|
|
| Начинот на кој ЕУ ја третира Македонија одамна не е само надворешнополитичко, туку и внатрешно државно прашање |
|
Свекрва Начинот на кој ЕУ ја третира Македонија одамна не е само надворешнополитичко, туку и внатрешно државно прашање, а постојаните притисоци и идентитетски условувања на ЕУ ја наметнуваат потребата државата да настапи обединето. Доколку Европската унија продолжи да ги игнорира или минимизира сигналите што со години доаѓаат од Западен Балкан, ризикува постепено, но суштинско губење на сопствениот авторитет и влијание во регион што формално го третира како стратешки приоритет. Овој процес не се одвива преку ненадеен прекин, туку преку акумулирано разочарување, растечка недоверба и создавање геополитички вакуум. Националниот консензус не значи укинување на политичкиот плурализам, туку јасно утврдени црвени линии: Заштита на македонскиот јазик и идентитет, одбивање на нови билатерални условувања и инсистирање на еднакви правила за сите кандидати. Ова не е момент за партиски поени, туку за државничка одговорност. Европа мора да се соочи со реалноста дека: Македонија нема повеќе да прифаќа решенија што ја релативизираат нејзината државност. Доколку Брисел навистина ја гледа Македонија како дел од европското семејство, мора да престане да ја третира како експеримент или колатерална жртва на внатрешните несогласувања во Унијата. Во спротивно, земјата ќе продолжи формално да чека, но суштински ќе се оддалечува од Европа. Губењето на Македонија нема да биде последица на нејзин неуспех, туку доказ за слабоста на европската политика на проширување и порака до целиот Балкан дека европските ветувања имаат рок на траење, а довербата, еднаш изгубена, тешко се враќа. Во таа рамка, Македонија е најилустративниот пример за последиците од европската недоследност. Државата направи отстапки какви што ретко која земја кандидат ги направила: промена на уставното име, болни компромиси со соседите и интервенции во чувствителни идентитетски прашања, сето тоа под ветување за извесна европска иднина. Наместо напредок, следуваа нови блокади, нови услови и постојано поместување на целта. Таквиот пристап директно го урива кредибилитетот на Европската унија во Македонија. Кога земја што формално ги исполнува критериумите се соочува со вета и билатерални уцени, процесот на проширување престанува да биде заснован на правила и вредности, се претвора во инструмент на интереси. За македонските граѓани, тоа значи европски пат што сè помалку се доживува како праведен, а сè повеќе како понижувачки и непредвидлив. Од ваквата почитика на Брисел последиците се веќе видливи: опаѓа поддршката за членство, расте евроскептицизмот, а младите ја губат вербата дека Европа нуди перспектива и достоинство. Наместо реформи мотивирани од јасна цел, се создава апатија и чувство на држава заглавена во бескрајна чекалница. Ова не е неуспех на Македонија, туку директен резултат на европската политика на одолговлекување. За ЕУ, Балканот не е периферија, туку тест за геополитичка зрелост. Без јасна визија, политичка храброст и доследност, регионот што Брисел со децении го сметаше за „свој“ сè почесто ја доживува Европа како далечен и несигурен партнер. Токму во тој вакуум сè поактивно влегуваат трети актери, Русија, Кина, Турција и други нудејќи алтернативни партнерства, инвестиции и политичка поддршка, најчесто без услови поврзани со демократијата и владеењето на правото. Со тоа, Европската унија го губи не само моралниот авторитет, туку и реалната способност да ги обликува процесите во сопственото соседство. |














