Среда, 08 Јуни 2016   
Mитрополитот Методиј надлежен на Американско – канадската епархија (22)

mitropolit-metodij-1

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Америкаснко-канадската епархија е една од трите задгранични епархии на Македонската православна црква. Таа е формирана на Третиот црковно-народен собор одржан во Охрид од 16 до 18 август 1967 година. Првиот нејзин епархиски архиереј митрополитот г. Кирил ја управуваше Епархијата од 1967 до 1987. Од 1987 до април 1989 година, митрополитот г. Стефан ја носеше титулата Американско-канадски, од април 1989 до 1992 година, епархијата ја администрираше архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил, а потоа епархијата беше под административна надлежност на Светиот синод на МПЦ. Архиепископот г.г. Михаил го презеде администрирањето на Епархијата од 1993 до 1999 година, архиепископот Стефан од 1999 до 2006 година, а митрополитот Американско-канадски г. Методиј (Златанов) ја управува Епархијата од 2006 година до денес

Оваа задгранична епархијата има 30 свештенослужители, 30 цркви и два манастира. Секоја година, почнувајќи од 1975 година организира црковно-народен собир на Денот на трудот во САД (првиот викенд во септември), на кој учествуваат сите цркви и манастири од Епархијата, како и илјадници Македонци од сите делови на Македонија кои живеат во САД и Канада.

Сегашниот надлежен архиереј на Американско-канадската епархија митрополитот г. Методиј беше интронизиран во соборниот епархиски храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто  на 04 септември 2006 година. Чинот на востоличувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква, неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, кој началствуваше со светата архиерејска литургија, во сослужение на митрополитот брегалнички г. Агатангел, митрополитот европски г. Пимен, свештенослужителите на Американско-канадската епархија, како и свештеници од сестринските православни – Грузиската и Романската православна црква.

На свеченостите по тој повод присуствуваа претставници на сите македонски православни цркви од Епархијата, на македонските дипломатско-конзуларни претставништва од САД и Канада, како и многуилјаден македонски православен народ од Северноамериканскиот континент.

mitropolit-metodij-2
Од востоличубањето на митрополитот Методиј

На интронизацијата за митрополит на Американско-канадската епархија на Македонската православна црква, владиката Методиј, меѓу другото рече:

„Како икона на живиот Бог, епископот е оној кој го упатува и духовно раководи со свештенството, ѓаконството, монаштвото и сиот народ Божји, со соборот на светите, со Црквата, безбедно приведувајќи го словесното стадо кон првообразот кој е Господ Исус Христос. Бидејќи, според православната теологија на иконата, почитта што му ја оддаваме на образот се однесува на првообразот.

Добриот пастир е оној кој во името Христово и со силата на Светиот Дух дејствува во Црквата. Тој ги изведува словесните овци од заблудите на овој свет, од власта на гревот и злобата. Неговиот глас, кого луѓето го познаваат, е гласот на Христовите спасителни заповеди. Тие имаат подеднаква енергија и за оној што ги слуша за прв пат и за оној што е длабоко вкоренет во нив. Гласот на епископот, гласот на добриот пастир е оној што непрестано повикува кон заедницата со Спасителот. Тоа е глас патеводител нераскинливо врзан за личноста на Синот Божји како врата кон спасението. Тој што не влегува низ таа врата во словесното трло, во Црквата, Бог го одрекува како пастир. Духовниот авторитет, пак, на добриот пастир се темели на неговото христоподобно смирение, трпение и љубов во грижата за секој член на словесното стадо. Никој не треба да заталка, никој не треба да погине, заради милоста Божја и трудот на оној кој е поставен да надгледува и да бдее над спасението на поверените човечки души, а токму тоа значи името епископ.

Ако се завртиме наназад, ако помислиме што сѐ сме направиле и што сѐ не сме направиле, а што сме можеле; ако погледнеме нанапред и ако размислиме што можеме да сториме, мислата нека ни е единствена како што е единствен и одговорот: Она што ќе го внесеме низ вратата која е Христос, она што ќе го преобразиме низ литургискиот подвиг во кој сообразно себе си на Бога ќе Му се принесеме, како чиста жртва, тоа ќе остане”, рече митрополитот Методиј.

mitropolit-metodij-3
Митрополитот Методиј и амбасадорот на РМ во Канада Љубен Тевдовски

Митрополитот Методиј е роден во Берово на 24. 08. 1963 година. Неколку месеци подоцна семејството се враќа во Скопје откако состојбата во градот е релативно нормализирана по катастрофалниот земјотрес. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Потоа најпрвин две години студира на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а потоа ги напушта овие студии и се запишува на Православниот Богословски факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје.

Првите плодови од неговото исцело свртување кон Бога тој ги реализира во рамките на дејствувањето на интермедијалната група „Апореа“ (една од маркантните уметнички движења во осумдесеттите години на дваесеттиот век). Подоцна оваа уметничка група го менува името во „Анастасија“ и како нејзин интегрален дел произлегува популарната музичка група со истото име.

Заеничките проекти и настапи по балканските културни метрополи, како и ревносната работа во развивањето на личниот уметнички израз го трасираат патот на отец Методиј се подлабоко во сверите на литургиската уметност и литургискиот живот. Оттогаш своите христијански искуства тој непрестајно ги преточува и низ циклуси поезија и низ ликовни настапи.

Од почетокот на септември 1995 година, од основањето на машката монашка заедница во Струмичката епархија, најпрвин во манастирот “Света Богородица Елеуса” - Вељуса, а подоцна во “Свети Леонтиј” - Водоча, го започнува својот монашки живот. Во 1996 година е ракоположен за јеромонах и неколку месеци подоцна, на празникот на светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици, за игумен на манастирот „Свети Илија“ во Струмица.

Во почетокот на 1998 година дипломира на Богословскиот факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје. Набргу потоа ги запишува постдипломските студии на Катедрата за македонска книжевност и започнува да работи како редовен професор и заменик-ректор во Македонската православна богословија “Свети Климент Охридски” во Скопје. 

Во 2004. година произведен е во чин архимандрит, а следната 2005. хиротонисан е за епископ Велички. Во март 2006. ја брани магистерската теза под наслов “Кочо Рацин и богомилите (исчитување на традициите)” со што се стекнува со титулата магистер по филолошки науки. Истата година е назначен, најпрвин за администратор, а потоа и за надлежен митрополит на Американско-канадската македонска православна епархија, чие седиште денес е во Македонската православна црква „Света Богородица“ во Детроит.

mitropolit-metodij-4
Црквата „Света Богородица„ во Детроит

Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото на новинарите на Македонија. Автор е на два зборника есеи, осум збирки поезија и поголем бро дела со религиозен карактер, како и автор е на бројни текстови и студии објавувани во стручни списанија и зборници, публикации од симпозиуми, како и во електронските медиуми кај нас и во странство.

Покрај тоа беше главен и одговорен уредник е на списането “Православен пат”, гласило на Скопската епархија. Член е на редакциите на списанието “Портал”, рецензент на списанието “Православен Благовесник” на студентите од богословскиот факултет и соработник во списанието “Премин” и во електронското гласило “Премин - Портал”.

Учесник е во неколку меѓународни проекти и експертски комисии за истражувања врзани за религиозните права и слободи на човекот во демократските општества, веронауката во образованието, историјата на македонската духовна култура и црковната книжевност.

Продолжува

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

 

На прво место

News image

ДУИ и СДС си ги делат и криминалот и апчињата за заборавање

ДУИ и СДС си ги делат и криминалот и апчињата за заборавање – паничат поради губењето на власта и ...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.