Среда, 20 Јули 2011   
Колку УДБ-а беше нашата судба (15)

 

spomenik-hristo-uzunov
На Вецко Стаматоски не му се знае гробот

Го најдоа замрзнат во карцерот, којзнае каде го погреба, вели Спиро Стефановски, со кого биле судени за обединета Македонија

Виктор Цветаноски

Вецко Стаматовски, Ставре Најденовски, Спиро Стефановски и Мицко Романов беа судени во јуни 1947 во Битола. По излежената казна во затворот во „Идризово“, сите се вратија дома, само Вецко ги остави коските таму. Го нашле замрзнат во карцерот. Којзнае каде го погребале, така што гробот не му се знае и ден денес.

„Еднаш на Вецко му дојде пакет. Го видел заставникот Симон од соседното село Пуста Река. Му рекол да го остави пакетот и да појде кај него на разговор. Кутриот Вецко, ни го отвори пакетот, само го бувна на креветиштето и оди кај кицошот од Пуста Река, Симон. Барал да постане Вецко шпион, а тој во лице му скресал: „Ни дедо ми, ни татко ми биле шпиони, ниту јас ќе бидам шпион! Ни капка немам шпионска крв“. Кога дојде, ми кажуваше за разговорот. Му велам: „Со мене на мртва прошетка не!“ И отиде Вецко на мртвата прошетка со сосема десетти човек. Од прозорецот чука проклетиот Симон од Пуста Река. Го вика Вецко и му вели: ’Зошто зборуваш‘ и го пушти на рапорт. Доби 14 дена карцер. Тоа беше зима. Од студ камен пука, а тој Симон турај му вода и наутро замрзнат. Така тој Симон од Пуста Река му го доупропасти здравјето на Вецка“.

Вака го опишува крајот на животот на Вецка Стаматовски, неговиот другар Спиро Стефановски со кого заедно сонувале за слободна и обединета Македонија и со кого заедно лежеле во затвор.

Стефаноски во затворската исповед пренесена од Стојан Ристески во „Судени за Македонија“ објаснува дека здравјето на Вецка му го нарушиле од порано. Бил на операција од слепо црево и веднаш по враќањето го натерале со група затвореници да вадат пропаднат трактор од Вардар, гол во зима.

„И во 1950 година Вецко го напушти земниот свет. Се чуја и такви гласови дека е убиен. За смртта на Вецко не беше известено неговото семејство. Неговите дознале преку некој нивни роднина што работел во општината, кој дошол до документот во кој се велело дека повеќе не се води меѓу живите. Речиси пред десетина години ги повикаа неговите божем да си го земат неговото тело пред да почнат со изградба на некои згради. Меѓутоа, кога откопале, нашле три костура. Кој да го земат?“, ќе ја раскаже своевремено драмата на Стаматовски, неговиот најдобар другар од Цер, забележана од д-р Стојан Ристески во „Судени за Македонија“.

Стефаноски вели дека проблемот на Македонија во нивната куќа отсекогаш бил присутен, а особено по херојската смрт на Христо Узунов и на неговите комити во нивното село на 24 мај 1905 година. Таа идеја му била всадена од дома, од родителите, од дедо му, а ослободениот дел на Македонија не било она од нивните соништа. По војната се собрале повеќемина истомисленици и расправале околу тоа, а најголемо влијание врз нив извршил најстариот Ставре Најденовски. Од Мицко Романов од Битола добивале „Македонска трибуна“, списание на МПО и друга литература за минатото на Македонија. Меѓутоа УДБ-а им вметнала човек, Спиро Крстановски, кој му бил неразделен другар. За УДБ-а било познато се' што работеле и кои се' биле во групата.

„На 5 септември 1946 година бевме на кафтење пченка, во друштво. Околу 21 часот се враќам дома. Куќата блокирана од удбаши. Ме фатија и ме врзаа. Претрес. Ги најдоа весниците. Ми удрија едно тепање. Кога ме извадија од дома, Ставре Најденовски офка. И него го претепале. Побара вода. Удбашите му дадоа вода со сол“, раскажува Стефановски.

Од целата група биле осудени само четворица. Малолетниот Живко Беличоски бил ослободен, а другите со пријатели, по врска си дошле дома. На Спиро Саботиноски му бил роднина обвинителот па така се спасил од затвор. Вецка Стаматовски можеле да го спасат тогашните моќници на УДБ-а, но никој не мрднал со прст, иако неговиот татко за време на окупацијата им помогнал на многумина комунисти да куртулат од Бугарите.

Како што раскажува Стефановски, ги осудиле за кривично дело против народот и државата, за некаква терористичка организација, а не се навело ниедно конкретно извршено кривично дело. Тој што ги предал, Спиро Крстановски, не го извадиле како сведок, туку затворениот за истото дело Живко Личоски, кој имал брат во внатрешни. Кога го префрлиле во „Идризово“, работел на новите згради. Петмина за осум часа морале да измешаат 27 метри кубни малтер. Потоа работел во килимарница до крајот на затворот, а низ неговата рака поминале сите килими за вилите во Отешево. А од сите изработени килими еден му останал во трајно сеќавање.

„Добивме наредба да изработиме еден огромен килим: 7х3,5 метра. За тој килим се потрошени околу 400 кг. непрана волна, односно готов тежеше 96 или 97 кг. Тој килим беше посебен. На него беше претставено македонското природно, стопанско и културно богатство. Тука беа планини, сончеви зраци, реката Вардар, овчари, полиња со житни и индустриски култури. Преку 50 бои се прелеваат. Просто овците на него да заблеат, кучињата да залајат. Бурдата со играорци и свирки. Кога него би го работел еден човек, под затворско темпо, беше потребно време од година и пол. Арно ама, работата била итна, па на него работевме во две, а последно и во три смени: јас, Вангел Деребан, Пеце Петков и уште двајца други. На средината имаше убав медалјон. И кога беше сосем готов го свиткавме и на него се стави адресата: Борко Темелковски Лилјакот, ул. ’Ленинова‘ бр. 19 Скопје“, раскажува Стефановски.

Во тоа време многумина тогашни македонски раководители ги користеле услугите на затворениците. На пример, на Вера Ацева неколку пати и правеле и преправале мебел. Стефановски тврди дека Цветко Узуноски Абас тогаш заграбил многу богатство од народот.

„Еднаш Вангел Деребан и Цветко Вретоски редела паркет во куќата на Цветко Узуноски Абас. Доаѓа Вангел и ми вели: ’Од оваа држава не бидува ништо! Крадат!’ Го прашувам зошто. Тој ми кажува дека кај Абаса видел рамка на семејна фотографија изработена од чисто злато, од златото што им се земаше на трговците и дуќанџиите. Како да не му верувам кога тој по занает е филигран“, нагласува Стефановски.

Говорејќи за тешкиот затворски живот посебно истакнува дека третманот на осудените за ВМРО бил неснослив. Осудените дражиќевци на по 20 години имале неспоредливо поголеми повластици. Од нив ставале команданти на одделенија, од нив бил одговорниот на туланата. „Јадењето: ориз нетребен, компири немиени, замрзната репа што не ја јадеа животните ние ја јадевме. Ако појдеше прв по јадење, ќе земеше вода, ако беше последен кал. За стоката се водеше повеќе грижа отколку за нас, кучињата поубаво живееја“, се сеќава тој.

За најмала грешка на осудените за ВМРО им определувале карцер. Еднаш милиционерот Коста Никлески од Брезница му предложил како земјаци да си помагаат и побарал да ги шпионира затворениците. Кога го одбил му се заканил. Така 14 дена морал да одлежи во карцер.

„Што луѓе беа управникот на битолскиот затвор Борка и тој проклет Коста Никлески од Брезница може да се види по тоа што за нечесни работи и кражба набргу дојдоа кај нас. Дури на тој Борка му бев мајстор и го терав се' по пропис да работи, па се жалел на мене, ама сите не му веруваа зашто ме знаеја кој сум и каков сум“.

Удбашите не ја оставале на мира ниту неговата свршеница, Ратка Беличкоска, која по излегувањето од затвор ќе му стане сопруга. Ја терале да се омажи за друг. „Што се' не и' велеле: нема да излезе од затвор, ќе го чекаш него ваков, него таков, кога ќе излезе ќе бара помлади и што не друго. Еднаш ете ти ја во посета, пуста посета пет-шест минури. Ме прашува дали да ме чека или не, ако ме чека, дали ќе ја земам кога ќе излезам или да се мажи за друг. Како да и речам, а таа на нејзините им велела: ’Ништо побело не гледам од Спира‘. И велам, ако ме чека, ќе ја земам без разлика да е и без нога, и без рака, и без очи, а ако не сака да ме чека, нека и е со среќа со друг. И ме чекаше“, раскажува Стефановски.

По излегувањето од затвор можел да лежи само на едната страна. Толку бил ослабнат што еднаш кога со свршеницата отишле на изворот каде што младите се бендисувале паднал од исцрпеност.

„Дојдов на самиот крај од 1950 година дома, на 11 февруари се женив и веќе на 3 мај 1951 година ме забраа на дослужување војска. Цело време по враќањето од Идризово, односно од војска бев под ’грижа“ на УДБ-а, но со ништо не давав повод, брзо го оформив образованието и бев единствен учител во Цер со државен испит и предано ја вршев работата. Често бев викан да соработувам со УДБ-а, но под никаков услов не прифатив, дури по цена повторно да бидам затворен. Ете, за да бидам понастрана останав овде, во Цер, со макотрпие ги изгледав и ги иставив децата на пат“, раскажува Спиро Стефановски кој поради љубовта кон Македонија морал да плати мошне висока цена.

 

На прво место

News image

ВМРО-ДПМНЕ има модел кој гради, обединува и носи резултати, на 2 ноември да заокружиме број 9 за развојот на општините д

Во изминатите четири години градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека може да се рак...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ОСВЕТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ ВО АВСТРЛАЛИЈА ОД СВЕШТЕНИКОТ МИХАИЛ ГОГОВ ДЕЛ I (8)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И ПОСТИГНУВАЊАТА НА АРХИЕПИСКОПОТ НА МПЦ-ОА Г.Г. МИХАИЛ

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.