|
|
| Александар Македонски Џеповски: Како и зошто се случи теророт во Сиднеј? |
|
Александар Македонски Џеповски Македонците во Сиднеј, во Австралија, но и насекаде низ светот, како и во нашата Македонија, искрено сочувствуваме со изгубените еврејски животи и со секоја пролеана капка невина крв во овој трагичен настан. Каде и да се пролева невина крв, без разлика на националност или вероисповест, па дури и кога станува збор за крв на непријател, ние Македонците знаеме да жалиме и да дадеме поддршка. Затоа што болката од неправдата и насилството премногу пати сме ја почувствувале на сопствена кожа, низ векови и милениуми. Овојпат во Сиднеј, за разлика од претходниот случај во кафетеријата „Линдт“, каде што имаше заложничка драма, се случи на отворено со трагични последици, 16 загинати и 29 повредени. Веднаш потоа, дел од политичката опозиција во Австралија, во стил добро познат и од македонската политичка сцена од страна на СДС, побара оставка од премиерот Албанизи, со обид трагедијата да се претвори во средство за политичка пресметка и освојување власт без избори. Но, една суштинска работа бара одговор, без предрасуди и без политички калкулации: како е можно голем јавен настан, одбележување на еврејскиот празник Ханука на отворен простор, со присуство на две до три илјади луѓе да помине без видливо полициско обезбедување или засилени безбедносни мерки?. Во време кога Израел е во воен судир поради прашањето со Палестина и кога безбедносните ризици се глобално зголемени, ваквата негрижа отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите. Напаѓачите, татко и син, според досегашните информации делувале самостојно, водени од радикална идеологија и фанатизам. Тоа не го прави злосторството помалку страшно, но покажува дека заканата не доаѓа секогаш од сложени и централизирани терористички структури. Лично не верувам во директна вмешаност на Исламската држава, бидејќи доколку стануваше збор за организиран напад од таков тип, последиците ќе беа многу потешки и далеку поразорни. Ова, сепак, не е утеха, „среќа во несреќа“ е горчлива формулација кога и еден човечки живот е изгубен, а камоли шеснаесет. На крајот, се наметнува и прашањето: дали Еврејската заедница побарала засилено полициско присуство? Дали станува збор за институционален пропуст, потценување на ризикот или бирократска заспаност? Загрижува фактот што токму заедница која историски најмногу страдала од прогон и насилство, повторно се соочува со опасност поради недоволна превенција. |














