|
||||
Душан Стојановиќ, светски признат инвеститор и „бизнис ангел“ чиј корен длабоко е врежан во с. Зубовце-Гостиварско |
Зубовце имаше чест и гордост да пречека еден од своите најуспешни потомци – Душан Стојановиќ, светски признат инвеститор и „бизнис ангел“ кој со својот животен пат и дела е инспирација за новите генерации. Човек прогласен за Европски бизнис ангел на годината, визионер кој живее и работи во Сингапур, но чиј корен длабоко е врежан во с. Зубове-Гостиварско. Посетата на Македонија ја прифати под еден единствен услов, да му ги најдат неговите корени во Зубовце. Желбата му се исполни, повторно ги здогледа патеките по кои чекореле неговите баба и дедо, Добрица и Манојло. По четири децении повторно го почувствува духот на селото и топлината на своите луѓе. Зубовчани го дочекаа со отворени срца. Му ги отворија храмовите, му ги покажаа убавините и предизвиците, а трпезата ја наполнија со традиционални Зубовски јадења. На подарок му подарија книги за историјата на селото, спомен кој ќе го потсетува на неговите корени. Со особена возбуда ја доживеа средбата со своите роднини, моменти кои му помогнаа да ја разбере силата на сопствените корени. „Подобро го сфатив моето потекло,“ вели Душан, потсетувајќи се на единствената фотографија од неговата детска посета пред 40 години. За иднината на Зубовце тој зборува со визија: агротуризам, развој преку вештачка интелигенција и создавање силна заедница. „Она што недостасува се младите луѓе. Тие треба да ја преземат одговорноста и да го продолжат развојот на селото и регионот. Потенцијал има, само треба да се организира и да се вложува во иднината,“ вели тој. Заедно со својот соработник Илија Вучков роден во Валандово, а неговите корени се од Егејска Македонија, со Душан работи на проектот „Smart Start Village“, иновативна идеја за развој на руралниот туризам. Зубовце ќе биде почетната точка на туристичка рута која ќе ги поврзе Маврово, Галичник, Вевчани, Охрид и Елшани. „Ако Никола Тесла успеал на Балканот, тогаш и човек од Зубовце може да успее, со визија и едукација,“ порача Душан. Визионерот кој своите соништа ги остварува на светска сцена, во Зубовце се врати со порака: иднината е можна ако се сака, ако се работи и ако се вложува во луѓето и во своите корени. Кога нешто сака да се случи, тоа овој пат се случи во Зубовце. Во Зубовце, за време на ручекот, Душан доби повик од стар пријател кого исто така не го видел 40 години – со кого комуницирал само на интернет, Македонец иселеник од Кичево што живее во Канада со уште двајца негови бизнис колеги од Шведска. Пријателот слетал во Скопје и бил на пат кон Кичево и Охрид, а сакал да го изненади Душан дека е во Македонија. Радоста беше огромна, а уште поголемо беше воодушевувањето кога сфатија дека и Душан е во Македонија. Тој веднаш ги покани сите да се придружат на заедничката трпеза во Зубовце. Душан и Македонецот иселеник од Кичево што живее во Канада со уште двајца негови бизнис колеги од Шведска. |