Среда, 16 Октомври 2019   
ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ (1)

atanb1

ДОАЃАЊЕТО НА АТАНАС И СЛАВКА БЛИЗНАКОВИ ВО СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА 

Орелски крилја как да си метнех

На наши места ја да си идам

И в други стр‘ни да си прелетнех

Да видам Стамбол, Кукуш да видам

Да видам дали сонцето и тамо

Мрачно изгревјат, како и ваму

Константин Миладинов

Монографското дело „Атанас Близнаков“, кое е во издание на Ректорат на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје, 2017, 320, (на македонски и англиски) е посветено на најголемиот донатор во македонското иселеништво, Атанас Близнаков роден во селото Д’мбени, Костурско, а живееше во Гери,Индијана, во Соединетите Американски Држави. Атанас и Славка Близнакови со формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков“ отворија една нова страница во историјата на донаторството за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за македонските студенти, македонскиот народ и македонското иселеништво. 

Атанас и Славка Близнакови копнееле да ја посетат слободната македонска држата и таа своја желба првпат ја реализирале во јуни 1958 година. Неопислива била радоста на овој наш иселеник, како и на неговата сопруга Славка од сето она што го гледале на секој чекор. Се ределе посети во Матицата на иселениците од Македонија, на Универзитетот, Болницата, насекаде.

Тие прошетале по цела Македонија, каде што се сретнале со многу познати, роднини и пријатели. Ги виделе новите фабрики, школи, хидроцентрали, новите станбени згради. Имале можност да се запознаат со гигантските напори на слободниот македониски народ, кој заедно со другите југословенски народи, со секој изминат ден, извојувале нови победи на стопански, културен и политички план.

Ја виделе Македонија преродена и подмладена, како со брзи чекори оди напред кон посветла иднина. Од Атанас Близнаков никој не ги криел и тешкотиите со кои се борел македонкиот народ. Зашто тешкотии имало: минатото оставило длабоки рани. Но, веќе во 1958 година, по петнаесет години слободен живот, Македонија го имала изменето својот лик. И само оној што не дошол во Македонија со отворено срце не можел да ја види! Близнаков дошол во Македонија со љубов, со желба за посреќна иднина на слободниот дел на неговата татковина – Македонија.

atanb2

Гробот на Гоце Делчев

За време на првата посета на слободниот дел од Македонија, еден од значајните и впечатливи спомени за Атанас и Славка Близнакови била, секако, Д’мбенската средба организирана од д’мбенци кои живееле во Скопје и во други градови на Македонија во излетничкото место Сарај, крај Скопје.

Еден од иницијаторите бил и Атанас Близнаков, а бил и главен организатор на оваа значајна средба на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Имено, тој купил поголем број јагниња и пијалак со желба да ги почести присутните и, се разбира, да ја изрази љубовта кон д’мбенци и кон родното Д’мбени, кон Македонија. Атанас и Славка биле главни гости на средбата. Затоа, и со задоволство Атанас им се обратил на присутните.

Меѓутоа, се чини дека Атанас и Славка најтрогнати биле при посетата на Специјалната детска болница за ТБЦ во Скопје. Таму се сретнале со еден друг свет, за кој Атанас нашол одбрани зборови да го поткрепи моралот и вербата во животот и за посреќна иднина на децата.

По враќањето во Гери, Близнаков испратил срдечни писма до многу пријатели во Македонија. Така, мостот преку Океанот меѓу САД и Македонија станал уште поширок, уште поцврст!

Атанас Близнаков упатил многу искрени зборови и за Матицата на иселениците од Македонија, на Редакцијата ѝ  испратил дваесет  долари за фондот на списанието ,,Македонија”, како претплата, потоа испратил и многу подароци за своите пријатели во Македонија. Но, секако, највпечатлив бил подарокот што го испратил до малите пациенти од Специјалната детска болница за ТБЦ во Скопје.

Во своето писмо до децата пишува:

,,Мили деца, минатото лето јас и мојата сопруга Славка ве посетивме во Болницата, вие бевте толку мили и љубезни спрема нас, што не можевме да ве заборавиме. Секогаш кога ве гледаме на сликите, заедно со нас, радост ни ја обзема душата, сакем пак да можеме да ве прегрнеме и да си припомниме дека овде вие имате пријатели кои мислат на вас и кои многу, многу ве сакаат.

Мили деца, јас и мојата сопруга ви ја честитаме Новата 1959 година и ви пожелуваме брзо оздравување и сé најубаво во вашиот живот. Примете го скромниот и топол подарок од 100 долари и нашите најљубезни поздрави”.

Веднаш по добивањето на писмото, Управата на Специјалната детска болница за ТБЦ му испратила писмо со благодарност, во кое се вели:

Многуважен наш сонародник Близнаков,

Управата на Специјалната детска болница за туберкулоза срдечно  Ви благодари на љубезното писмо и испратените 100 (сто) долари, како новогодишен подарок за болните деца. Исто така, длабоко сме ѝ  благодарни и на Вашата почитувана сопруга на поздравите и искажаните убави чувства за здравјето на децата и за напредокот на здравственото дело кај нас.

Сите ние со радост си спомнуваме на оној ден кога Вие и Вашата сопруга ја посетивте нашата Болница. Веднаш почувствувавме во Вас драги пријатели. Затоа секој Ваш збор, секое внимание за нас беше и останува поттик за работа. Особено кога ни се јавувате од далечната Америка со истите чувства што ни ги искажавте додека бевте овдека меѓу нас. А ние знаеме да си ги почитуваме и цениме пријателите.

Вашиот подарок ни го донесоа претставниците на Матицата на иселениците од Македонија. Лично секретарот на Матицата Драгољуб Будимовски ни го предаде.  Потоа во една од болничките Сали, свечено украсена, ги собравме малите болесници и им го прочитавме Вашето топло писмо испратено до нив. Да можевте да видите од некоја страна со каква благодарност си спомнаа тие за Вас.

Едно болно девојче се јави со желба да Ви испрати писмо од името на децата. Овде Ви го приложуваме и тоа писмо. И Ве молиме пак, кога ќе имате слободно време, да ни се јавите. Исто така Ве молиме да ја поздравите Вашата почитувана сопруга, како и другите сонародници што живеат во Гери Индијана”.

Во јули 1968 година, по повод 65-годишнината од Илинденското востание, Атанас и Славка Близнакови повторно дојдоа во Македонија. Дојдоа да учествуваат на големите илинденски свечености. Тогаш, како гости на Матицата на иселениците од Македонија, Атанас и Славка беа членови на Иселеничката делегација. Ги посетија Битола, Прилеп, Охрид, Преспа, но Крушево им ги стопли срцата, а Мечкин камен им го зголеми духот и им ја зајакна љубовта кон Македонија.

atanb3

Крушево

Тогаш Атанас преку телевизија Скопје упати поздрав до македонскиот народ, честитајќи му го големиот празник и резултатите во изградбата на новиот живот. Нивниот престој беше одбележан и во другите македонски средства за информирање. Во текот на престојот Атанас Близнаков зеде учество во работата на средбата ,,Десет дена Крушевска Република” во Крушево.

По враќањето во Америка, кај Атанас и Славка Близнакови се роди мислата и желбата дефинитивно да се вратат во слободниот дел на Македонија. Атанас бил опседнат и од мислата да направи нешто со што ќе може, на некој начин да ѝ  помогне на татковината, на својот народ.

Така се роди и иницијативата за основање на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” за помагање на талентирани студенти на Скопскиот универзитет ,,Св. Кирил и Методиј”, која на 18 април 1977 година и официјално се инаугурираше.

По враќањето во Гери од втората посета на Македонија, Атанас испрати поголем број благодарствени писма до лица, институции и гласила во Македонија. Така, во писмото до списанието ,,Македонија” Атанас Близнаков ќе напише:

Драги пријатели, драги Македонци,

Поминав четири месеци меѓу вас, поминав четири месеци меѓу македонскиот народ во Социјалистичка Република Македонија. Поминав низ повеќето градови на Македонија, поминав низ македонските планини, низ цветните градови и полиња.

Јас немам зборови да искажам колку убави и пријатно поминав за време на мојот престој во Македонија, јас не можам да искажам колку мили и пријатни беа средбите со вас, средбите со многу други браќа и сестри во Македонија. Сите тие добри впечатоци оставија мили спомени во мојата душа и срце. И пак имам желба да дојдам и да се видам со милиот, и за мене скап, македонски народ, меѓу кој се родив и пораснав, меѓу кој ја поминав мојата младост.

Примете ги моите безброј пријателски поздрави. Ги поздравувам моите стари и нови пријатели, а посебни поздрави испраќам до претседателот на Матицата Томе Буклески, до потпретседателот Димче Мире, до главниот уредник Иван Точко, како и до сите соработници на Матицата и списанието ,,Македонија”.

Продолжува

 d5

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

 

На прво место

News image

Пешевска: Ситуацијата со Груби и пораката од Стејт департментот е силна порака дека никој нема да биде поштеден од закон

Ситуацијата со Груби и пораката од Стејт департментот, јас неколку пати кажав во јавноста дека е с...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.