Среда, 19 Декември 2018    PDF Печати Е-пошта
ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (2)

Esma1

ДЕЛ ОД БИОГРАФИЈАТА НА ЕСМА -  I ДЕЛ

Според кажувањата на Есма Реџепова, баба ѝ Есма по која го добила името била Еврејка. Таа била родена во Иран, од каде дошла во Тирана, Албанија. Таму се омажила за дедо ѝ Реџеп, грнчарот, католички Ром. Тие во бракот имале 10 деца - девет девојчиња: Зела, Пашка, Асаика, Емина, Бајруша, Дуда, Хајрија, Сафија и Мајрамилија, како и едно момче Ибрахим, таткото на Есма, Кралицата на ромската песна

Македонската дива, Есма Реџепова е родена на 8.8.1943 година, во Скопје, потекнува од сиромашно работничко семејство. Но, потеклото и историјата на нејзиното семејство е интересно, преселничко, составено од повеќе нации, космополитско, во кое царувале трите најважни светски религии: еврејската, муслиманската и православната.

Колкупати и да раскажуваше за своето потекло, за своите лични и (не)обични нешта во животот, се чини дека Кралицата на ромската песна Есма Реџепова-Теодосиевска секогаш имаше нова приказна за изненадување. Дури и за нејзините блиски, кои мислат дека ги знаат сите нејзини приказни, стории и врвици. Тоа беше можеби затоа што таа секогаш ги раскажуваше со нови емоции, па и оние од нејзината семејна историја уште пред да се појави таа со својот глас и талент.

Секогаш ја разнежнува приказната за баба ѝ Есма, Еврејка, по која го добила името. Баба ѝ Есма била родена во Иран, од каде дошла во Тирана, Албанија. Таму се омажила за дедо ѝ Реџеп, грнчарот, католички Ром. Тие во бракот имале 10 деца - девет девојчиња: Зела, Пашка, Асаика, Емина, Бајруша, Дуда, Хајрија, Сафија и Мајрамилија, како и едно момче Ибрахим, таткото на Есма, Кралицата на ромската песна. 

Животните патишта ги однеле нејзината баба Есма и дедото Реџеп од Тирана во Приштина. Кога починал дедото, бабата Есма купила куќа во Скопје, на просторот во сегашниот центар на градот, каде што е и родена Есма Реџепова, која го носи презимето од нејзиниот дедо Реџеп.

Esma2

Скопје во минатото

Татко ѝ Ибрахим, католички Ром бил роден во Тирана, а починал во Скопје, а мајка ѝ Ќанија, муслиманка била родена во Арачиново, Скопско. Тие заедно живееле во нивната мала куќичка во централното градско подрачје на Скопје. Таму се родени шесте деца на Ќанија и Ибрахим Реџепови: Реџеп, Сајка, Фахри, Јаша и Емина, од кои Есма е петтото дете.

Како што секогаш се разнежнуваше на приказната за баба ѝ и дедо ѝ, сеќавањето на судбината на татко ѝ Ибрахим на секое раскажување ја доведуваа до солзи. И раскажуваше:

„Никогаш не го видов на две нозе. За време на Втората светска војна, во април 1941 година, кога татко ми Ибрахим бил на возраст од 21 година, со уште многу ромски момчиња окупаторот во Скопје ги собрал на Кале за да бидат ликвидирани со стрелање. Татко ми бил погоден во колкот и го преживеал стрелањето за разлика од другите жртви кои не преживеале. Но, од раната што ја имал од стрелањето добил гангрена на ногата, поради што ногата му била отсечена. Кога се родив, тој веќе немаше една нога. Почина млад, немаше ни педесет години. Но, татко ми и неговата борба за живот, секогаш биле моја животна инспирација“, со тага раскажуваше Есма. Овие емоции секогаш ѝ будеја емоции кога ја пееше песната посветена на татко ѝ - „Ибрахим“.

Татко ѝ Ибрахим и мајка ѝ Ќанија Реџепови се обидувале да ги прехранат четирите ќерки: Сајка, Јаша, Есма и Емина и двата сина Реџеп и Фахри. Таткото на Есма работел како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Но, наскоро го проширила „бизнисот“, па им помагала и на другите чистачи на чевли во Скопје. Таа била нивниот главен „снабдувач со репроматеријали“.

Esma3

Есма со родителите Ќанија и Ибрахим

Трчала до тогашната единствена работилница за производство на боја за чевли „Ималин“ и набавувала боја за сите чистачи на чевли. Парите што чистачите ѝ ги давале за автобуска карта, таа ги штедела за билети за во кино, а најчесто, во набавки одела пеш. Постарите скопјанки можеби не се сеќаваат дека ромската Кралица Есма е она истото девојче што пред педесетина години чекало во ред за да им купи млеко, а тие и давале по некоја паричка што, исто така, завршувала во билетарницата на скопското кино.

Ученичката Есма поседувала бунтовна природа и никогаш не им останувала должна на оние што сакале да ја понижат нарекувајќи ја „Циганка“. Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата го принудила деветгодишното девојче да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Имала прекрасен глас, секогаш широка насмевка и по природа била ведра.

Нејзината мајка никогаш не запеала. Татко ѝ  Ибрахим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој, всушност, и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓуучилиштен натпревар во пеење во Сарај.

Татко ѝ тоа го дознал еден ден, кога на вратата од домот на семејството Реџепови чукнал познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски. Тој дошол да го убеди Ибрахим да ѝ дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл. Таа есен, 1957 година, Есма победила на училишниот натпревар и добила покана од Радио Скопје за соработка. Во 13-годишното црномуресто девојче, облечено во скромно фустанче, музичките критичари откриле вонсериски талент.

Од тој момент животот на Есма добил поинаков тек. Таа се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, а татко ѝ добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап, за кариерата и дека нема да дозволи Есма да стане кафеанска пејачка.

После овој заеднички договор на малата Есма дом и станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, патиштата, новите градови и бројните хотели. Во разговорите со Есма, речиси таа и не можеше да се сети на првите официјални настапи. Прво почнале со скромни турнеи во Македонија, потоа во републиките на поранешна Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија. На двомесечната турнеја таа со своите настапи претставувала вистинска атракција, затоа што во тоа време не било „природно“ Ромите да се вклучуваат во естрадниот живот.

Поради контактите и поразвиениот музички пазар, Есма Реџепова и Стево Теодосиевски од 1960 до 1989 година стануваат жители на Белград. Нејзин дом биле две соби на Дедиње, во кои живеел целиот Ансамбл „Теодосиевски“, вклучувајќи ја и мајката на Стево, Параскева, која на Есма ѝ била како втора мајка. Во Белград Есма го завршила вишото естрадно училиште.

Поради големиот број настапи на просторите на тогашна Југославија, како и во голем број држави на сите континенти, меѓу кои настапот во театарот „Олимпија“ во Париз, каде Есма и Стево, со право биле наречени  „граѓани на светот“.

Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисале со брак во 1968 година. Драчевци и денес се сеќаваат на големата и весела ромска свадба, а седум дена подоцна бракот го регистрирале во Белград. Oд белградскиот аеродром почнале многу патувања на ромската музичка Кралица. Есма Реџепова, која станала популарна и поради тоа влегла во протоколот на претседателот на тогашна Југославија. За првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот  претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот лидер Гадафи, кога летувал во Титовата резиденција на Бриони.

 Esma4

Есма и Стево со Јованка Броз

Сите години заедно, сè до смртта на Стево Теодосиевски, тие одржале многубројни концерти по целиот свет, патувајќи со нивниот „мерцедес“ дури и до далечната Индија, каде што во 1976 година се прогласени за „Кралица и Крал на ромската музика во светот“. 

Тие заедно, безгранично ја сакале својата земја и во себе ја носеле и ја ширеле традицијата на македонскиот и ромскиот народ, кој како трепет е прелеан низ звуците што се шират. Нивното заедничко мото „Ако имаш две, подари едно“ било и е доследно на нивната мисија да даруваат на кого му е потребно. За жал, по 30 години брак, смртта на Стево ги разделила Кралот и Кралицата. Но, таа велеше дека тој останал постојано присутен во нејзиниот живот.

Продолжува

Slave Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.