|
|
НЀ НАПУШТИ МАКЕДОНСКИОТ АКТИВИСТ ЉУПЧО ДУРТАНОСКИ |
IN MEMORIAM По кратко боледување, во 73-та година од животот во Леџвуд, Њу Џерси (САД) почина македонскиот активист Љупчо „Луј„ Дуртаноски. Тој беше поранешен член на управниот одбор на МПЦО „Кирил и Методиј„ во Сидр Гроу (Њу Џерси) и донатор на бројни активности на Македонците во Соединетите американски држави и Канада. Љупчо Дуртаноски беше роден во Кривогаштани на 2 август 1952 година како трето дете и најмлад син на Крсте и Спасија Дуртаноски. Емигрирал во САД во 1977 година и преку 40 години беше сопственик на градежната фирма Louie's Construction. Бил член и активен поддржувач на македонските иселенички организации во зачувување на македонскиот национален идентитет. Имаше тесна соработка со Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и Драган Богдановски, а дописничка канцеларија (редакција) на „Македонска нација„ за САД извесно време се наоѓаше во неговиот дом. Како најатрактивно претставување на Македонија во Америка беше автомобилот од Љупчо Дуртаноски со регистарски таблички VMRO N°1 со кое тој ја посетуваше македонската заедница во САД и Канада и со истото возило беше дистрибуиран и весникот „Македонска нација„. Регистерските таблички VMRO N°1 денес се наоѓаат во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на масата пред Драган Богдановски, основачот на весникот „Македонска нација. Погребната служба за Љупчо Дуртаноски се одржа денеска, понеделник, 8 септември 2025 година во 10.00 часот во македонската православна црква „Св.Кирил и Методиј„ во Сидр Гроу (1050 Pompton Ave., Cedar Grove, NJ 07009), а погребот на гробиштата Ист Риџелоун во Клифтон (East Ridgelawn Cemetery, Clifton, NJ 07014). Почивај во мир и нека ти е вечен споменот. Македонија никогаш нема да те заборави и ти благодари за сѐ што направи за неа. „Роден на светлиот Илинден, 2 август – и погребан на денот на независноста на Македонија - 8 септември„ Последен поздрав до Љупчо Дуртаноски од редакцијата на „Македонска нација„ и искрено сочувство до неговото семејство, роднини и соработници. |