такво нешто не постојат никакви историски докази. Всушност прогрчки настроените преведувачи се повикуваат на Табелата на народите напишана од староеврејскиот историчар Јосиф Флавиј (кој живеел во првиот век по Христа) кој таму вели дека од потомците на Јаван настанале Грците. Така, на пример, во најпосетената интернет енциклопедија на Интернет (која во приличен степен треба да се зема со резерва, заради што е и забранета за употреба во некои американски образовни институции) „Википедија“ (наслов Javan) во врска со ова читаме: „Јаван бил четвртиот син на синот на Ное... Јосиф Флавиј го застапува традиционалното гледиште дека ова лице било предок на грчкиот народ“. Ваквиот став го застапуваат и други автори, меѓу кои и гореспомнативе преведувачи на Библијата. Според сите нив, Јаван бил наводен „предок на Грците“ и затоа неговото име во Библијата е фалсификувано со „Грција“ или со „Грците“. А како основа за ваквото тврдење се повикуваат на пишувањето на Табелата на народи напишана од страна на античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј. А сега да направиме критички осврт кон ваквите тврдења. Како прво да видиме што е тоа Табела на народите за која толку се држат овие прогрчки настроени преведувачи и учени. Веднаш ќе кажеме дека Табелата на народите не е никаков библиски, а ниту историски, текст, туку тоа е литературна творба, да не кажеме измислица, на многу подоцнежни автори. Во Стариот завет (книгата Битие) видовме дека само пишува дека од потомците на Ное (цитат): се раширија народите по островите; според своите земји - секој со сопствен јазик - според своите племиња и народи. Овде никаде не пишува од кој потомок кој народ бил создаден! Многу векови подоцна, одделни автори си дозволиле, врз основа на оваа реченица да претпоставуваат и да шпекулираат (се разбира без никакви цврсти докази) кој народ од кој потомок на Ное настанал. Ваквите претпоставки (шпекулации) се познати под името Табела на народите. Еден од авторите кои напишал своја Табела на народи бил и античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј. Меѓутоа, тој не е единствен автор на Табелата на народите, поточно не постои само една, туку постојат неколку Табели на народите од разни автори. Покрај Табелата на народите од Јосиф Флавиј, постојат и Табели на народите чии автори се: свети Иполит (трети век), Јером (крај на четврти век), Исидор од Севиља (седми век) и други подоцнежни автори. Сите тие своите табели ги направиле со векови по појавата на оригиналната Книга на Битието во Стариот завет (за која се претпоставува дека била комплетирана околу шести или седми век пред Христа). Рековме дека според Табелата на народите од Јосиф Флавиј (која била напишана во први век по Христа, т.е. околу седум векови по комплетирањето на Книгата на Битието) Јаван бил предок на „Јонија и на сите Грци“ (се разбира без никаква историска основа за ваквото тврдење – патем да спомнеме дека во сите свои историски дела Јосиф Флавиј сосема јасно прави разлика помеѓу Македонците и Грците, секаде јасно издвојувајќи ги овие два народа). Но, за разлика од Јосиф Флавиј, во Табелата на народите создадена од свети Иполит (прва половина на трети век) пишува дека Јаван (преку својот син Китим) бил предок на - Македонците! Интересно е што свети Иполит (кој потекнувал од Рим и денес се смета за еден од најголемите ранохристијански теолози), како директни потомци на Јаван, освен Македонците, ги сметал и: Иберијците, Тројанците, Фригијците и Римјаните. За етно-културната врска помеѓу Македонците и Фригијците (кои додека престојувале на Балканот биле познати под името Бригијци, т.е. Бриги) постојат голем број докази, што значи дека свети Иполит не бил далеку од вистината во ова свое твдрење барем кога се во прашање Фригијците и Македонците. Дека Јаван бил предок на Македонците (а не на Грците или на Грција) пишува и во големата дванаесет-томна Еврејска енциклопедија (објавена помеѓу 1901 и 1906 година) каде Јаван сосема јасно е поистоветен со (цитат) „Македонија“. Во светски познатиот Крецман проект (всушност коментар за Библијата од страна на проф. д-р Пол Крецман, објавен на над 3.000 страници во периодот помеѓу 1921 и 1924 година, кој денес се смета за водечко толкување на Библијата среде лутераните, името Јаван се поврзува и со Македонија и со Грција. Овде читаме: „Јаван ги вклучува Македонија, Грција и јонските колонии...“ Меѓутоа, еврејските истражувачи Готхил и Краус се категорични во тврдењето дека Јаван се однесува исклучиво на Македонија. Во својот коментар за Еврејската енциклопедија тие потсетуваат дека Александар Велики во древните рабински текстови бил опишан како „Александар Македонецот“ и дека во Библијата Македонија се среќава под името Китим (кој бил еден од синовите на Јаван), што значи дека постои и библиско сведоштво дека Македонија е поврзана со Јаван (преку неговиот син Китим). Овде само ќе потсетиме дека ова сведоштво се среќава во старозаветната Прва книга за Макавеите (1-3) каде читаме: „Александар Македонецот, синот Филипов, кој тогаш веќе беше господар на Грција, се појави од земјата Китим и го победи Дарие, кралот персиски и медиски, по што зацарува место него“. Во ова библиско сведоштво јасно гледаме дека Александар е наречен „Македонец“ (кој во тоа време веќе господарел со Грција, што сосема одговара на вистината) и дека се појавил од земјата Китим. А бидејќи знаеме дека земјата на Александар е Македонија, како и дека Китим бил син на Јаван, еве и библиски доказ дека Јаван треба да биде поврзан со Македонија, а не со Грција. Готхил и Краус исто така потсетуваат дека рабините кои живееле во времето на „Македонската ера“ (цитат): „го идентификувале хебрејскиот Јаван со Македонија“. (http://www.jewishencyclopedia.com/view.jsp?artid=19& letter=M#ixzz1Jx1e2YZo). Заради сето ова се поставува прашањето: зошто преведувачите на Библијата не го искористиле зборот Македонија како синоним за Јаван (иако за тоа постои и библиско сведоштво во Книгата за Макавеите)? Зошто го избрале токму зборот Грција (па дури и етнонимот Грци) кога видовме дека нема никаква историска основа за тоа? Сепак можеби најдобро би било овие преведувачи да се држеле до оригиналниот текст и да го оставеле во своите преводи името Јаван, наместо да импровизираат врз основа на недокажани шпекулации (меѓу кои сосема слободно можеле да ја изберат и Македонија). Еве уште една неправедна прогрчки ориентирана тенденција од светските учени во која на Грција и Грците без основа им се припишува нешто што реално не им припаѓа. И тоа овојпат, ни повеќе ни помалку, туку во самата Библија! Предлагаме за ова да се покрене една широка акција преку интернет до црквите во светот и до издавачите на Библијата со цел запознавање со оваа неправедна состојба. |