|
||||
Целта е парите да стигнат навремено во вистинските раце, т.е. во рацете на земјоделците |
Трипуновски за субвенциите: Ние ќе обезбедиме и зголемена поддршка во наредниот период но ќе се вложиме во спречување на злоупотреби „Изминатиот период за жал многу повеќе се зборуваше, а многу малку се реализираше околу субвенциите. Нашето предизборно ветување и наша обврска е редовна исплата на субвенциите кон земјоделците“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија. „Имаме речиси покривање на сите гранки во земјоделскиот сектор. Денеска имаше исплата од 166.704.501,00 денари кон 3.509 корисници за дополнителна државна помош од 20% за носители на земјоделски стопанства. И исто така се исплатија и 16.724.726,00 денари кон 6 корисници за инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства. До крајот на годината ќе имаме уште една тура на исплата на субвенции со тоа ќе бидат исплатени субвенции од тековната 2024 година“, појасни министерот. Министерот Трипуновски потсети дека до пред некој период се исплаќаа субвенции од 2021, 2022, 2023 година. „Со финансиската конструкција која што ја обезбедивме ги покриваме сите заостанати долгови. И во 2025-та ќе влеземе многу растеретени односно со тековни исплати на субвенциите согласно календарот“, нагласи министерот. Тој посочи дека веќе се работи на програмите за субвенционирање, директните плаќање каде што ќе има одредена модификација се со цел субвенциите да имаат ефект. Со тоа ќе се превенираат и злоупотребите кои во минатото се случувале. „Ќе има засилени контроли. Веќе разговарав со директорот на Платежната агенција и со директорот на Земјоделскиот инспекторат, капацитетите на Земјоделскиот инспекторат односно инспекторите кои што се во таа институција да се стават дополнително во функција на Платежната агенција, што ќе значи максимално превенирање на злоупотреба на финансиски средства“, потенцираше министерот Трипуновски. „Ние ќе обезбедиме и зголемена поддршка во наредниот период меѓутоа и максимално ќе се вложиме во затворање на оној т.н. вентил на непродуктивни трошења, злоупотреби во тој дел“, појасни тој. Министерот додаде дека целта е парите да стигнат навремено во вистинските раце, т.е. во рацете на земјоделците. |