|
|
Фрустрирачките ставови на политичките депресивци |
-осврт на изјавите на Љубчо Георгиевски
Низ минатите дваесет години од воведувањето на плурализмот, на македонската политичка сцена продефилираа ликови кои оставија впечаток со своето дејствување. Дел од нив беа позитивни, дел негативни. Но, секако најинтересни за јавноста беа оние контроверзните, оние кои едно зборуваа пред народот, а друго правеа, оние кои пред јавноста се маваа во градите со нараснатиот патриотизам, а зад кулисите го погребуваа растечкото чувство за национално созревање. Нацијата можеше да биде предмет за поткусурување и манипулирање во деведесетите години, тогаш кога таа учеше што е демократија, што е плурален амбиент, кога беше збунета од повеќепартискиот систем кој почна да се практикува. Но, не и потоа. Доволни и беа изборните фалсификати, криминалната транзиција, арамилакот на политичките водачи, насилната промена на демографската структура. Нацијата тоа редово го казнуваше на секој изборен циклус. Народот сакаше позитивен национализам, го прифати во благата автентична форма како одбранбен механизам од соседните иредентистички пропаганди, кои нараснаа откако разбраа дека се возобновува македонската државност.
ХАРИЗМАТА КАКО МАГНЕТ ЗА НАРОДНИТЕ МАСИ Во тој период на нашето национално спознавање улогата на национален десничарски водач, народот му ја даде на неприкосновениот Љубчо Георгиевски. Иако млад и невешт, иако недоделкан во својата дипломатска тактика мудро да одлучува во дивите времиња, сепак успеа со својата харизма да продре во кожата на децениски обесправениот Македонец од сите наоколу. Се нижеа овации по градовите и селата за младиот конзервативен водач, оти дотогаш таков не смеевме да имаме. Македонецот беше жеден за својот национализам кој беше испуштен во минатото од разноразни причини. Со солзи радосници во очите ги впиваше најавите на Љубчо за македонска фудбалска репрезентација, за македонска валута, армија, полиција и сите други белези кои ја создаваа државноста. Подоцна со солзи од тага истите тие ги слушаа зборовите на нивниот водач дека заради фалсификатот од страна на Социјалдемократите во 1994 година, ги напушта изборите и во наредните четири години ќе останат надвор од Собранието, дека Киро Глигоров е избран со гласови на косовски државјани кои претходно експресно добиле македонски државјанства, околу 140.000 на број итн. УРНАТ МИТОТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИКОНА
Митот за Георгиевски растеше и во 98-та народот го доведе на владеачкиот трон, правејќи ја чудната коалиција со Тупурковски и Џафери. Оттогаш, сликата на Љубчо почна да бледее. Двајцата мудреци Циле и Џафери немаа премногу зорт за да го амортизираат непоколебливиот Македонец, кој почна експресно да ги задоволува апетитите на коалиционите партнери за да опстои на власт. Георгиевски го призна Тајван, без апетит го потпиша Рамковниот договор... На народот му се скрши филмот за својот десничарски водач. По конфликтот во 2001-та, на следните избори нацијата го испрати во опозиција. Според информациите, во 2006 година Љубчо Георгиевски добива бугарско државјанство врз основа на бугарското потекло и декларираната бугарска национална свест, со што добива адреса во Благоевград. Многумина ќе речат дека од тоа нема ништо и дека медиумите ги надувале работите, но исто така не добивме ниту еден демант дека тоа не е така. Како кула од карти се урна митот за македонската конзервативна икона. Пцовки на сите страни, обвинувања за велепредавство, повици да ја напушти Македонија и повеќе да не се враќа. Тие што го воздигнаа, сега го презираа, не можеа да се помират со фактот дека некој ги лажел цела деценија, дека истиот тој што им влевал надеж за Македонија како држава на македонскиот народ, сега се одродил и станал Бугарин. Одвреме навреме следеа кратки изјави и интервјуа на Љубчо како во бугарската јавност, така и за македонските медиуми. Секогаш во нив навестуваше некаков распад или амбис за државата доколку не се променат некои работи. Од непоколеблив патриот и македонист стана аналитичар кој се залагаше за промена на македонското име за да сме го фателе последниот воз за Европа, од непоколеблив националист кој настојуваше вмровскиот конгрес да го одржи во Солун, сега ја делеше Македонија оваде и отаде Групчин, бараше размена на територии небаре Македонија е зелникот што треба да се расчеречи и изеде. На небулозите им немаше крај. Промакедонската идеологија за него веројатно претставуваше само фарса за да го придобие Македонецот во едно време кога требаше да се етаблира на македонската политичка сцена. Потоа националистот се претвори во граѓански ориентиран тип, кој беше подготвен на секакви компромиси на сметка на македонските државни и народни интереси. Стана омилен за невладиниот сектор, кој пак бараше такви истомисленици за да можат поорганизирано да ги туркаат нивните квазипроекти за современото македонско општествено живеење. Нејсе.
КАКО АЛЕКСАНДАР ОД МАКЕДОНЕЦ СТАНА ГРК
Сега одеднаш деновиве читаме како македонската влада предводена од Никола Груевски водела „груба и глупава националистичка политика„. Смешно, жалосно или трагикомично согледување на нештата? Личноста која заговараше вмровски конгрес во Солун, која ја делеше Македонија заедно со МАНУ и кој ја измести македонската дипломатија со признавањето на Тајван, сега зборува за грубост и глупост. Контрадикторно. Постојат огледала за да може човек сам да се согледа, да ја спознае својата физиономија и црти на карактерот, па потоа кредибилно и компетентно да критикува и суди за другите. Во случајот тоа го нема. Со сите слабости и недостатоци на актуелната влада, градењето институции и симболи на македонството не може да се нарече грубост, ниту национална глупост. Но, воопшто не чуди таквиот став кога доаѓа од национално недефинирана или идентитетски поделена личност. Одеднаш, според Георгиевски, Александар Македонски е лудост на денешните Македонци, бидејќи тој бил Грк, а еве што вели Стојан Андов во една колумна за Георгиевски и неговите гледања за Александар... „...Во првата фаза од конфликтот во 2001-т, после акцијата „за ослободување на Тетовското кале“, се јавија различни оценки за она што се случува и како понатаму да функционира државата. Тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, акцијата ја оцени како прва голема победа во историјата на Македонија, од времето на Александар Македонски.„ Значи тогаш Александар бил Македонец, а денес е Грк. Љубчо треба да ни даде образложение на оваа драстична промена во неговите сфаќања.
ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА
Понатаму, Георгиевски во последното интервју за Плус-инфо ќе констатира дека, цитирам: „попушта концентрацијата на државната структура на Македонија, посебно на премиерот, што се гледа од речникот кон дел од меѓународната заедница.„ И ајде тоа да го каже некоја политичка личност која држи до своите ставови кон проевропските текови е можеби во ред, но кога ова доаѓа од политичар кој своевремено беше антизападно расположен, тогаш неговиот коментар е несоодветен. Еве еден напис колку за потсетување ...„Во случајот со киднапираните Македонци, Георгиевски нема намера да ги повикува командантите на ОНА, туку ќе ги повика вистинските команданти - Џејмс Пердју и Питер Фејт - кои цело време ги командуваа масакрите во нашата земја и управуваа со УЧК и со крвавото сценарио врз нашата земја.„ (Дневник, 18 март 2006 година).
Ова не личи баш за став даден со политичка концентрација и прозападно расположение. Последното нешто што ќе го искоментирам во овој напис-портрет за некогашниот „најголем“ Македонец е следната негова изјава: „Јас сум убеден дека бројката на Албанците се движи кон 30 проценти и ако е така, треба тоа да го знаеме, а не да живееме во илузија.„ Ако се имаат предвид резултатите од пописот во 2002 година и сомнежите за неговиот груб фалсификат спроведен од тогашните политички водачи, тогаш воопшто не зачудуваат ваквите претпоставени цифри. Пописот годинава не успеа, но заради тоа што беше спречен уште еден фалсификат. Доколку на наредното пребројување се докаже фалсификатот од 2002-та, тогаш многу персони ќе се најдат во небрано. Оваа изјава како предупредување од Георгиевски е само продолжение на ставовите од 2007 година, кога спасот за Македонија тој го бараше во организирање на меѓународна конференција, каде на Албанците ќе им се даде можноста за формирање на голема Албанија. Ова секако би било и голема „романтическа„ желба на „браќата од истокот„. Се прашувам само не дали, туку колку е тоа нивно масло. Образложенијата на Георгиевски дека секогаш размислувал чекор пред времето и имал далекусежни погледи кон иднината паѓаат во вода, откако сите негови ставови во 90-те години сега земаат дијаметрално спротивен правец. Оттука, со сета почит и уважување за историското кредо кое го носи со себе поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, но неговите денешни тези се по малку фрустрирачки и депресивни гледања на политичката сцена, заради губењето на шансата повторно да биде активен чинител во државата. Своевремено таков беше Фрчкоски, кога преку вулгарности во своите колумни ја покажуваше својата разочараност од фактот дека станал никој и ништо. Тоа се луѓе кои не можат да поднесат да не бидат на врвот, а доколку се на дното, единственото нешто што им преостанува е да рушат се пред себе. Слично на децата кога ќе губат во детските игри – ако некој друг победи, тогаш детето веднаш ги растура коцките за да не играат и другите. |