ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ
Во тоа време, во Полска се формира македонската организација „Илинден“ и јас бев многу радосен, почнав да ја цртам од други мапи картата на Македонија, но во нејзините етничко-географски граници, пред поделбата во Букурешт, во 1913 год.
Почнав да одам редовно и во Бугарскиот културен центар, кој беше сместен во центарот на Будимпешта, на булеварот „Андраши“. Директорот многу ме сакаше и ми даваше да читам книги од историјата на Бугарија, тогаш го читав „Под игото“ од Иван Вазов и други книги.
Исто така,тогаш беа преведени на унгарски јазик и песните на Никола Вапцаров, така што јас ги читав и на бугарски и на унгарски јазик. Читајќи за Вапцаров, дознав дека тој не е Бугарин и му го реков тоа на директорот. Но, во тоа време, одев и во станот на српскиот поп во Будимпешта Вуичиќ, кој ми даваше книги со српски песни, а јас меѓу нив најдов и некои македонски песни од Струга и Дебар.
Тој имал два сина, од кои едниот, познат композитор, за жал, животот го загубил со авионот на унгарската авиокомпанија кој падна над Медитеранот, летајќи од Дамаск за Будимпешта. Во летото на 1953 година, бев на одмор кај други деца-бегалци, кои беа сместени во големата палата во селото Искасентгорги.
На 31 декември, пред новата 1954 година, работев цела ноќ и со други луѓе го чистев патот пред западната железничка станица. Кога луѓето излегуваа од кафеаните, со лоши зборови ни се обраќаа затоа што не сме се веселеле, туку сме работеле за пари.
Тоа беше голема зима и немав ракавици. Во тоа време многу пати одев кај Благој Шклифов и Васил Симов, кои беа студенти на Лениновиот институт.
Толку голема зграда во барок стил немам видено ниту во Париз. Се наоѓаше спроти Амбасадата на САД, а била изградена како и другите палати во Будимпешта, меѓу 1867 и 1914 година. Значи, во времето на Австроунгарската Империја. Во тие години биле изградени и зградата на Унгарскиот парламент, можеби најубавата во светот, па сè до операта.
Тогаш, во 1896 година, по Лондон, во Европа било изградено и првото метро, Плоштадот на хероите и други вредни импозантни градби. Пред војната во зградата на Лениновиот институт била сместена унгарската берза. Ако човек оди во Будимпешта, мора да го види ова здание, во кое сега е сместена Унгарската телевизија.
Благој и Васил живееја во Домот на највисокиот кат. Во трета година, професорот д-р Јозеф Домби ни рече да работиме тест на еден час посветен на третата битка меѓу Германската армија и Црвената армија, која се случила во летото на 1943 година во Курск.
Благодарение на мојата извонредна меморија, мојот тест беше полн со податоци, од колку тенкови до какви топови имале двете страни. Сè само податоци. Тој ми стави петка – највисока оценка и мојот тест го стави на таблата, која беше сместена во холот на влезот во Гимназијата. Таму остана истакнат тестот до крајот на учебната година.
На 1 мај 1954 год., по парадата, отидовме во туристичкото место Хувошволг на планините од Будим. Во тоа време Јосип Броз – Тито уште беше „империјалис-тичко куче“, како што го нарекуваше пропагандата во источно-европските држави. Ние, неколкумина млади македонски патриоти меѓу кои бев и јас како најмлад, зашто другите студираа на факултети, организиравме таен македонски кружок под сенката на едно дрво.
Иницијатор за кружокот беше еден наш поранешен партизан, а тогаш главен уредник на македонскиот весник „Народна борба“, кој се печатеше во Будимпешта на македонски и грчки јазик. Тој се викаше Хрисанти, но, за жал, презимето не му го паметам.
Тогаш Благој Шклифов беше студент на прва година на Лениновиот институт. Други студенти на тој институт беа Петар Шопов, Таки Башев и Донка, чие презиме не го помнам. Таму решивме да собираме песни и приказни од македонските емигранти во Будимпешта.
Мојата спортска активност – скок со стап
Исто така, беше решено Благој да продолжи со пишување песни, а јас да праќам крстозбори до списанието „Македонче“, кое се печатеше во Букурешт. Јас од 1954 година праќав крстозбори таму и се појавуваа под името Лефтер Манче од гимназија во Будимпешта.
По основачкото собрание имавме и други средби, но, за жал, таа година Хрисанти беше принуден од Грците да замине во Бугарија, каде што бил осуден како шпион на УДБА. По затворот бил протеран во Скопје, каде што и умре.
По заминувањето на Хрисанти, кружокот беше откриен од Грците и престана да функционира, но македонскиот дух по него продолжи во весникот „Народна борба“. Тогаш уредник на весникот беше Васил Симов, кој го заврши Лениновиот институт.
Во 1960 година, знамето на македонскиот дух го носеше учителот Лазо Мaнгов. Тој, поради постојаните напади од Грците, подоцна мораше да се исели во Македонија.
Во летото на 1954 година бев поставен за воспитувач на голема
група составена од мали деца од Народна Република Кореја. По војната во Кореја, во Унгарија дојдоа многу деца оттаму, како и ние, но по Револуцијата во Унгарија во 1956 година, корејските деца беа повикани да се вратат дома. Летниот логор беше сместен на брегот на најголемото езеро во централна Европа – Балатон.
Езерото Балатон се наоѓа во југозападниот дел на Унгарија, оддалечено е околу 100 km од Будимпешта и ја игра улогата на Охридското Езеро за Македонија. Тоа е долго 37 km, а широко 14 km. Најголемата негова длабочина е само 11 метри, што значи дека има многу пати помалку вода од Охридското Езеро, а чистотата на водата не може да се споредува, зашто Охрид е бисер. На децата почесто им читав од книгите на Жил Верн, а тие често ме прашуваа за Шандор Маќаш – дали бил комунист.
Само еден месец пред матурата во 1955 год. неочекувано умре нашиот омилен професор д-р Еде Медјеш. Тој беше голем вљ старогрчката култура и на Јанис и мене ни ставеше петки по унгарски јазик и граматика. Тоа ние не го заслужу-вавме, а на нашите унгарски соученици не им се допаѓаше.
Но, по еден месец дојде друг професор, од друга гимназија; и тој беше еден од тие Унгарци кои многу не ги милуваа грчките емигранти дојдени во Унгарија, а беа комунисти. Така и двајцата положивме матура со 3, значи со средна оценка, ама од унгарски јазик добивме оценка само 2, значи одвај успеавме.
Со таков резултат и оценки не можеше да се запишеш на факултет. Јанис реши да се исели во селото Белојанис, во близина на езерото Балатон, каде што живееја наши партизани, а јас не знаев што да правам. Јанис и јас бевме првите прогонети деца кои завршивме редовна четиригодишна гимназија, другите деца пред нас кои се беа запишале
убеник во на факултетите, имаа завршено двегодишна работничка гимназија. Новиот класоводител ми рече да одам назад во фабриката „Ганз“, каде што работев порано. Бев многу разочаран, и наместо да станам лекар, сега, по, четири години, повторно требаше да станам бравар.
Еден ден пред Гимназијата се сретнав со професорот Домби, кој ме праша што ќе правам сега, на што му ги пренесов зборовите од новиот професор – класен раководител.
Тој ми рече: „Лефтер, колку што знам, ти скокаш со стап“. Му одговорив потврдно, а тој заврши со понудата утредента во 10 часот да бидам кај него во гимназијата. Како и секогаш, точно навреме бев таму.
Ме праша дали знам каде се наоѓа Министерството за образование, му одговорив дека знам, на уште додаде следниот ден во 10 часот да се јавам кај една негова позната службеничка, чие име, за жал, не го запомнив.
Таму бев точно во 10 часот и и´ кажав дека доаѓам по препорака на професорот д-р Домби. Таа ми даде еден коверт и ми рече на 3 септември да се појавам кај деканот на Факултетот за физичко образование. Бев примен без да полагам приемен испит.
Јас бев добар само во скок со стап, а во другите спортски дисциплини имав поскромни резултати. Немав чувство за игра со топка, ниту пак бев добар во гимнастика. Оваа втора среќа по оздравувањето од инфекцијата по операцијата, за мене беше најголемата и ми го отвори патот кон мојот сон да станам лекар.
По 35 години, во Париз, познатиот француски естетски хирург д-р Пјер Фурние, ја изрече мислата дека само еднаш во животот едно нешто се случува што тотално ти ја менува иднината. Но, дали можам да се сетам што мене ми ја определи мојата иднина?
Не знаев што да му одговорам, но вечерта во хотелот ми дојде на ум дека тоа за мене значи мојот пишан текст посветен на третата битка во Курск и довербата што ми ја даде професорот д-р Домби.
Летото повторно бев воспитувач на мали деца на брегот на Балатон и на 3 септември 1955 година со пликот се појавив кај ректорот и станав студент на најпрестижниот универзитет на светот за физичка култура.
Мојата класа од Факултетот и´ даде на Унгарија четворица олимпијци
со освоени 4 златни медали, кои беа шампиони на летните олимписки игри. Такво нешто се нема случено, ниту пак, верувам, дека ќе се случи во иднина. За мене, Универзитетот за физичка култура ми го отвори патот подоцна да станам и студент по медицина во градот Дебрецен.
Продолжува