Среда, 22 Февруари 2012   
Антимакедонизмот на Гарет Еванс

aleksandar-stevanov
Александар Стеванов

Еден од најголемите негатори на македонската нација, историја и име од крајот на минатиот век е австралискиот адвокат Гарет Еванс чии што антимакедонски дела и политики нашата татковина сеуште ги трпи.

На 15 февруари 1994 година, Еванс во функција на министер за надворешни работи на Австралија соопштува дека неговата Влада ќе ја признае Македонија, но не под уставното име, туку под привремената референца (до целосни дипломатски односи според македонското МНР се стигнува на 20.10.1995), а на 14 март 1994 година ќе излезе со скандалозно официјално известување поддржано и од премиерот на Австралија - Китинг во кое што Македонците ги нарекува Славо-Македонци и ги обвинува дека го узурпираат грчкото културно наследство и го загрозуваат грчкиот територијален интегритет:

"
Затоа ние ги молиме, оние чие што потекло е од Б.Ј.Р. Македонија да сфатат... дека користењето од нивна страна на симболи како ѕвездата од Кутлеш...и културното наследство на античка Македонија, е длабоко навредливо за која било личност со грчко потекло, која се грижи за територијалното и културното наследство на земјата од која што потекнува."

Ваквата дискриминаторска изјава го предизвикува гневот кај Македонците во Австралија кои по овој повод организираат масовни протести. За ова соопштува Ray Fulcherа во статија од август 1994 година со наслов "Македонците маршираат против дискриминација" во австралискиот неделник Greenleft:

"Мелбурн - 40 000 Македонци и подржувачи маршираа пред домот на Парламентот на 30 јули, барајќи федералната лабуристичка и државна Влада на либералите да ја прекинат дискриминацијата на Македонците. Протестниот марш беше организиран од Македонскиот совет во Мелбурн и Викторија.

Според организаторот на протестниот марш Крис Попов "наметнувањето на терминот Славо-Македонец на Македонците е грубо нарушување на човековите права и треба да биде осудено од секој разумен Австралиец".

Тој изјави дека ова претставува опасен преседан за правата на малцинствата во Австралија.

На 15 февруари федералната влада ја призна Република Македонија како Б.Ј.Р. Македонија. Во истото време таа наметна услови за отворање на македонски конзулат во Австралија вклучително тој да биде нарекуван Конзулат на Б.Ј.Р. Македонија и да биде забрането веењето на националното знаме.

Ниедна нација не морала да се соочи со вакви рестрикции.

garet-evans
Гарет Еванс

На 14 март министерот за надворешни работи Гарет Еванс изјави дека терминот Славо-Македонско ќе се користи од сите владини агенции кога се однесува на Република Македонија.

Протестниот марш повикува до Владата итно да ги откажат нивните Славо-Македонски директиви и да и се обраќаат на Македонија со името Македонија. Побараа Владата на Викторија да престане со притисоците во македонските училишта да го прифатат името Славо-Македонско.

Побараа федералната Влада итно да ја признае Република Македонија под тоа име и да ги повлечат сите услови за отварање на македонска амбасада и конзулат во Австралија. Исто така, побараа од федералната Влада да ги осуди нарушувањата на човековите права на Македонците во Грција и Бугарија."

За признавањето на Македонија не под уставното име, туку под привремената референца и за нарекувањето на нејзините граѓани Славо-Македонци, Ордан Aндреевски, Mакедонец од Австралија ќе напише:

"Арогантноста на Австралиската лабуристичка партија беше најјасно покажана во 1994 година, кога Владата на Китинг и на неговиот министер за надворешни работи Гарет Еванс, постигнаа задкулисен договор со Либералите и ултра-националистичкото грчко лоби прикажано како надворешна политика кон Македонија. Оваа политика кон Македонија беше изградена без никаков удел на Австралиското-Македонско друштво и без никаков вид на дебата во Австралискиот парламент и медиумите"

Не е исклучено, дека Еванс можеби и имал материјална корист од страна на Грците за неговиот антимакедонски став, за чија поткупувачка активност по ова прашање сугерираат повеќе откритија, дека плаќале луѓе за да работат против интересите на Македонија и за негација на нејзиното име, каков што е најновиот скандал со австрискиот бизнисмен Питер Хохегер.

Поради оваа погрешна одлука на тогашниот министер за надворешни работи на Австралија во врска со Македонија и Македонците, познатиот карикатурист Geoff Pryor, истата година ­ му ја посветува карикатурава (откриена од Б. Андонов) во која го прикажува Еванс паднат во канализациско блато:

garet-evans-cartoon

"Базата до високо-летачкиот министер за надворешни работи Еванс... Јави се Еванс" Гарет Еванс паѓа во канализациско блато по Славо-Македонското решение

Карикатурата се покажува дека е пред своето време - кој високо лета, ниско ќе падне. По само две години, на изборите во 1996 година, Владата на премиерот Китинг паѓа со што и Еванс ја губи својата фотеља како министер за надворешни работи, а ја завршува и својата без малку 20 годишна служба како сенатор од Викторија. Последен пат, пред тоа актуелен премиер од редовите на лабуристичката партија да изгуби на избори се случило во далечната 1949 година.

Според статијата на Ордан Андреевски, загубата на подршката за Владата е резултат на:

"Со ставањето на Македонците и Македонија на дното на листата на приоритети, Владата на Китинг... не успеаа да обезбедат финансиска и политичка подршка за изградба на програми кои што ќе го зајакнеа општеството и ќе помогнеа зa остварување на легитимните потреби и тежнеења."

Негово најголемо злосторство сепак не е антимакедонскиот став и активност, туку оправдувањето на стотици убиства! За време на масакрот во главниот град на Источен Тимор - Дили (12 ноември 1992), Еванс скандалозно застанува на страната на окупациската војска на Индонезија, оправдувајќи ги извршените убиства на најмалку 250 (според некои 400) Источно Тиморци како аберација, а не државно правило.

За разлика од Еванс, отецот Карлос Бело за овој настан дава сосема спротивна изјава: "Не беше инцидент; беше вистински масакар. Беше добро подготвен", за кое што и ќе ја добие Нобеловата награда за мир во 1996 година.

По губењето на својата министерска фотеља Гарет Еванс станува дел од Интернационалната Кризна Група (ICG) како нејзин претседател (oд 2000), а во неговите изјави на неколку пати не му пречеше нашата земја да ја нарекува само Македонија, а нејзините граѓани не Славо-Македонци, како порано, туку само Македонци.

На 16 октомври 2006 година, во Утрински весник излегува статија (Еванс им симна капа на САД за името) во која Еванс, вината за признавањето на Република Македонија не под уставното име, туку под привремената референца од страна на Австралија го припишува на тамошното моќно грчко лоби:

"Како бивш министер за надворешни работи на Австралија, од Еванс беше побарана реакција за спорот околу името на државата. Тој се оправда дека австралиската влада не можела да направи чекор каков што направи САД - билатерално да го признае уставното име - поради реакциите на грчката заедница. Лично, спорот го оцени за бизарен и неодржлив, па изрази надеж дека некоја од европските земји ќе собере храброст да го стори тоа што го направија САД. Сепак, Еванс оцени дека нема лесно да дојде до формално менување на привременото со уставното име на државата."

За жал, Австралија и понатаму ја спроведува дискриминаторската политика договорена од него, нашата татковина Македонија да се именува не со нејзиното уставно и вековно име, туку со привремената референца.

Авторот на оваа статија се обиде да стапи во контакт со Гарет Еванс во врска со денешната гледна точка, апсурдноста на неговото тврдење од 1994 година, дека Македонија претставува територијална закана за Грција; за неговиот денешен став во врска со прашањето за името на Македонија; и за промената на ситуацијата во светот, имајќи во предвид, дека Македонија не само што е општо признаена земја, туку и 130 земји веќе ја признаваат под нејзиното уставно и вековно име, но од неговата канцеларија соопштија дека не е во можност да одговори, бидејќи е на службен пат од кој што ќе се врати дури по еден месец.

По долготрајната кампања на Македонците во Австралија, од пред некое време (9 јануари 2012) одлуките на Гарет Еванс за именување на Македонците во Австралија како Славо-Македонци и употребата на придавката славо-македонски кога се однесува на Македонија, според АМКЧП се укинати од страна на австралиските власти:

"Во писмо до АМКЧП од 9 јануари 2012 година, вршителот на должноста, шеф на кабинетот на Министерот за надворешни работи напиша: Јас можам да потврдам дека „Славо-македонското“ Административно циркуларно писмо повеќе не е на сила во Министерството за надворешни работи и трговија (ДФАТ). Како што е вообичаената практика, што се однесува до неважечки Административни циркуларни писма, тоа е поништено и докуметот е ставен во архива. Исто така, ДФАТ ми има ставено до знаење дека „Славо-македонската Директива” не се применува во други владини служби, влучувајќи ги и Министерството за имиграција и државјанство и Австралискиот завод за статистика."

Сега на нас, Македонците ни преостанува уште да се убедат австралиските власти да престанат да ја именуваат нашата земја Македонија со привремената референца, со што конечно ќе се погреба антимакедонското наследство, кое што со своето делување го остави Гарет Еванс.
 

На прво место

News image

Источен Петок – Балаклија: Празник на водата, верата и надежта

Источниот Петок, познат меѓу народот како Балаклија, е еден од најзначајните празници што се одбел...

Иселеници

Култура и туризам

News image

Источен Петок – Балаклија

Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што не...

Фељтон

News image

УНГАРИЈА - ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (11)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.