|
|
Ал Идризи за Македонија |
Познатиот арапски научник и картограф Абу Абд Алах Мухамед ал – Идризи е роден во 1099 или 1100 година во градот Сеута на северноафриканскиот брег. Ал Идризи потекнувал од видно муслиманско семејство. Се стекнал со високо образование во Кордоба (во Шпанија), каде меѓу другото ги изучувал и класичните науки. Уште како млад патувал низ јужна Европа, северна Африка и Мала Азија. Како еден од најучените луѓе во арапскиот свет живеел на дворот на кралот Роџер II на Сицилија. Умрел во родниот град околу1166-та година. Во периодот од 1125 до 1154 година, ал – Идризи пишува дело во кое го опфаќа целиот дотогаш познат свет. Делото насловено како „Разонода за оние кои сакаат да го обиколат светот“ (Nuzhat al-Mushataq fi ikhtiraq al-afaq) содржи голема карта на светот впишана на сребрена плоча и позната како „Tabula Rogeriana“, како и пропратна книга со наслов Географија. Неговото дело меѓу Арапите било познато како Китаб Роџар (Роџерова книга), а картата за тоа време била најдобро картографско дело кое го дале Арапите. Негово најзначајно дело е списот „Географија“, кое е под силно влијание на впечатоците од неговите патувања, како и од класичните грчки и латински автори. Во тој контекст, ова дело е важно за македонската историја, бидејќи Ал Идризи ја спомнува Македонија. Посебно е интересно неговото сфаќање за Македонија, која според него ја опфаќала дури и крајдунавската област, од Белград на запад, до Шумен на исток (североисточна Бугарија). Во својот опис за географијата на јужниот дел од Балканскиот Полуостров, Идризи пишува: „А што се однесува на планината „Макадунија“ (таа е планина која се простира од Лариса со правец од југ кон север). Меѓу неа и Константија (Константинопол) има 125 милји... Од гореспоменатата планина (Макадунија) еден дел се простира во правец од запад кон исток, друг пак дел се крстосува и е врзан со неа, во насока од правец север малку на југ. Меѓу таа планина и Фаруј има 20 милји. Сите тие планини носат име Макадунија. Меѓу тие планини (два планински венца) тече реката Ахилу. Таа е голема река, која иде од северната насока. Од неа до Константија има 110 милји“.
Покрај планината Макадунија, ал- Идризи споменува и земја под име Македонија за која вели: „Што се однесува до земјата Македонија, во неа се наоѓаат градовите: Наису (Ниш), Атруби (Пирот), Кукастру (Кладово), Афранисура (Браничево), Бидуни (Видин), Банци (Берковица), Луфиса (Ловеч), Агризинус (Разград) и Масиунус (Шумен)“. Понатаму авторот дава опис на „еден од градовите на Макадунија“, односно на Македонија, а тоа е градот Ниш, за кого вели дека е „великолепен град“. Географот ал - Идризи, меѓу другото, знае по име и за пет реки во Македонија, меѓу кои ги спомнува: Војуса, Девол, Дрим, Вардар, Морава и Нишава, а реката Струма ја именува по реката „Мармара“. Некои историчари од поранешните југословенски простори истакнуваат дека е многу тешко да се разјасни ваквото сфаќање на поимот Македонија од страна на арапскиот географ Идризи. Се потенцира дека книгата не е совршен историски извор, бидејќи ал-Идризи (како што тогаш било вообичаено) се потпирал на други извори за своето дело. Така на пример се потенцира примерот за Полска за која што Ал Идризи напишал дека е обиколена со планини и всушност ја изедначил со земјата каде денес се наоѓа Чешка. Но, затоа пак, кога се однесува за Хрватите, тој приближно ги одредува границите и етничката припадност. Ал Идризи за нив пишува: „После Аквилеја, за која што говоревме, доаѓа Хрватска - GUARUASIA,G.RWSIAH, која се вика DALMASIAH... (за Дубровник вели) „Ова е последен град во Хрватска“. Денес кај македонските историчери постои мислење дека „арапскиот географ, во овој случај, најверојатно, ги имал предвид сознанијата за простирањето на Македонското Кралство во време на Александар III Македонски или Македонија како раноримската провинција, во времето на римските освојувања на Балканот (148 –та година п.н.е. – 6 – та година од н.е.), кога новоосвоените територии најнапред биле приклучувани кон провинцијата Македонија, а потоа од нив биле формирани засебни провинции“. Меѓутоа, во недостаток на изворни докази, како македонските историчари да стравуваат да ги споредат географските податоци кои ал – Идризи ги дава за Македонија со Самулово церство. Ако се погледнат внимателно податоците за градовите кои ги посочува арапскиот географ, тргнувајќи од Лариса на југ, Белград на север и Шумен на североисток, видливо е дека оваа територија во времето на најголемото проширување на Самуил биле во рамките на македонската држава или дијацезата на Охридската архиепископија. |