|
||||
| ДА СЕ ЖИВЕЕ ПОКРАЈ ВАРДАР |
|
Кирил Кангов Да се прогонува издржувачката на животот Од утро до вечер со поттик со умилкување Со силна надеж што носи трпение и верба Да се расплетуваат конците на грижите И никогаш крајот да не им се гледа на земјата .
Да се копа , сади, жнее и живее покрај Вардар, Да се носи вода на гробовите на покојните И да се заспие доцна со пејзажот на нивите.
На изгрев светлината пушта корен во водата На залез собира виножита,жетви и вина По патишта,стрништа и ридишта да се стаса, Стадо в трло, добиток в штали да вјаса, Риба во вир да врие, под густи врбини коси Да се сети благодет од умор после работа Да се слушаат песни и тапани од свадби Свирежи и извици од прослави по панаѓури, Испружен на брегот во песокта да сонуваш Дека и реката празнува а од водата излегуваат Нејзините ќерки Јана и Јована со бели платна И побелуваат и бранови и сенки и брегови.
По луњи и молњи да се трча Низ патишта подземни и надземни Од Вруток до Уток воден и мокар утоп Да се проверува секој јаз ,секој брзак и бразда Да не скапи , да не пливне поплава,потоп в нива.
Илјадници години да се слегува по Вардар Со љубопитност како низ средиште на вселена Со најгусто населени знаци од цивилизации Да се откопуваат камени споменици од предците Записи и аманети скаменети во времиња и тишини И да се чувствува својата поврзаност со универзумот.
Да се стражари врз печатот на идентитетот Врежан во коренот ,во каменот темелник Во родните градини со врежови плотови Во ѕидовите по црквите и манастирите Во даден час да бијат камбание за тревога Кога подмолно ти се одзема она што останало Да му се влее страв на ѕверот фатен во стапица.
Низ водата течна да ти се појавуваат ликовите На револуционрите ,војводите,гемиџиите И да ти се случува дека Вардар е аорта низ која тече твојот крвоток .
Така се челичи карактерот и одговорноста За да и се биде рамен на гордоста Со поглед извишен кон небесата Кај што вардарскиот сокол врти и стражари Да се чувствуваш господар на просторот На земјата родилка во наследство стекната И во длабочините на душата своја Да се сонува иднината.
Тука во рамноденица, пред сјајот на светлината Да се биде рамен син на Синот на Сонцето Силно светната ѕвезда во срце да се има И да се зборува едноставно и уверливо Од ова земја е моето лице И тело и дух и дело.
|













