Македонците од 18, 19 и 20 век себеси се декларирале како потомци на античките Македонци (прв дел)
Александар Донски
Сведоци сме дека во последно време во Р. Македонија се води невидена срамна кампања против оправданите тенденции на владата за покажувањето респект кон античко-македонската историја. Поединци или помали групи, инсталирани во некои медиуми, јавно ја промовираат големогрчката анти-македонска пропаганда, според која, денешните Македонци не смеат да имаат никаква врска со античките Македонци. Така овие грчки платеници и предавници јавно се спротивставуваат на именувањето на аеродромот „Александар Велики“ и се закануваат дека кога ќе дојдат на власт, ќе го сменат ова име; јавно го напаѓаат поставувањето споменик на најголемиот македонски цар во Скопје, бладаат низ медиумите дека денешните Македонци „немале врска со античките Македонци“ и слични други небулози. Истите тие го измислија и терминот „антиквизација“. Меѓутоа, денес речиси не постои земја во светот која не се грижи и не го негува своето античко наследство, кое зазема соодветно место во современиот живот на таа земја. Ќе наведеме само неколку примери од нашето најблиско соседство.
Во Србија вториот по големина аеродром во државата (лоциран на околу 4 километри од Ниш) го носи името на славниот антички цар роден во околината на Ниш - Константин Велики. Претходно овој аеродром се викаше „Аеродром Ниш“, а во октомври 2003 година (по обемната реконструкција) владата го преименува во „Константин Велики Ниш“.
Но, тоа не е се. Античкиот цар Константин и неговата сопруга царица Елена официјално се прогласени за патрони на градот Ниш и тоа токму од страна на локалната самоуправа на овој, четврт по големина, град во Србија. И покрај сето ова никој во Србија денес не упатува идиотски обвинувања за „антиквизација на Србија“ како што е тоа случајот во Македонија.
Во Бугарија една од најславните личности од антиката кои се родиле на тлото на нашата соседна земја е водачот на робовладетелското востание во Рим – Спартак. Тој бил Тракиец. Во Бугарија официјалните власти уште одамна со гордост го величаат неговото име. Така на пример, еден од најпознатите фудбалски клубови во Бугарија го носи името „Спартак“. Овој клуб е од Варна, а името Спартак го има добиено уште во 1945 година, т.е. во времето кога клубот бил во државна сопственост. Денес има и други субјекти ширум Бугарија кои го носат името Спартак.
И не само тоа. Тракијците (како народ кој живеел во антиката на територијата на Бугарија) денес се признати како делумни етнички предци на денешната бугарска нација (што официјално е внесено во нивните учебници по историја). Денес во Бугарија владата со голем респект се однесува кон експонирањето на тракиското етно-културно наследство во денешната бугарска нација. Нормално, дека ниту во Бугарија денес нема идиотски обвинувања за „антиквизација на Бугарија“ од страна на фрустрирани поединци или странски платеници.
Во Албанија состојбата е уште подалеку. Добро е познато дека, според денешната албанска историографија, Илирите (древен народ кој во антиката живеел на тлото на Албанија) се слават како етнички предци на денешните Албанци. Денес во Албанија бројни институции го носат името Илирија или Теута (како што се викала најпознатата илирска кралица).
За Грција нема потреба да пишуваме затоа што исто така е добро познато во колкава мера античкото наследство се форсира од страна на грчките власти, иако и денешните Грци (како и сите народи на светот) претставуваат етничка мешавина од разни народи кои низ историјата престојувале на оваа територија.
Исте состојбата и со други европски и воневропски држави.
Што се однесува до Македонија, владата на Никола Груевски за прв пат смело го призна она што со векови било криено од страна на денешните Македонци, а тоа е фактот дека античките Македонци (како староседелци на Македонија) се составен дел од денешната македонска нација (исто како што античките народи и во други земји не испарувале во воздух, туку ги внесувале својата крв и култура во новите етникуми што таму се појавувале). Со ваквиот потег оваа влада ќе остане со светли букви запишана за идните генерации.
За жал, ваквиот позитивен тренд наиде на остри спротивставувања од страна на поединци и групи, кои во последно време плукаат против античко-македонската историја, па дури и против самите антички Македонци, иако тие биле еден од најславните народи во историјата на човештвото. Заради фактот што нема никаква разумна логика некој толку остро и жестоко да се спротивставува против јавното искажување почит кон античките жители на сопствената земја, не останува друго објаснување освен дека овие поединци и групи се обична банда грчки платеници! Нема потреба да објаснуваме зошто Грција се плаши од обелоденувањето на етно-културните врски помеѓу денешните и античките Македонци, па во склад со тоа е и отпорот на нивните платеници овде, кои со своето срамно дејствување (од кое најверојатно ќе се срамуваат и нивните идни поколенија) доведоа до апсурдот Македонија денес да е единствената земја во светот во која организирано се плука против ликот и делото на најпознатиот македонски цар Александар Трети Велики Македонски.
Практично овие субјекти не само што се спротивставуваат на оправданите тенденции на владата, туку тие се спротивставуваат и на МПЦ (во чија Преамбула на новиот устав сосема јасно античките Македонци се определени како предци на денешните Македонци). Овие субјекти опонираат и на македонската дијаспора, чии најзначајни организирани субјекти и дејци исто така покажуваат почит кон нашето славно античко минато. Фактот дека античките Македонци ја внеле својата крв и култура среде денешните Македонци е посочен и во некои наши учебници по историја, па грчките платеници практично се спротивставуваат и на нашата официјална историографија. Но, тоа не е се. Грчките платеници во Р. Македонија (некои од нив под изговор дека се „борци за човекови права“ иако е нејасно за чии човекови права тие се борат? Можеби за „човекови права“ на грчките шовинисти“?) ги обвинуваат сите Македонци кои се гордеат со античко-македонската историја за наводен „национализам“ (!?). Според нивната искривена логика секој што ќе го истакне ликот на Александар Велики Македонски е „националист“ (!?). Меѓутоа, историските факти и здравата логика го зборуваат токму спротивното. Александар, иако горд Македонец, воедно бил и голем космополит. Тој длабоко ги почитувал сите народи и религиозни определби во својата империја и затоа од многу од нив бил почитуван, па дури и прогласуван за „бог“. И не случајно за него постојат народни легенди и преданија на над 80 јазици... Наспроти тоа, сите оние групи и поединци кои јавно изјавуваат дека ние „немаме никаква врска со античките Македонци“ и упорно повторуваат дека сме „чисти Словени“ всушност пропагираат расизам! Преку тврдењето дека ние сме народ со „чисто словенско потекло“, тие практично форсираат словенски расизам! Лично слушав на ТВ една будала кој јавно ги повика МАНУ да донеле „забрана“ на истражувањата на нашите врски со античките Македонци затоа што ние сме биле „чисти Словени“. Ваквите расистичко-фашистички артикулации (за „чисто словенско потекло“ на денешните Македонци и повици за административна забрана на сите обиди за поинакво толкување – исто како што било во нацистичка Германија) не смеат да се дозволат во една современа и демократска држава како што е нашата. Агресивното форсирање на вистината дека античките Македонци имале значаен етно-културен удел во денешната македонска нација е само еден од облиците на борба против реакционерниот словенски расизам што го форсираат грчките платеници и по некој друг субјект во Република Македонија.
Во својата подмолност, грчките платеници отидоа толку далеку што самите себе си се прогласија за „проевропски сили“, додека владата наводно била „анти-европски“ определена. Но, тоа е далеку од вистината. Предводник на сите вистински проевропски и прозападни сили во Р. Македонија е токму владата на Никола Груевски заедно со коалициските партнери. Токму во нивно време Р. Македонија достигна најблиски односи со моќните западни земји, како резултат на кои, се укинати визите за патување на македонските граѓани и добиени се низа други привилегии. Она што, меѓутоа, го бараат грчките платеници (опасно блиски до опозицијата) е промена на македонскиот идентитет и влегување во евро-атланските интерграции според грчки терк. Е, тоа никогаш нема да биде. Ако треба Македонија ќе влезе во ЕУ и во НАТО на „мала врата“ (преку разни отстапки што постепено ќе и се нудат и сл.), но она што ни го оставиле предците никогаш нема да го смениме!
А сега конечно да се префрлиме на главната тема, а тоа е декларирањето на Македонците од 18, 19 и првата половина на 20 век како потомци на античките Македонци.
Наспроти сите антимакедонски пропаганди, античко-македонското етничко потекло масовно било прифаќано од страна на Македонците во 18, 19 и 20 век. Оваа тема делумно ја има обработено академик Блаже Ристовски (во своите дела: “Портрети и процеси I”, Скопје, 1989 год. и “Македонија и македонската нација”, Скопје, 1995 год.), па во продолжение ќе се послужиме со цитати од неговите истражувања во врска со ваквите пројави, надополнети со моите дополнителни истражувања во оваа насока. Притоа, податоците преземени од книгите на академик Ристовски ќе ги означиме посебно од останатите, со напомена дека оригиналните извори за нив можат да се сретнат во овие книги.
Посебно е важен фактот дека за чувството за античко-македонското етничко потекло на Македонците од 18, 19 и 20 век, сведочеле и еминентни странски дејци, кои во тоа време престојувале во Македонија. Да наведеме извесен број примери во врска со ова.
Најнапред да го спомнеме францускиот барон Франсоа де Тот, кој работел во Цариград во 18 век (конкретно од 1768 до 1775 година) како главен изведувач на градбите на важни објекти каде имал ангажирано поголем број работници Македонци. Во своите “Спомени” тој запишал:
“Прибрав и сместив покрај работните места 1500 Македонци...”.
Во продолжение тој пишува дека Македонците биле неуморни во работата и дека затоа им дал слободни ден. Потоа тој пишува како некои од нив отишле во една кафеана и почнале да пеат песни за победите на Александар Македонски, па вели:
“Дваесет и двајца Македонци,секој со пушка на рамо,дојдоа тука и собрани во една крчма пееја песна за победите на Александар “.
Во продолжение читаме дека еден од Македонците излегол од кафеаната и налетал на група од деведесет турски морнари. Франсоа де Тот во продолжение пишува:
“Еден од моите работници ги напушти своите другари и отиде да подиши воздух, се проближил до брегот каде ги видел новоистоварените вооружени до заби. Еден од нив горд на бројноста што неговата група му ја обезбедуваше, се приближил до Македонецот и му удрил шлаканица со сета сила. Овој без оружје, за да се одмазди за својата навреда и ненавикнат на турскиот јазик, му дал само знак на шампионот кој го нападнал за да го почека бидејќи требало да се врати. Тој се вратил во крчмата, не им рекол ни збор на своите другари, си ја зел пушката без тие да го забележат и се вратил на брегот каде што Турците се уште се наоѓале. Таму го препознал својот противник и покажувајќи му го својот образ му дал знак повторно да почне. Но, Турчинот кој веќе имал пиштол в раце, испукал од непосредна близина, меѓутоа не го погодил Македонецот, а овој за час му ја ставил цевката од пушката на стомакот и пукнал, но и самиот загинал од 80 куршуми што ги испукале другите Турци. Ова пукање го привлекло вниманието на останатите дваесет и еден Македонец. Виделе дека недостасува еден од нивните другари. Се вооружиле и се стрчале кон брегот. Пристигнувајќи таму, го виделе својот другар спружен крај еден Турчин и без распрашување ги нападнале непријателите, убиле деветмина на самото место, а другите ги потиснале кон морето со таква брзина што еден дел избегале со чамец, а друг пливајќи. Така, овие “храбри луѓе” дошле до бродот, го пресекле јажето и се спасиле, бегајќи во морската шир. Двајца Македонци беа пратени кај мене и ме известија за ова. Тргнав веднаш кај првиот министер, каде што се јавив како тужител во врска со навредата нанесена на работниците на замоците”.
Во продолжение читаме дека везирот се налутил и рекол дека загинале девет муслимани, а само еден неверник и дека тоа биле многу жртви. Франсоа де Тот сепак инсистирал да се обезбеди сигурноста на работниците, на што везирот смеејќи се, му рекол:
“Добро. Со Вашите 1500 Македонци вие би ја освоиле земјата. Вашиот начин да се чувате зарем не вреди повеќе од оние кои јас би можел да ви ги пружам?” ("Memories du baron de Tott sur lesTurcs et les Tartares", Amsterdam, стр. 197-198, цит. според академик Александар Матковски “Македонија во делата на странските патеписци” цит. дело).
Гледаме дека во описот на овој настан Франсоа Де Тот своите работници секаде ги именува како Македонци. Фактот што тие пееле песни за победите на Александар Македонски е силна индиција за нивната етничка свест, а во прилог на ова оди и шеговитата забелешка на везирот според која Франсоа де Тот со своите Македонци сакал да го “освои светот” (што може да биле алудирање на античките Македонци од времето на Александар Македонски).
Од самиот крај на 18 век постои уште еден патепис од непознат автор, посветен на Македонија, во кој исто така се потенцира врската помеѓу античките Македонци и Македонците од 18 век. Непознатиот патеписец ја констатирал очајната состојба во која се наоѓале тогашните Македонци која секако дека била резултат на предолгите вековни ропства. Во врска со ова непознатиот патеписец запишал:
“Македонците во стари времиња биле многу проучени како научници, а исто така и по својата храброст. Сега пак тие се плашливци и незнајковци”. (Патепис од непознат автор од пред 1798 година, Конгресна библиотека во Вашингтон, Оддел за ретки книги сигнатура Г 160. Л 317, 1816 год. цит. според Александар Матковски, цит. дело).
Слично разочарување од состојбата во Македонија покажал и патеписецот Кузинери, кој во својот патепис од 1816 година запишал:
“Македонија толку славна со спомените на Филип и Александар, толку несреќна за време на римското владеење, понижена под Бугарите и најпосле толку понижена под отоманскиот меч, денес претставува само пустош кој зад себе го влече фанатизмот, незнаењето и деспотизмот”. (Патописот на Кузинери од 1816 година. “Voyage dans la Macedoine I , Paris, 1831, Esprit Marie Cousinery, стр. 11. Цит. според Александар Матковски, цит. дело).
За чувањето на споменот за античка Македонија среде Македонците од самиот почеток на 19 век, сведочи и непознат француски патеписец кој тогаш ја посетил Македонија. Откако пишува за некој споменик за кој народот му рекол дека е од времето на Александар Македонски, непознатиот Французин запишал:
“Клетата раја од Македонија уште ги воспевува подвизите на завојувачот на Персија и Индија”. (Патопис од непознат автор од 1807 година. “Френски патеписи за Балканите 19 в.” составила и редактирала Бистра Цветкова, Софија.Преземено од "Archives de l'armee de terre", со сигнатура МR 1618, 17. Цит. според Александар Матковски, цит. дело).
Слично запишал и патеписецот Јохан Хајнрих Мајр, кој исто така во почетокот на 19 век ја посетил Македонија:
“Подоцна поминавме во областа каде Александар Велики направил одмор. Од пред неколку илјади години овде се чува споменот на овој славен Македонец”. (Јохан Хајнрих Мајр патопис од 1814 година. Johann Heinrich Mayr's Reise nach Konstantinopel, Aegupten, Jerusalem und auf den Libanon, 1820. Конгресна библиотека Вашингтон, сигнатура ДС 48. М49. Цит. според Александар Матковски, цит. дело).
Дека Македонците од 19 век се потомци на античките Македонци пишувал и францускиот патеписец Дидро. Тој исто така разочарано констатирал дека некогаш славната Македонија за време на турското владеење се нашла во целосна апатија. Тој запишал:
“По долината на Македонија сe е стушено и невесело, се е жалосно. Турците од срцето на човекот го искорнале смеењето кое му припаѓа само нему, на човекот. Од нивните робови, од потомците на Ахил и Александар, тие направиле стада од животни.” ("Le Mont Athos Exract from Annales archeologiques", volumes 4, 5, 18 и 21. Национална библиотека Париз сигнатура 4о В, 1122/4,5,18,21, цит. според академик Александар Матковски “Македонија во делата на странските патеписци” , цит. дело).
Непознат патеписец во 1841 година запишал дека во Катерини Македонците сe уште ја користеле старата пелазгиска кола, каква што ја користеле нивните предци уште од древните времиња. Овде читаме:
“Катерини... е мал град, опкружен со шума, сместен во тесна долина меѓу Олимп и морето... Сe уште е во употреба старата кола на Пелазгите влечена од волови”. ("Handbook for travellers in the Jonian Island, Greece, Turkey, Asia Minor and Constantinopole", Лондон, 1845, Конгресна библиотека Вашингтон, ДС 43. М 95 1845, цит. според Александар Матковски, цит. дело).
Да се потсетиме дека Пелазгите биле стар народ, кој живеел на Балканот, а посебно во Македонија. Од страна на Грците тие биле сметани како “барбари” - луѓе кои не зборуваат грчки. Некои истражувачи дури сметаат и дека Словените се потомци на Пелазгите.
Рускиот истакнат деец Виктор Григорович, во врска со импресиите од својата посета на Македонија во 1844 - 1845 година запишал:
“Во сите краишта што ги посетив, јас немам чуено други имиња освен имињата на Александар Велики и на Марко Крале. И едниот и другиот живеат во спомените на народот... Споменот за Александар Велики сепак е повеќе утврден кај народот.” (цит. според Блаже Ристовски).
Виктор Григорович запишал и една народна творба за македонскиот цар Филип Втори.
Да ја спомнеме и изјавата на еден, засега непознат, учител од Охрид кој дошол на местото на истераниот бугарски учител во Солун во 1845 година. Оваа изјава подоцна е пренесена и во тогашниот печат, без да се наведе идентитетот на учителот. Кога го прашале да се декларира што е по националност, нашиот охриѓанец дословно рекол:
“Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин! Јас сум чист Македонец, какви што биле Филип и Александар Македонски и Аристотел филозофот. (цит. според Блаже Ристовски).
Ерејот Димитрија од Кривопаланечко во врска со своето етничко потекло, во далечната 1848 година, запишал:
“Родум сум Македонец... Од Бога било пишано мојата татковина да страда од Грците, па тие не ни даваат мир ниту денес, иако сите знаат дека Македонија била постара држава од нивното царство.” (Цит. според Блаже Ристовски).
Англискиот патеписец Чарлс Томас Њутон ја посетил Македонија во 1853 година при што запишал дека народот таму се уште ги чувал своите традиции и обичаи уште од времето на антиката. Тоа му го кажал епископот од Метилена, кој често патувал во Македонија. Во врска со ова Њутон запишал:
“Љубезно бев примен од архиепископот од Метилена, кој ја правеше својата годишна обиколка за да ги собере даноците. Тој најчесто одел во Македонија и ми раскажуваше за некои интересни поединости за селаните кои таму живеат и кои задржале многу стари обичаи... Еден од нив е чинот на женидбата..., која потсетува на античките ритуали. ("Travels and discoveries in the Levant" by Charles Thomas Newton,, Лондон, 1865, I and II, стр. 10. цит. според Александар Матовски, цит. дело).
И патеписецот Јохан Хан во 1858 година запишал дека среде Македонците од 19 век се задржале обичаи уште од времето на антиката. Конкретно тој запишал дека Македонците од Вардар Ениџе се уште го негувале панаѓурот наследен од античките Македонци. Тој пишува:
“...Бргу пристигнавме во гратчено Вардар Јениџе. Таму се живо беше раздвижено, затоа што сите беа во подготвување за панаѓурот, кој се одржува секоја година и трае осум дена...”
За самиот град Јохан Хан смета дека е всушност наследник на стариот град Пела:
“Турскиот град во внатрешноста е следбеник на нему блискиот старомакедонски главен град и од него тој ја наследил градската сила и годишниот панаѓур. Со тоа Јениџе не е ништо друго, туку поместена Пела”. ("Reise vion Belgrad nach Salonik", J.G.V. Hahn, Wien”, 1868, стр. 200, цит. според Александар Матковски, цит. дело).
Јохан Хан бил уште еден Германец кој работел во грчката влада во времето на кралот Отон.
(Продолжува во следниот број). |