|
|
МОСТ НА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ АВСТРАЛИЈА И МАКЕДОНИЈА |
Акција за поздравување - Книгата патува и допатува од Велес до Мелбурн. Благодарност за испратените книги за учениците во VSL Keilor Downs. Книгите ќе бидат предадени на учениците после училишниот распуст за што накнадно ќе биде објавено во медиумите Инаку оваа акција е иницијатива на Клубот на писатели Коста Солев Рацин од Велес во соработка со Македонското литературно друштво Кочо Рацин од Мелбурн со кое имаат потпишано меморандум за соработка. Соработката ќе продолжи и понатаму и ќе се прават напори да се воспостават подобри контакти и соработка и со други литературни асоцијации, писатели, интелектуалци кои имаат желба да соработуваат на релација Австралија - Македонија и да го потпомагаат изучувањето на македонскиот јазик меѓу младите Македонци во Австралија. А од Клубот на писатели - Коста Солев Рацин беше објавено: Под мотото „Македонскиот мајчин јазик е најубавиот јазик“ се реализираше донаторска работилница во медиотеката на библиотека „Гоце Делчев“„Книгата патува – прекуокеанската далечина не е пречка за другарство без граници“. По иницијатива на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“ и Литературната асоцијација „Кочо Рацин“ од Мелбурн, Австралија, се спроведе активност за обезбедување на детска литература од македонски автори, за потребите на наставниците кои работат со дечињата кои го изучуваат македонскиот јазик во саботното училиште во Килор Деонс во Мелбурн. Во акцијата ни се приклучија деца со родители и ученици од различни возрасти, кои ги пакуваа книгите донирани од велешкиот Клуб и библиотеката, за другарчиња од Мелбурн. Македонскиот мајчин јазик е најубавиот јазик каде и да сме, затоа треба да се сака и изучува уште од најмала возраст. Искрено се надеваме дека едукативната детска литература ќе придонесе за полесно изучување на македонскиот јазик и ќе донесе нови познанства и другарства меѓу децата од Велес и децата на нашите иселеници во Мелбурн. Книгата, најдрагоцениот извор на знаење нека ги отвори патиштата до македонските срца во сите континенти на земјинава шир, а оваа акција нека биде патоказот за идни патешествија и благородни и хумани акции. Ви Благодариме на сите за успешната соработка! Гордана Димовска- Мелбурн-Австралија |