Среда, 12 Септември 2018   
Кире Циревски – активист и новинар во Македонската заедница во Сиднеј

kire-carevski

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА

Кире Циревски извршувал повеќе значајни функции во црквата „Света Петка“, меѓу кои претседател, потпретседател, секретар, благајник и е голем активист во целокупното живеење во македонската заедница во Сиднеј. Тој  како новинар го водел етничкиот радиочас на радиото 2 НБЦ, го уредувал и издавал весникот „Македонски весник“, бил редовен дописник на неколку дневни весници, меѓу кои и “Нова Македонија“ и на списанија во Македонија

Кире Циревски е познат во Австралија како Македонец, кој во период од околу педесет години на петтиот континент дал голем придонес во македонската заедница. Тој е општественик кој повеќе децении активно е вклучен во повеќе македонски организации  и во медиуми, каде несебично работи за доброто на Македонците во Сиднеј и пошироко. Долги години тој бил активен во Македонската православна црква „Света Петка“ во Рокдеил, во Културно-уметничкото друштво „Илинден“, во Преспанското друштво, бил уредник на гласилото „Македонски весник“, а бил и дописник на повеќе информативни гласила во Македонија. Затоа често велат дека тој е признат и познат Преспанец на петтиот континент.

Кире Циревски е роден во село Перово во Горна Преспа на 1 јули 1949 година, од родителите таткото Владе и мајката Олга. Детството и основното образование ги завршил во родното село Перово и Царев Двор, а потоа во Охрид продолжил да се усовршува. Со таа  професија  се вработил во Фабриката за преработка на пластика „Лихнида“  во Охрид.

Инаку, неговото родно село Перово се наоѓа на западната страна долж Преспанското Езеро. Тоа е типично езерска населба и е поделено на Долно и Горно Перово. Таму се наоѓаат најплодните овоштарски насади во Преспа. На  овој простор, Господ како обилно да дарил богатство во земјоделството. Затоа, овошните производи од тој северен дел на Преспанското Езеро се познати и барани на пазарите во Македонија и пошироко.

Интересно е да се спомене дека во 1996 година, во непосредна близина на селото Езерени, кое како да се споило со Перово, е легализиран првиот резерват за птици во Македонија. За овој резерват е карактеристичен далматинскиот пеликан, птица која ретко може да се најде во овие краишта и птица која пристигнува во илјадници парови,  при што резерватот станува птичји дом. Тие во Езерени и во Преспа се хранат претежно со риби и поради поволностите што ги нуди регионот остануваат два-три месеци, а потоа го продолжуваат своето патешествие кон Европа и Азија.

prespansko-ezero
Преспанското Езеро

Перово се наоѓа на речиси иста надморска височина како и Преспанското Езеро. Според легендата селото го добило своето име по некој човек по име Перо, кој како рибар нашол засолниште на брегот на Преспанското Езеро и се населил на местото каде се наоѓа неговата денешна местоположба.

Родното место на Кире Циревски, Долно Перово има педесетина куќи кои се речиси на самиот брег на Езерото, а Горно Перово со дваесетина современи градски куќи е нова населба на двете страни на патот Битола - Отешево. Перово со своите 180 жители, кои претежно се занимаваат со овоштарство, а и со рибарство, е стара македонска населба во која отсекогаш живеат само православни Македонци.

Во  непосредна близина постојат неколку стари локалитети на копно и во Преспанското Езеро. Во него има една црква, „Свети Атанасије Велики“ блиску до Дрменска Река,  која  е изградена во 1867 година а  реновирана во 1993 година.

Долно Перово се наоѓа на средишниот дел од територијата на Општина Ресен, на растојание на околу десет километри.

Меѓутоа, се  чини како Перово да е дел од туристичкиот комплекс Отешево. Тоа произлегува од фактот што Долно Перово се наоѓа на крајбрежната линија на Преспанското Езеро, една од најблиските населби до Сир Хан, а со тоа и до Отешево и Царина. Во овој туристички простор и во минатото и денес, нашле вработување и луѓе од Долно и Горно Перово и од други места на Преспа.

Инаку, голем број интелектуалци и бизнисмени по потекло од Перово има во Македонија, САД, Канада и Австралија, меѓу кои, и министерот Зоран Коњановски, Илија Чавкаловски, Живко Џуровски, Митко Царовски, Сандре Нонкуловски, Мише Печенковски и други, потоа познатиот бизнисмен Кире Печенковски во Канада, како и иселениците Митко Наумовски и Драги Коњановски во САД и  Кире Циревски во Австралија.

Според биографските податоци, Кире Циревски стапил во брак со Јорданка  Ѓоргиевска во 1967 година, од кој брак имаат две деца. Веднаш потоа во 1968 година Кире се преселил во Сиднеј,  Австралија во „земјата на иднината“ каде што живее со своето семејство речиси педесет години. Уште на почетокот во новата средина, покрај  секојдневните обврски тој активно се вклучил во македонската заедница. Тоа било  времето кога на петтиот континент се преселувале голем брај  доселеници од сите делови на Македонија. Како новодојден во Австралија Кире не можел да му одолее на предизвикот да се поврзе со неговите македонски асоцијации.

Така, првите и најголеми ангажирања на тој план, Циревски ги остварува преку организирањето на црковниот живот на Македонската православна црква „Света Петка“ во Рокдеил. Во тоа време во оваа населба бројот на Македонците, особено од Битолско-преспанскиот крај бил многуброен, Затоа, ова сиднејска населба  и денес  го носи атрибутот „Мала Македонија“.

Кон крајот на 70-тите години од минатиот век, големиот и незапирлив црковен и национален ентузијазам се претвора во дело - градбата на храмот посветен на преподобна маченичка света Параскева, света Петка. Овој храм беше изграден во рекордно време и тој стана матица, стана стожер на сите собитија од социјален, црковно-народен и културно-забавен, спортски и литературен живот на Македонците на тие нови австралиски простори. Активностите се интензивирале особено со подигањето на културно-образовниот центар „Илинден“, изграден веднаш до црквата „Света Петка“.

kire-carevski-kiko

Нераскинлива алка од тие случувања е токму Кире Циревски, кој со неговиот самопрегорен и посветен живот и работа придонел, големиот црковен храм „Света Петка“ во Рокдеил да се вивне на своевиден пиедестал кој примат сé уште го има и го преточува со старо – нови вредности.

За овој четиридецениски плоден и сестран живот, Кире Циревски извршувал повеќе значајни функции во црквата „Света Петка“, меѓу кои претседател, потпретседател, секретар, благајник и голем активист во целокупното живеење на црквата. Кире Циревски дарил голема љубов и посветеност, и е  нераскинлив дел од севкупното живеење на црковно-националниот, духовниот и културниот живот на црквата „Света Петка“ од почетокот до денес.

Во  рамките на оваа богата и евидентна дејност, Циревски остварил значајни соработки и средби со истакнати општественици од австралискиот живот, како со министрите и премиерите на  федералната австралиска држава, посебно на државата Нов Јужен Велс, потоа како претставник на македонската заедница се сретнал со многумина членови на федералниот парламент и министри, комисионери за етнички и социјални прашања итн.

Секако, тоа со значаен успех и резултати го остварил и со претставниците од политичкиот, дипломатскиот, културно-просветниот живот на Македонците во Австралија,  како и бројни средби и разговори со други институции, особено со Матицата на иселениците од Македонија, Македонската православна црква - Охридска архиепископија и др. 

Меѓу другото, Кире Циревски  го водел етничкиот радиочас на радиото 2 НБЦ, го уредувал и издавал весникот „Македонски весник“, бил редовен дописник на неколку дневни весници, меѓу кои и “Нова Македонија“ и на списанија во Македонија. Поради неговите постигнувања и завидни резултати на полето на новинарството, тој е еден од првите новинари во иселеништвото кој стана редовен член на Здружението на новинарите на Македонија.

Во 1999 година ја има објавено книгата „Македонците во новата татковина“. А со свои интересни прилози учествува во неколку монографии и други документи во расветлувањето на црковните проблеми во Австралија. Инаку, гласилото „Македонски весник“ беше едно од позначајните македонски информатори во Австралија што се печатеше на литературен македонски јазик, а имаше материјали што се објавуваа и на англиски јазик. Првиот број на гласилото  „Македонски весник“ е отпечатен во јануари 1985 година во Рокдеил, збратимен со Битола, како гласило на Центарот за информации и печат на македонската заедница од Сиднеј.

makedonski-vesnik

Како што обично се прави при започнувањето на издавање ново информативно гласило, и „Македонски весник“, донесе воведна статија во која ги истакнува своите цели. Во неа се вели дека весникот ќе работи да ги заштитува националните интереси на македонскиот народ каде и да е: ќе ја брани националната држава, Македонија, факелот на слободата и надеж на сите обесправени Македонци од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија и Албанија.

Главен и одговорен уредник на „Македонски весник“ беше Кире Циревски, истакнат преспански охриѓанец од Австралија, како често го нарекуваат.

Тој е еден од значајните личности во животот и активностите на Македонската православна црква „Света Петка“ и во целина на македонската заедница во метрополата Сиднеј. Во ноември 1991 година, се направи обид за продолжување на животот на „Македонски весник“ и е отпечатен еден број, кој го уредија Кире Циревски и Снежана Митревска, поранешен новинар на „Вечер“.

Делото „Македонците во новата татковина“, чиј автор е Кире Циревски-Кико е единствен и по многу нешта карактеристичен труд. На промоцијата во Клубот на пратениците во Скопје, авторот на овие редови како промотор на ова значајно дело рече, дека тоа е автентичен приказ за Македонците на петтиот континент, кое дава жива слика за активностите, проблемите и тешкотиите, како и за постигнувањата на Македонецот во туѓина.

Тоа дело содржи 430 страници на македонски јазик и е составено од повеќе тематски целини кои и самите за себе можат да претставуваат одделни публикации. Поделено е на единаесет поглавја и претставува слика и прилика за Македонците во дијаспората, кои  приспособувајќи се на новиот живот во новите средини, никогаш не се откажале од своето, од македонското, и далеку од дедовската земја продолжуваат да го чуваат, да го негувааат, шират и афирмираат и во тамошните средини и секаде меѓу младите поколенија со потекло од Македонија...

Делото претставува излив на авторовата љубов кон македонскиот народ не само во дијаспората, туку и во татковината, кон неговата вистина, јазик, литература, вера, црковно живеење, духовно и национално опстојување и кон сé она што е поврзано со етничка Македонија.

(Продолжува)

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.