Среда, 10 Октомври 2018   
Андреа Бранов – вљубеник во новинарството и афирматор на Македонија и Австралија

andrea-branov

„МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА (16)

Андреа Бранов на своите плеќи ја преживеал голготата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, која започнала уште со разделувањето на Македонија. Тој бил еден од евакуираните македонски деца, кои биле прогонети и раселени во повеќе источноевропски земји на комунистичкиот блок и во поранешна Југославија. Најголемиот успех во спортското новинарство го покажал на страниците на „Нова Македонија“, „Австралиско-македонскиот неделник“,„Македонскиот глас“, Етничкото радио и други гласила

Животната приказна на Андреа Бранов, австралиски Македонец е сместена  во неговата монографија што ја подготви авторот на овие редови, Славе Катин. Монографијата е еден вид биографско-публицистичко дело и претставува своевидна сага за жилавоста, макотрпението, упорноста и истрајноста на Андреа Бранов од селото Буф, Егејска Македонија. А  судбината на Бранов  е слична или идентична со судбините на голем број Македонци

Во делото тој е претставен како Македонец со посебни одлики, човек кој и колку и да претрпел удари, да поминал низ разни премрежија, како дете имал и глад и страв, сепак, тој опстојал и  останал доследен како страдалник, како борец за подобро утре.

Андреа Бранов е сведок на бомбардирањето, на тортурите и на тешкиот  живот, на уцените на квазидемократската грчка власт. Тој е Македонецот кој ја изодил и бегалската голгота во 48 година. Андреа Бранов останува да биде нашиот многу драг пријател, другар, роднина, соактивист и патриот, чија голема  љубов и предизвик е новинарството.

Андреа Бранов на своите плеќи ја преживеал голготата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, која започнала уште со разделувањето на Македонија. Така, поделбата на Македонија и на македонскиот народ на четири дела по Балканските војни го спречила остварувањето на повеќевековната желба за создавање на независна македонска држава, на целата македонска територија. Македонците биле изложени на раселувања и асимилации во различните балкански држави. Во тие рамки, особено трагична била судбината на Македонците во егејскиот дел на Македонија, односно во Грција.  Од  каде под присила на режимот, голем дел од македонското население  било протерано, или ги напуштило своите опожарени домови заедно со срушените надежи за скоро враќање назад.

andrea-branov-2
Буф

Андреа Бранов е роден во убавото македонско село Буф, Леринско на 13 септември 1935 година и потекнува од чисто македонско семејство од татко Филип и мајка Марија. Патриотското семејство Бранови  се смета дека е едно од најстарите на тие македонски простори. Тој потекнува од фамилија која пуштила длабоки корени во Македонија, Австралија, во Канада и Соединетите Американски Држави и во други земји.

Детството Андреа го поминал во Буф и тоа е неговиот незаборав. Постојано го придружувал својот дедо Симе, благороден Македонец кој завршил за поп, но никогаш не се запопил, ама го викале Симе Попето. Дедо му зборувал и пишувал дури на седум јазици, а имал и чудесна способност да лекува со природни билки од ливадите и планините.

 Во селото сите го канеле Симе Бранов на гости, зашто покрај исцелителната моќ, неговиот „златен глас“ преку песната ги воодушевувал луѓето. Освен тоа, бил и еден од најдобрите псалтири во црквата. Андреа уживал да биде  во близина на својот дедо, голтајќи го секој негов збор, секоја негова мисла, порака...

Инаку родното место на Андреа Бранов, селото Буф се наоѓа сместено во пазувите на планините Баба и Бигла и е едно од поголемите села во Македонија. Се наоѓа на 28 километри оддалечено од Битола и 10 километри северозападно од Лерин, на надморска височина од околу 1.000 метри. Селото е сместено меѓу реките Лалешка и Лајчарска, кои минуваат низ селото со чиста ладна вода.

andrea-branov-3

Во текот на Граѓанската војна во Грција 1946 – 1949 година, кога голем дел од воените дејства се случувале на териториите со македонско население, а поради масовното вклучување на Македонците во рамките на Демократската армија на Грција, Привремената демократска влада  од Атина, извршила т.н. евакуирање (протерување) на децата од тие области. Најголем број од евакуираните биле македонски деца, кои биле прогонети и раселени во повеќе источноевропски земји на комунистичкиот блок и во поранешна Југославија.

Таква била судбината на Андреа Бранов, кој како протерано дете, заедно со  неговиот дедо Симе и чичко му Крсте, ја следеле патеката на поголема група од леринскиот крај, кои, најпрво, дошле во селото Кременица, Битолско, а потоа стасале во Битола, од каде со воз биле пренесени во логорот за бегалци во селото Браилово, Прилепско, каде биле сместени голем број протерани Македонци од Егејска Македонија.

По една недела со воз биле префрлени во Штип, за потоа да бидат  однесени во Пробиштип, односно во селото Гајранци, каде веќе се наоѓале неговиот татко, мајка, најстарата сестра и братот. Тие не можеле да претпостават дека таму ќе се сретнат, затоа средбата била неочекувана, полна со радост и со солзи.

Во 1948 година животната сторија на семејството Бранови продолжува во селото Пишица, Светиниколско. Во тоа полско село Андреа Бранов живеел во времето на колективизацијата. Таму го завршил основното образование  и кога требало да оди во гимназијата во Свети Николе со цел да го продолжи своето образование, семејството во 1951 година се преселило во Битола.

Битола за Андреа била втората љубов. Таму се чувствувал како дома и покрај тоа што на почетокот имал проблеми во животот. Во 1952 година заминал на работна акција на патот што се правел од селото Магарево кон Пелистер, а учествувал и на сојузна акција во Словенија.

Меѓутоа, во 1963 година судбината го однесе во Австралија. Имено, уште во 1955 година, братот на Андреа, кој веќе бил во Австралија, подготвил документи за негово заминување  во таа далечна прекуокеанска земја.

Во тој период формирал брачен живот со Орданка, со која се запознал во Битола и таму во селото Горно Оризари започнала нивната љубовна приказна. Таа води потекло од македонско семејство од селото Неокази, Леринско. Нивниот брак бил склучен на 17 февруари 1959 година, и во 1960 година како плод на нивната љубов го добиле синот Ѓорѓи.

Потоа во 1963 година заминале за Мелбурн, Австралија. Таму како новодојденци го започнале новиот живот, им се родил и другиот син и така  новото семејство започнало да живее и твори на петтиот континент, каде  се определиле да биде сочувано македонско национално чувство,

Андреа Бранов рече дека во 1963 година му започнала една нова приказна, на новите простори во далечна Австралија. Уште со самото пристигнување тој се зачленил во Македонската православна црковна општина за Мелбурн и Викторија „Свети Ѓорѓи“, а потоа станал член на управата на тој македонски храм. Во исто време пројавувал интерес на спортски план и станал активен член на фудбалскиот клуб „Македонија“. Со време ја открил својата дарба и наклонетост кон спортското новинарство, затоа започнал и да соработува со поголем број македонски весници во Австралија и станал прв член на Австралиската новинарска асоцијација. Се чини најголемиот успех во спортското новинарство го покажал на страниците на „Нова Македонија“, „Австралиско-македонскиот неделник“, потоа за „Македонскиот глас“, Етничкото радио и други гласила.

Авторот на овие редови за прв пат се сретна со Андреа Бранов во Мелбурн при една посета на македонска делегација во Австралија. На аеродромот нè чекаше поголема група нашинци, меѓу кои и Андреа Бранов. Средбата беше срдечна, несекојдневна, македонска. А тој аеродром е место за безброј македонски средби и разделби, за многу среќни, тажни и необични, карактеристични видувања и пречекувања.

andrea-branov-4

Таква беше и нашата средба со Андреа, нашиот познаник, пријател и соработник од почетокот на излегувањето на весникот „Австралиско-македонски неделник“. Тој беше еден вид гостин преку телефон, преземајќи ги извештаите за весникот, секоја недела во 23 часот, кога ќе речеше: „Добра вечер за Македонија“, а „Добро утро за Австралија“, ќе пренесеше некоја порака, а потоа со внимание ги слушаше и снимаше вестите, особено оние од спортот. Сето тоа како на филм ни се врати во мислите при средбата. Но, Андреа го запознавме и во текот на летниот период во 1991 година, кога тој со сопругата Дана преку Канада, каде се сретнаа со бројни Македонци, пристигнаа во Скопје. Тогаш, во Здружението на новинарите на Македонија на Андреа му беше предадена новинарска книшка.Го познававме, исто така, од неколку средби со него и Орданка што ги имавме во нивна чест во Македонија, кога се чувствувавме како да се знаеме уште од деца.

И, ете, во Мелбурн сме, пак, заедно, во нивниот македонски дом, каде Андреа и Орданка го покажаа сето свое гостопримство, топлина, блискост и домаќински однос. Нивниот дом се наоѓа во Лајлор, дел од  метрополата Мелбурн. Таму, во тој убав дел каде живеат голем број Македонци од разни  краеви на Македонија, свиле свое гнездо Андреа и Орданка, каде човек се чувствува како да е во стариот крај, бидејќи тие се со насмевка на лицето, со срце и душа,  гостопримливи се и човек се чувствува како да се наоѓа на конак во познатото семејство Бранови во селото Буф.

Андреа е од среден раст, со спортска витална става, со очи полни со љубопитност и израз на почит, со блага насмевка на лицето, заедно со Орданка во градите носат душа и срце македонско. Тие се едни од многуте Македонци кои поради познатите причини во Беломорска Македонија засекогаш го напуштиле своето родно место, го оставиле родниот праг и се задомиле во далечната Австралија. Тој ја напуштил Македонија и неговиот роден Буф, но носталгијата не го напуштила него. Во исто време, живее во Австралија, а мисли на Македонија. Повторната средба ја имавме во Битола, кога  по 18 години престој во Австралија дојде во Македонија,  и кога се договоривме да му напишам монографија за неговиот живот и дело, за неговото родно место...

Андреа беше многу среќен, бидејќи живееше и сонуваше само за Македонија, за неговото родно село, за детството. Посети многу места во Републиката и одлучи да го посети и Буф. Го виде родното село, нивната куќа и сè она на што се сеќаваше, но му остана само тагата за минатото, зашто не виде сегашност и иднина. Му остана чемер на душата. Го напушти неговиот роден праг со солзи на очите, но и со надеж дека ќе победи правдољубието не само во светот, туку и на овие простори, бидејќи сите ние се раѓаме, прво, како луѓе, а потоа ја понесуваме нашата национална припадност дека сме  Македонци.

slave-katin-nova
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

СДС тоне по рејтинг но се обидува да го спаси и заштити Груби

  СДС тоне по рејтинг но се обидува да го спаси и заштити Груби, СДС мисли дека ќе избега од п...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.