Коментари

Македонецот единствено може да биде добар и искрен сосед, но никогаш Србин, Грк или Бугарин

Гордана Димовска

Од Македонец не може да се направи Србин, Грк или Бугарин

Благодарение на интернетот и на сè подостапните странски архиви, секојдневно се појавуваат документи, дипломатски извештаи, стари весници, книги и истражувања што ги откриваат размерите на туѓите пропаганди во Македонија.

Со децении, а особено од втората половина на XIX век, Србија, Бугарија и Грција настојувале да докажат дека Македонците, всушност, биле Срби, Бугари или Грци. Секоја од овие држави создавала сопствени статистики, отворале училишта и цркви, испраќае учители, свештеници и вооружени чети и ја толкувале историјата во согласност со сопствените територијални интереси.

Но едно треба да им биде јасно на сите: еден ист народ не може истовремено да биде и српски, и бугарски, и грчки. Токму спротивставените тврдења на соседните пропаганди покажуваат дека предмет на нивното присвојување бил посебен народ – македонскиот.

Борбата за македонската душа

По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, Цариградската патријаршија стекнала големо црковно и просветно влијание врз православното население во Македонија. Во црквите и училиштата бил наметнуван грчкиот јазик, а припадноста кон Патријаршијата честопати била претставувана како доказ за грчка национална припадност.

Со создавањето на Бугарската егзархија во 1870 година започнала засилена бугарска црковно-просветна активност. Биле отворани егзархиски училишта, биле испраќани учители и свештеници, а населението што ја прифаќало Егзархијата било заведувано како бугарско.

Но преминувањето под одредена црковна јурисдикција најчесто било прашање на богослужбен јазик, образование, локални услови и заштита, а не конечен доказ за националната свест на населението.

Србија, која подоцна се вклучила во оваа борба, започнала да отвора српски училишта и да испраќа учители, свештеници и учебници, придружени со финансиска помош. Македонските говори биле прогласувани за „јужносрпски дијалекти“, а населението за „Стари Срби“.

Така, во едно исто македонско село, зависно од тоа кој го финансирал училиштето или ја контролирал црквата, жителите можеле во грчките статистики да бидат запишани како Грци, во бугарските како Бугари, а во српските како Срби. Црковната припадност била претворана во национална етикета, а училиштето во средство за создавање туѓа национална свест.

Историските истражувања потврдуваат дека од 1878 до 1912 година во Македонија се водела жестока верска и просветна пропаганда преку Патријаршијата, Егзархијата и српските црковно-училишни организации.

Од училиштата до вооружените чети

Кога црквите, училиштата и учебниците не биле доволни, соседните пропаганди преминувале кон закани, насилство и вооружени пресметки.

По Илинденското востание во Македонија особено се засилила дејноста на грчките андартски чети. Нивната цел била населението да се откаже од македонското револуционерно движење и да се приклони кон грчката црковна и политичка страна.

Слични активности преземале и српски и бугарски чети, кои се бореле не само против османлиската власт туку и меѓусебно – за контрола врз македонските села.

Се водела борба за црквите, училиштата, гробиштата, свештениците и учителите, па дури и за тоа на кој јазик ќе биде извршен погребот. Македонскиот народ се нашол меѓу повеќе пропагандни и вооружени центри, од кои секој барал исклучителна верност.

Српската пропаганда и „Јужна Србија“

По поделбата на Македонија во 1913 година, српската пропаганда во Вардарскиот дел била заменета со србска државна власт.

Името Македонија било потиснувано, а територијата била претставувана како „Јужна Србија“. Македонците биле прогласувани за Срби, македонскиот говор за српски дијалект, а наставата и администрацијата биле спроведувани на српски јазик.

Македонските лични имиња и презимиња биле приспособувани кон српската форма, честопати со наставките „-иќ“ и „-виќ“. Во училиштата се изучувале српската историја, книжевност и национална митологија, додека македонското име и македонската посебност биле забранувани или негирани.

Но, и покрај државниот апарат, училиштата, војската, полицијата и повеќедецениското преименување, од Македонците не биле создадени Срби. Македонската национална свест не исчезнала.

Грчката политика на преименување и негирање

Во егејскиот дел на Македонија била спроведувана систематска политика на хеленизација. Илјадници македонски села, градови, реки, планини и други географски места добиле грчки имиња. На населението му биле менувани личните имиња и презимиња, а употребата на македонскиот јазик била ограничувана и казнувана.

Македонците биле нарекувани „славофони“, „двојазични Грци“ или, едноставно, Грци што наводно зборувале некаков словенски дијалект. По Граѓанската војна, голем број Македонци биле протерани, а на дел од политичките бегалци и нивните потомци им било оневозможено враќањето на државјанството и имотите доколку се изјаснувале како Македонци.

„Хјуман рајтс воч“ документира дека грчката држава го негирала постоењето на македонското малцинство, не дозволувала образование на македонски јазик и вршела притисоци врз луѓето што јавно го изразувале македонскиот идентитет.

Ниту промената на топонимите, ниту забраната на јазикот, ниту протерувањата не успеале целосно да го избришат македонскиот збор од егејскиот дел на Македонија.

Бугарската пропаганда – од Егзархијата до европските блокади

Бугарската политика со децении тврди дека Македонците се Бугари, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека македонската национална свест е создадена вештачки.

Во таквата пропаганда секој историски документ во кој се употребува зборот „бугарски“ се толкува како конечен доказ за етничката припадност, без да се земат предвид тогашната црковна организација, образовниот систем, политичките услови и различното значење на поимите во одделни историски периоди.

Истовремено, македонските револуционери се прогласуваат исклучиво за бугарски дејци, а нивната борба за автономна Македонија се приспособува кон бугарскиот национален наратив.

Оваа политика продолжи и во современи услови. Бугарија ја искористи европската интеграција за да постави прашања поврзани со македонскиот јазик, историјата и идентитетот. Во официјалната декларација приложена кон европските документи во 2022 година, Софија наведе дека споменувањето на официјалниот јазик на Македонија не треба да се толкува како бугарско признавање на „македонскиот јазик“.

И во 2025 година во Европскиот парламент повторно се слушнаа тврдења дека во Македонија и Бугарија живеел „еден народ“ што зборувал „еден јазик“. Во истата расправа, од грчки претставници беа повторени тврдењата дека Македонија била исклучиво грчка.

Така, старата пропаганда од црквите и училиштата денес се пресели во европските институции, медиумите, историските комисии и политичките условувања.

Три пропаганди – три спротивставени „вистини“

Српската пропаганда тврдела дека Македонците се Срби.

Бугарската пропаганда тврдела и сè уште тврди дека Македонците се Бугари.

Грчката пропаганда тврдела дека Македонците се Грци или дека воопшто не постојат како посебен народ.

Но, ако Македонецот бил Србин, зошто било потребно со сила да му се менува презимето и да му се забранува јазикот?

Ако бил Грк, зошто било потребно да се преименуваат неговото село, неговата река, неговата планина и неговото лично име?

Ако бил Бугарин, зошто и по повеќе од еден век пропаганда, притисоци и негирање тој и натаму се изјаснува како Македонец?

Одговорот е јасен: затоа што националниот идентитет не се создава со туѓ печат, црковен список, полициска наредба или политичко вето.

Македонецот останува Македонец

Македонскиот народ преживеал поделби, окупации, асимилации, забрани и преименувања. Неговото име било бришено од картите, неговиот јазик бил прогласуван за туѓ дијалект, а неговите дејци биле присвојувани од соседите. Сепак, Македонците опстанале.

Можеш со сила да му го промениш презимето на Македонецот. Можеш да го преименуваш неговото родно село. Можеш да му го затвориш училиштето, да му го забраниш јазикот и да ја присвоиш неговата историја. Но не можеш да му ја избришеш свеста за тоа кој е и од каде потекнува.

Крајно време е нашите соседи да сфатат, ако досега не сфатиле: Македонија била, е и ќе остане македонска. Од Македонец не бидува ниту Бугарин, ниту Србин, ниту Грк. Македонецот бил, е и ќе остане Македонец – свој на своето, со сопствен јазик, историја, култура и татковина Македонија.

Македонецот единствено може да биде добар и искрен сосед, но никогаш Србин, Грк или Бугарин.

Најново од: Коментари

Зошто 8 Септември е пиреј и светол ден

Македонија имала и секогаш ќе има свои големи, па и преголеми денови и значајни празници. Ако Господ ги покаже сите тие златни денови, ќе треба да се додадат уште илјадници страници во календарот за некако да се сместат. И тогаш тешко ќе може да се одреди кој ден е поголем и позначаен од другиот. Но […]

СДС и Филипче се разбудија како мечка по седумгодишен сон!

Речиси две години СДС е во опозиција, а раководството предводено од Венко Филипче се однесува како штотуку да се разбудило од длабок зимски сон. Секојдневно дели критики, „мудри“ совети и лекции за тоа како требало да се води државата, да се градат патиштата и да се подобрува животот на граѓаните. Но едно прашање останува без […]

Возот тргна, инвестициите доаѓаат, а СДС остана на перонот без билет за политичката иднина

По седум години на власт и две години во тешка опозиција, СДС конечно „откри“ дека во Македонија биле набавени возови. Големо откритие, нема што! Уште малку, па ќе нè известат дека возовите купени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ се движат по шини, дека имаат вагони и дека служат за превоз на патници. Како најголем проблем го […]

Ламбе Арнаудов: 1991 – најплодната година во осамостојувањето на Македонија

Честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија! Во вековната борба на народите за сопствена држава постои еден историски феномен што може да се нарече „надоместување на времето“. Сè што било пропуштено низ годините, од која било причина, во еден пресуден историски миг може да се претвори во нова можност. Таквата можност […]

Честит 8 Септември – Денот на независноста!

По повод 35-годишнината од прогласувањето на самостојна и суверена Република Македонија, редакцијата на „Македонска нација“ упатува искрени честитки до македонскиот народ, до сите граѓани во татковината и до Македонците ширум светот. На 8 септември 1991 година, граѓаните со огромно мнозинство ја изразија својата волја да живеат во независна и суверена држава. Тој историски чин претставуваше […]

Македонците се како пиреј – кога мислиш дека е крај, Македонија повторно се раѓа

Македонија ваквата судбина ја носи уште од времето на Александар Македонски до денес. Низ вековите се менувале царства, владетели, граници и политички системи, но секогаш кога некој ќе помислел дека Македонија е поразена или оставена без иднина, од земјата повторно никнувал пирејот. Такви се Македонците – можеш да ги делиш, да ги прогонуваш и да […]

Македонија папокот на светот

Македонија не е само географска точка на картата, туку простор на кој со милениуми се вкрстувале цивилизации, култури, верувања и историски патишта. Нејзината земја крие безброј археолошки сведоштва, а нејзиниот народ носи колективна меморија што не успеале да ја уништат ниту војните, ниту поделбите, ниту забраните. Токму затоа документарниот филм „Европската Атлантида? Изгубениот ‘папок на […]

Македонскиот идентитет не бара туѓо одобрение, туку наша одлучна одбрана

Идентитетот е основната приказна што ја носиме во себе – одговорот на прашањето кои сме, од каде доаѓаме и на која заедница ѝ припаѓаме. Тој ни дава чувство на достоинство, сигурност и припадност, но и рамка според која го разбираме светот и донесуваме одлуки. Затоа, кога некој ги оспорува нашите најдлабоки уверувања за сопственото потекло […]

To top