|
|
Реакција на македонската емиграција во Турн Северин по Берлинскиот конгрес |
Покрај придобивките кои ги имаат Србија, Црна Гора и Романија, кои територијално се прошируваат, со Санстефанскиот договор за мир се предвидува воведување на реформи во Босна и Херцеговина, како и воведување на Устав за Крит и Тесалија. Сепак најтрагична одлука на потпишаниот мир е одлуката за создавање на автономна бугарска држава во чии граници влегувале и територии надвор од неа како што е Врањскиот округ од Србија, Корча од Албанија и цела Македонија. Санстефанскиот договор ќе ги предизвика големите европски сили кои во создавањето на ваква бугарска држава гледаат проширување на руското влијание на Балканот и во реонот на Средоземното Море. Австро-Унгарија, Германија и Англија, санстефанска Бугарија ја сфатија како фактор за нарушување на нивните интереси на Балканот и Средоземното Море, како и пресекување на патиштата кои водат кон Солун. Соседните балкански држави Грција и Србија, кои имаат аспирации кон територијата на Македонија исто така се спротивставуваат на Санстефанскиот договор. Под притисок исцрпената Русија ја прифаќа ревизијата на Санстефанскиот договор, при што пред да се состанат големите сили во Берлин, не успева да издејствува од Австро-Унгарија формирање на одделно автономно кнежевство на територијата на Македонија и Новопазарскиот саниак. Од 13 јуни до 13 јули 1878 година, во Берлин заседаваат големите сили. Берлински конгрес во многу нешто ќе ги измени одлуките на Санстефанскиот договор. Србија, Црна Гора и Романија биле прогласени за независни. Босна и Херцеговина биле препуштени да бидат окупирани од Австро-Унгарија, а Бугарија пак била разделена на два дела: автономното кнежевство Бугарија и на автономната област Источна Румелија. Македонија била вратена под власта на Султанот, а за неа со членот 23 од Договорот се предвидувало воведувањето на реформи. Како што Рускиот царизам неоправдано го заобиколи македонскиот народ во Санстефанскиот договор, така и на Конгресот во Берлин македонското прашање беше запоставено од европските сили. Решението на Берлинскиот конгрес за враќањето на Македонија под власта на Османската империја претставувало неправда за македонскиот народ, посебно по жртвите кои ги поднел во руско-турската и српско-турската војна. Незадоволство од Берлинскиот конгрес ги крева македонските револуционери и македонската емиграција кои со оружје во рака сакаат да ја добијат толку посакуваната слобода од турското ропство. Македонското (Кресненско) востание против Отоманската власт се крева на 17 октомври 1878 година во селото Кресна, во долината на реката Струма во Пиринска Македонија. Македонската емиграција во Турн Северин (Романија) преку настојништвото на Македонското друштво во градот испраќа парични прилози за Македонското (Кресненско) востание. Во писмото од 7 јануари 1879 година до Натанаил Охридски (Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том први, Скопје 1981), кое овде ќе го проследите на оригинален јазик со извесни измени, македонската емиграција го искажува своето разочарување од големите сили и смета дека единствено со сопствени сили македонскиот народ треба да ја извојува својата слобода: „Свепреосвешенејшему Г. митрополиту Натанаилу и Кирилу и свима македонцима кое се налазу на бојноме поле Вашега поверенога избранога човека, од славнога комитета по имену Г-н Илиа Крстов, иначе (Жупан) роген из Струга, кој е принео вашите рукописани ви писма за Турну Сеферину, и свима Македонцима които подбуждавате за народната ни свобода испод турскога ига или (јармом); кој стење од пед сто лета па и до данас, ами видимо данас да смо остали од свиу славјанскии народи најзад за нашето ни освобождение; и видимо да смо на Берлински конгрес изоставени од славна Европеиска комисија кое е послата у Македонија да устројава некакви закони, и сама за себе да оставу Македонија под отоманскога гувернатора. Само да можеду да не одвоу од нашија народ единокрвни брака, па зато примечевамо: каква е нашата слобода да та од Берлинскија конгрес, и од оне лица кое су решавали у данашњем деветнаесетом веку изображенога света. За ото требамо да докажемо целе оне европејске комисије колико пута су век дати турске реворме, под гаранција европејска. Не знамо ли ми педесет и четврто лето кад е велика славна Русија воевала противо пет велике силе за освобождението на Полубалкански Остров, па и онда су дати реформи од свиу силе; и опет Отоманска Порта није ништа испунила са ниовом администрацијом; па до хилјадо и осамстотина и седамдесет и седме године, кад е век сасвим дигла се велика турска орда и ненасити Черкези да сатару сасвим славјански елемент који живу на Балканским Полуострову.
Па се тог дана велика славна Русија подиже и великиј государ Александр Николаевич се целом неговом семејством и неговом храбром војском; уге у Балканском Полуострову да освободи свиу славјанске народи на Балканскога Полуострова живеки. Али нама Македонцима нажалост остана на Берлинскиа конгрес, кој е био највеки противник енглескја дипломатин Г-н Сализбури и Г-н Бинкосвилд и Г-н Андрашиа дипломатина на аустриската држава (империја). Заото нема сега ништо не остае него треба да се дигнемо сичките Македонци противо нашите непријатели и да пролеимо крвата за освобождението ни, за да види цела Европа да смо народ достојни за да примиме свободата и да постанему у реду мегу изображенога света, са нашата ни администрација; уостало требамо да докажемо целе Европе на јавност са оружието у руки свобода - свобода. смрт или живот. Заото умолјавамо македонскога Централнога комитета да би задоволни били са овом нашом малог могукностом, кои се налазу (у) Турну Сеферину за овога првога пута, а а убудуки кемо се болје потрудитеи, а имена нихова кои су приложили зарад свободата народна кете видит у приложеноме списку. Члановно друство Турну Сеферину: Г. Коста Христов, из Охрида, Г. Илија Поп Јовчев из Скопле, Г. Јанко Секулов, вевчанин, Г. Ангел Костовик из Левча, Г. Христа Наиденов из Кичова, Г. Никола Јованов из Кичова (и) Г. Наум Симонов из Охрида Пречитру и лица умолјавам нек буду задоволни у оволиком речи а на дел чемо се потрудити да болје буде. Ваш доброжелател Илија Поп Јованов“ Последиците од нерешавање на македонското прашање се видливи и денес. Истите актери, повеќе или помалку повторно одлучуваат за нашата иднина.
|